Една од жешките теми во јавноста е дестинацијата од каде пристигнува заемот вреден милијарда евра, што го најави премиерот Христијан Мицкоски брзо по изборната победа.
И додека во фокусот се недемантираните гласини дека финансискиот договор ќе се склучи со Унгарија, малку се говори за што всушност ќе се потрошат големите пари.
Токму на оваа тема, меѓутоа и за судбината на популарниот проект Мој ДДВ и за креирањето на постојано растечкиот буџет на државата, БИРН кусо разговараше со министерката за финансии, Гордана Димитриеска- Кочоска.
БИРН: Најавено е директно задолжување од друга држава во договор влада со влада во вредност од милијарда евра. За што ќе се трошат парите и зошто се одлучивте на ваков извор на финансирање, а не на вообичаените извори што ги нуди меѓународниот финансиски пазар?
Затоа што добивме поволни услови, особено ниска камата за денешно време кога каматите се доста високи.
Инаку, дел од средствата ќе бидат наменети за приватниот сектор, односно 250 милиони евра од тие пари Развојната банка ќе ги пласира преку комерцијалните банки во приватниот сектор. Притоа и приватниот сектор ќе има одредени обврски доколку ги користи овие средства, како на пример, раст на количинското производство итн.
Целта е приватниот сектор да добие кредити со поволни услови.
Останатите 750 милиони евра ќе се користат за финансирање на капитални проекти. Меѓу, капиталните проекти се патот Кичево – Охрид и автопатите што ги гради „Бехтел и Енка“, потребите на АРМ согласно барањата на НАТО, проектите на општините и дигитализацијата.
БИРН: Петта година функционира проектот Мој ДДВ. Каков е планот на оваа влада, ќе опстане ли во овој проект и во каква форма?
Секако дека проектот ќе продолжи, но со многу корекции што не се поврзани со граѓаните, туку со системските решенија и начинот на работа на УЈП околу овој проект. Најважно од сѐ е дека за граѓаните нема да почувствуваат никакви промени во овој дел.
БИРН: Секој нов државен буџет е сè поголем. Какви ќе бидат вашите буџетски политики? Дали и понатаму ќе продолжи таквиот тренд или ќе имате поинаков пристап?
Јас сум убедена дека на приходна страна буџетот ќе расте како резултат на добри остварувања во економијата и борбата со сивата економија.
Во делот на расходите, сѐ што е непродуктивно треба да се скрати, а сериозно ќе се вложува во капитални проекти кои ќе носат бенефит на граѓаните. Ќе застанеме на патот на криминалот и корупцијата и од тоа исто така очекувам сериозни заштеди.