Додека српскиот претседател, Александар Вучиќ, и косовскиот премиер, Авдулах Хоти, се подготвуваа да продолжат со дијалогот меѓу Србија и нејзината поранешна покраина, и додека со низа настани се одбележуваше 25-годишнината од геноцидот во Сребреница, ветеранот на меѓународната правда на Западен Балкан, Клинт Вилијамсон, истакна дека во поранешна Југославија ќе биде тешко да се постигне одржлив мир, доколку не се повика на одговорност за воените злосторства.
„Не можеме да дозволиме ниту еден мировен процес да ги поткопа напорите за утврдување на одговорноста“, рече поранешниот обвинител, Вилијамсон, на почетокот на овој месец, во текот на дискусијата под назив, „Меѓународни напори за правда и одговорност на Балканот: Од 90-тите до денес“, организирана од Балканската истражувачка мрежа и Институтот Мекејн, на Државниот универзитет во Аризона, САД.
Иницијативата за повикување на одговорност, доколку сакате таа да има позитивен исход, бара континуирана поддршка од ЕУ и САД, иако „можноста на политичките институции (во поранешните југословенски земји) да го одржат процесот што започна во Хаг, е ограничена“.
Состанокот меѓу Косово и Србија, што кон крајот на минатиот месец требаше да се одржи во Вашингтон, неочекувано се откажа, кога Специјализираното обвинителство на Косово (СОК) со седиште во Хах, на 24 јуни објави дека подготвило обвинение против косовскиот претседател Хашим Тачи, политичарот, Кадри Весели, и други поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), која ги товари за воени злосторства и злосторства против човештвото. Тачи, во моментот на објавувањето на обвинението, беше на пат кон САД, но тој се врати назад.
Специлизираниот обвинител, Џек Смит, соопшти дека минатиот месец го обзнанил обвинението против Тачи и Весели, затоа што тие „спровеле тајна кампања со цел да се укине законот со кој се формираа Специјализираните совети како суд, како и со намера на друг начин да ја опструираат работата на судот, сѐ со цел самите да не бидат изведени пред лицето на правдата“. Обвинението е испратено на потврдување.
Обвинението против Тачи доаѓа како последна фаза во развојот на настаните, откако во 2011 година Специјалниот истражен тим на Европската унија, предводен од Клинт Вилијамсон, спроведе истрага за обвинувањата од извештајот на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти. Според неговите наводи, поранешни припадници на ОВК, учествувале во убиства, киднапирања, тортура и организиран криминал за време и по војната во Косово, во периодот 1998-1999 година.
Извештајот на истражниот тим доведе до формирање на Специјализираните совети на Косово (ССК), кои се дел од косовскиот правосуден систем, со седиште во Хаг. Една од клучните причини за формирање на овој, таканаречен Специјален суд. беше безбедноста на сведоците, истакна Вилијамсон.
„Имавме чувство дека сведоците интервјуирани за време на истрагата на Дик Марти, не веруваа дека на Косово може да се спроведе правично судење и дека може да им се гарантира лична безбедност, па затоа не беа подготвени да учествуваат во овој процес, доколку тој се одвиваше на Косово“, објасни Вилијамсон.
Безбедноста на заштитените сведоци, кои сведочеа за злосторствата извршени за време на војната во Косово, им беше проблем на сите институции, кои со години беа вклучени во гонењето на ваквите злосторства – на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), на Мисијата на Обединетите нации во Косово (УНМИК), на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС) и на судовите во Србија и во Косово.
Секој што се осмели да зборува за злоупотребите направени од сопствените сили, се сметаше за предавник на својата заедница, а некои, заради тоа, го загубија дури и животот. Како резултат на ова, малкумина се согласија да сведочат на судењата за воени злосторства, а за повеќето од нив, ова беше искуство што им донесе проблеми.
„Поради овие причини, започнавме истрага во Брисел (Специјалниот истражен тим на ЕУ), што јас ја водев, со многу софистицирани безбедносни структури и мерки, во кои беа вклучени лекциите научени од судењата на Хашкиот трибунал, УНМИК и на ЕУЛЕКС. „Знам дека ова му е најголема грижа и на мојот наследник, Џек Смит“, рече Вилијамсон.
Хашкиот трибунал е „огромен успех за правдата“
Вилијамсон, кој беше амбасадор на САД за воени злосторства од 2006 до 2009 година, беше меѓу првите обвинители кои се приклучија на новоформираниот МКТЈ во 1994 година.
„Првично, многу малку луѓе му даваа на МКТЈ некакви шанси за успех – првично консензусот беше дека Трибуналот ќе може да процесира неколку стражари на логори од понизок ранг и дека потоа ќе се затвори“, се сеќава Вилијамсон. „Во време кога ООН не можеше да гарантира испорака на хуманитарната помош во Босна и Херцеговина, идејата дека суд на ООН ќе може да притвори и да им суди на воени и политички лидери, на многумина им се чинеше бесмислена“, додава тој.
„Фактот што Хашкиот трибунал успеа во тоа е огромен успех за концептот на меѓународната правда. Тој всушност го отвори патот за судовите што следуваа. Сепак, резултатите од Хашкиот трибунал се измешани: од една страна тој успеа да ги фати поголемиот дел од „големите риби“ поврзани со војните во 90-тите години, а од друга страна, чинеше неверојатно многу, а процесите траеја предолго“, истакна Вилијамсон.
Бидејќи бројот на злосторства извршени на територијата на поранешна Југославија беше огромен, а ресурсите на МКТЈ беа ограничени, многу случаи беа префрлени на националните судови на државите каде делата беа извршени, објаснува тој.
„За време на мојот мандат се обидов да поттикнам подобра соработка помеѓу овие различни ентитети, бидејќи прекуграничната соработка е клучна за постигнување на одговорноста. Како што сите знаеме, многу од најголемите сторители извршија злосторства во една земја, а потоа побегнаа во нивната матична земја, каде што најдоа засолниште врз основа на законите со кои се забранува нивна екстрадиција“, рече тој.
„Прекуграничната соработка донесе некои позитивни резултати, но таа, исто така, е и ограничена, особено кога станува збор за БиХ, но и за Србија и за Косово“, додаде Вилијамсон.
Србија, Хрватска, БиХ и Црна Гора воспоставија одредено ниво на соработка помеѓу обвинителите, но обвинетите не ги екстрадираат и често ги преземаат или отфрлаат случаите врз основа на политички одлуки. Исто така, обвинителите немаат доволно ресурси и сè уште не се осмелуваат да поднесат обвиненија против сторители од високи ранг.
Според Иван Јовановиќ, шеф на регионалниот проект за поддршка на судењата за воените злосторства, на програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Западниот Балкан сè уште има потреба од ангажман на меѓународната заедница, особено кога станува збор за поддршката на обвинителствата и институциите вклучени во потрагата по исчезнатите лица.
„Во наредните пет години завршува периодот во кој може да се стори нешто значајно во врска со правдата за жртвите, затоа што жртвите, како и сведоците, но и осомничените, умираат, а нивните сеќавања на минатите настани едноставно, поради протокот на време, стануваат сѐ помалку веродостојни за судот“, истакна Јовановиќ на дискусијата организирана од БИРН и од Институтот Мекејн.
„За жал, на националните обвинители сè уште им е потребна техничка и политичка поддршка, така што на овој регион му се потребни шампиони од меѓународната заедница и од влијателните земји, за да комбинираат храброст, стимуланси, па дури и условеност во нивните односи со владите“, додаде тој.
Несоработката меѓу Косово и Србија обезбедува неказнивост
Сепак, најтешката ситуација е поврзана со Србија и со Косово, бидејќи нивните обвинители за воени злосторства воопшто не соработуваат. Србија, исто така, одбива да ја признае легитимноста на владата на нејзината поранешна покрина, која прогласи независност во 2008 година.
Во последниве години, значително се намали бројот на процесирани воени злосторства во Косово. На ЕУЛЕКС, кој претходно беше задолжен за гонење на воените злосторства, минатата година му истече мандатот, и предметите на воени злосторства му беа префрлени на косовското обвинителство.
Сепак, ЕУ не успеа да обезбеди договор за соработка на воените злосторства меѓу Косово и Србија, што ќе им овозможеше на обвинителите од двете земји да соработуваат без оглед на политичките тензии меѓу владите во Приштина и во Белград.
Во такви услови, кога не постои официјален договор меѓу обвинителите, косовските обвинители за воени злосторства имаат пристап само до жртвите и сторителите што се наоѓаат во Косово, додека белградските обвинители само до оние во Србија, што значително ја ограничува можноста за покренување нови и поголеми предмети.
Во повеќето случаи, сторителите се во една, а жртвите во друга земја.
Србија, во повеќето случаи, одбива да обезбеди докази и да соработува, дури и кога ЕУЛЕКС делува како посредник во барањата од Косово.
Како резултат на ова, косовското обвинителство може да се справи само со релативно мал број случаи и да се фокусира на сторителите лоцирани на негова територија.
Беким Блакај, директор на Фондот за хуманитарно право Косово, нагласи дека ова значи оти Косово и Србија придонесуваат за неказнување на воените злосторства.
„Резултатите се погубни. Само 41 лице е прогласено за виновно и осудено на Косово, осум пред Хашкиот трибунал и 17 пред српскиот суд, а помалку од 70 лица се осудени за воени злосторства извршени во Косово, и ако го споредиме ова со бројот на жртвите, тоа е само симболична пропорција“, истакна Блакај за време на дискусијата.
„Побаравме прашањето за исчезнатите лица и соработката да биде дел од дијалогот (меѓу Косово и Србија), но овие две теми никогаш не се најдоа во агендата, така што ова прашање на маса треба да го постави меѓународната заедница“, додаде тој.
Блакај смета дека меѓународната заедница треба да инвестира во изградбата на капацитетите на локалните правосудства, затоа што тие би можеле да понудат долгорочни решенија за проблемот со неказнивоста.
„Мандатот на ад хок судовите (како СВК) е ограничен, овие судови ќе бидат затворени, но проблемот со нашите домашни судови, особено во случајот со Косово, ќе остане“, објасни Блакај.
Вилијамсон предупреди дека вклученоста на меѓународната заедница, особено САД, во гонењето на воените злосторства може да изостане, бидејќи утврдувањето на одговорност не е во фокусот на сегашната администрација.
„СВК најверојатно ќе биде последниот интернационализиран процес во регионот, со што ќе заврши, во голем мерка, единствениот степен на меѓународен ангажман во воспоставувањето на одговорноста“, рече тој.
„Доколку обвинението (против Хашим Тачи и другите поранешни припадници на ОВК) биде потврдено, ќе започнеме со судења и тој процес веројатно ќе трае уште неколку години“, објасни тој, нагласувајќи: „Севкупно, зборуваме за 30 или повеќе години меѓународни напори за постигнување правда на Западен Балкан; заложбата е без преседан и многу веројатно нема да се повтори на ниту едно друго место во светот“.