Интервјуа

Да се биде транс во Македонија: Живот со стравови, стигма и пречки

„Семејството ме прифати, но институциите не“, вели транс маж во разговор со БИРН

„Многу ми беше страв и во главата постојано правев резервни планови во случај фамилијата да ме отфрли, ако се аутирам како транс маж“, вели во разговор со БИРН, Петар [не е неговото вистинско име], млад трансродов маж од југоистокот на Македонија.

По раѓањето му бил доделен женски пол, а сега по транзицијата има машко име, кое нема да го објавиме за да му го заштитиме идентитетот.

Петар расте во религиозна и конзервативна средина и затоа стравувал од реакцијата на најблиските доколку им соопшти за неговиот родов идентитет.

Кога доминираат „традиционалните“ вредности, ретко се прифаќаат различностите, а трансродовоста е дополнително стигматизирана. Во средини каде што родовите улоги на мажите и жените се ригидни, тешко оди прифаќањето луѓе што го отфрлаат полот што им бил одреден при раѓање.

А Петар знаел дека „нешто фали“ уште од кога бил дете.

„Капачето не одговараше на тенџерето“, ни вели.

Но, поради општествената стигма, го криел ова чувство за себе.

„Читав сведоштва и искуства од други транс луѓе, кои беа навистина загрижувачки и дехуманизирачки во исти или во слични средини. Ми всади страв дека и јас ќе бидам исфрлен.“

Но, на свои 20 години веќе не можел да издржи. Решил да му се отвори на татко си.

„Татко ми се обиде да ме смири и ми даде време да се искажам. Ме ислуша на крај и по некое време ми кажа, со смирен тон во неговиот глас, дека само сака да сум среќен и да просперирам во мојот живот.“

Петар бил изненаден од безусловната поддршка бидејќи транс луѓето ретко имаат олку позитивни приказни, особено во помалите градови. Всушност, тие се почесто отфрлени, исмевани и дури жртви на насилство токму од страна на своите семејства.

Свесен за оваа можност, тој подготвил и „план Б“ пред да им соопшти на родителите.

„Ако не бев прифатен, планирав да барам помош од шелтер центри или од Safe House. Но, за среќа, ништо негативно не се случи, па немав потреба да барам помош“.

Но, сепак, ниту приказната на Петар не е приказна за мазна транзиција без пречки и дискриминација. Нив ги има, но во неговиот случај тие доаѓаат надвор од семејството.

Една бројка, многу проблеми

Архивска фотографија од Маршот за видливост на трансродовите лица, 2022 | Фото: Ванчо Џамбаски

Само неколку месеци по неговото „аутирање“ пред блиските, почнал со хормонска терапија, земајќи тестостерон.

Транзицијата ја опишува како „втор пубертет“. Вели дека овој процес може да е различен за секој, а кај него тоа се манифестирало со карактеристики вообичаени за „машки пубертет“. Телото сè повеќе почнало да добива машки изглед, да му се задлабочува гласот и да му расте брада.

„Бргу откога почнав со тестостерон, почувствував дека сè е како што треба. Бев пресреќен што ја почнав транзицијата.“

Денес Петар носи „машка“ облека, има кратка коса и прилично изразена брада. Едноставно никој не би помислил да му се обрати со женски заменки.

Но, на неговите лични документи сè уште стои буквата „Ж“ и матичен број што означува женски пол – 455, иако тој сега има машко име и презиме. Оваа неусогласеност го доведува во непријатни ситуации. Посебно ја нагласува случката во банка при ажурирањето лични податоци откога легално го променил името.

„Ми правеа проблем поради матичниот број, кој не ми е усогласен со сите други податоци,“ раскажува Петар.

„Заедно со новата лична карта, приложив и документи дека ми е легално сменето името, решение од МВР, дека не сум кривично гонет, дека не бегам од законот, дека не го правам ова за да правам криминал или да земам бенефиции,“ објаснува Петар.

Службеничката упорно го прашувала за која личност се работи, иако Петар бил пред неа. Отишла да се консултира со менаџерот и ја немало десетина минути, создавајќи метеж.

Иако на крај се завршила услугата, додека чекал, тој се плашел дека присутните во банката може да го исмеат.

Искуството на Петар не е исклучок, туку правило за трансродовите луѓе во Македонија.

Соочени со стигма и дискриминација од околината, овие луѓе наидуваат на дополнителни проблеми кога службениците и институциите го „откриваат“ нивниот родов идентитет преку неусогласените документи.

Овој административен проблем практично влијае врз сите аспекти на нивните животи, а некогаш неусогласеноста доведува до крајно дехуманизирачки ситуации.

„Особено проблем е кога преминуваш граница. Пред извесно време, транс маж со неусогласени документи беше соблечен гол од страна на службениците.“

Конкретно се работи за транс-маж од Македонија, кој веќе почнал со хормонска терапија и имал „машки“ изглед, но типично женско име и презиме на неговите документи.

Поради променетиот изглед, службениците на српско-хрватската граница не верувале дека тој е личноста од документите, па го натерале да се соблече за да им ги покаже неговите гениталии како „доказ“ за неговиот идентитет.

Несоодветно и дискриминирачко здравство

Петар објаснува дека во последно време, отежнат е и пристапот до хормонска терапија. Во македонските аптеки често недостига залиха на тестостерон и други хормони.

„Луѓето страдаат бидејќи немаат достапност, која е неопходна за да се одржат во живот и за да функционираат како и секој друг.“

Иако зависи од личност до личност, немањето хормонска терапија или нејзиното нагло прекинување може да има негативни последици за транс луѓето. Конкретно, ја зголемува веројатноста од анксиозност, депресија и други психолошки тегоби, а може и да се појават последици по физичкото здравје.

Петар потенцира дека овој вид терапија не е важен само за транс заедницата, туку и за други луѓе што имаат здравствени проблеми поврзани со хормоните.

Додава дека Фондот за здравствено осигурување не ги покрива здравствените услуги што се специфични за транс луѓето. Односно, хормонската терапија се плаќа приватно. А за други поспецијализирани услуги, како оперции, кои се нарекуваат „операции за потврдување на родот“, многу транс луѓе мора да патуваат во странство.

Проблемот со неусогласените документи влијае и врз пристапот до здравство за транс луѓето бидејќи медицинскиот персонал често има трансфобични предрасуди.

Поради тоа, Петар избегнува да ги користи јавните здравствени установи.

„Дел од здравствените службеници што работат немаат никакво искуство или професионализам кога трансродово лице ќе се обрати за најосновната лекарска интервенција или обичен систематски преглед,“ додава Петар.

Нејасна законска рамка

Транс анктивистите и денеска излегуваат на протест | Фото: Ванчо Џамбаски

Законот за заштита од дискриминација, кој беше донесен во октомври 2020, го вклучува родовиот идентитет како заштитена категорија. Но, праксата е драстично поразлична токму поради тоа што нема соодветен закон.

„Поради тие неусогласени документи, може да не те примат на работа“, додава Петар.

Тој го потенцира проблемот со наоѓање „нормална работа“, особено во помалите градови и поконзервативните средини.

„Се водам како невработен во Агенцијата за вработување, но проблемот е кога ги приложувам личните документи, чувствувам како службениците што ги заверуваат тие податоци да ме осудуваат, да ме гледаат под око и се смешкаат во себе, се чувствува еден вид тензија во просторијата, неугодност и страв од понижување.“

„Гледам да завршам што поскоро и да не го ставам на ум тоа,“ вели Петар.

Во 2019 година, Судот за човекови права во Стразбур ја осуди Македонија поради немањето јасна процедура по ова прашање. Лицето Х – анонимен транс маж – ја тужеше државата пред меѓународниот суд поради неможност да ги промени своите документи.

Судот утврди кршење на неговите права, обврзувајќи ја државата да ја смени законската рамка и да овозможи брза, транспарентна и достапна процедура за промена на полот во личните документи на сите транс лица.

Македонија во четири години не успеа да ги исполни овие правни обврски.

Предлог-законот за матична евиденција, преку кој ќе се овозможеше транспарентно менување на документите на транс луѓето што лани требаше да се гласа, воопшто не дојде на дневен ред. Владата го повлече минатата година.

Тој ќе овозможеше промена на ознаката за пол и матичен број во личните документи само со нотарски акт и копија од лична карта поради неусогласеност со родовиот идентитет.

Опозицијата најавуваше дека нема да го гласа, но „ако го прочитаа, ќе сфатеа дека на никој не му се одземаат правата,“ вели Петар.

Марш за видливост

Архивска фотографија од Скопје Прајд 2021 | Фото: БИРН

Денеска, граѓанската иницијатива Трансформа, по петти пат го организира маршот за видливост на трансродовите лица.

Овој марш се случува секоја година на 31 март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица. Лани активистите и нивните поддржувачи маршираа под мотото „Тука сме и без закон“.

„За политичките субјекти можеби ова е интригантна политичка игра и собирање поени, меѓутоа ве уверуваме дека за трансродовата заедница, ова е единствен начин да почне да ги остварува и ужива своите најелементарни човекови права,“ порачуваат од Трансформа.

Петар објаснува дека многу транс лица не доаѓаат на маршот поради страв да не бидат откриени од семејствата и пријателите. Многумина се загрижени и за својата безбедност.

За Петар, маршот е еден вид протест, но и можност за потврда на солидарноста и поддршката.

„Друго е да се зборува дека одредени луѓе даваат поддршка за транс заедницата на социјалните медиуми, на пример, а друго е кога тие луѓе ќе ги видиш пред себе и ќе речеш дека навистина има луѓе што ќе излезат со нас“ .