Истражувањa

Државата за „џабе“ продала спорна парцела на Хотел „Солун“

Иако судот пресекол да му се врати на семејството Васовски атрактивна парцела во скопски Центар, две недели по оваа одлука државата продала дел од парцелата на хотелот „Солун“ и тоа во непосредна спогодба за 70 денари по квадрат.

„…Четири големи парцели градежно земјиште околу скопскиот централен плоштад, сопственост на повеќе стари скопски семејства повторно ги одзела државата, не затоа што некој погрешил и неправилно им ги вратил, туку заради т.н. општествен интерес… Тие што ќе градат се приватни лица и фирми блиски до власта и ова им било ветено“, во 2004 во колумна за „Дневник“ пишува тогашниот прв опозиционер Никола Груевски.

„Значи на едни приватни лица им се одзема веќе вратеното земјиште, кое власта во педесеттите години им го одзела на нивните предци, за денешната власт и државата да им го продаде на нови сопственици, блиски до власта, за да си градат хотел на најатрактивната локација… Се разбира играта е во цената на земјиштето. Ако ‘фраерот’ што ќе го купи од државата го купи од наследниците, тоа би го чинело многу поскапо…“, сликовито објаснува сега веќе експремиерот Груевски во истата колумна.

Vladimir Zdravev

Владимир Здравев

Градежната драмолетка што остро ја критикувал Груевски се репризирала десетина години подоцна и тоа на истите географски координати во центарот на главниот град, но овој пат во време кога партијата на Груевски суверено управуваше и одлучуваше со Општина Центар и со Министерството за транспорт и врски, институции задолжени за прекројување и за продавање на државното земјиште.

„Татко ми го купи имотот во 1939, сакаше да се преселиме, ама брзо се вративме во Тетово, бидејќи почнаа војната и бомбардирања“, раскажува 79 годишниот Божидар Васовски кој 15 години се бори за своето земјиште, 400 квадрати на улицата „Максим Горки“, кои социјалистичката држава ги одзела од неговото семејството уште пред половина век.

И покрај денационализацијата и судските пресуди во нивна корист, сè уште трае битка со државните институции за враќање на сопственоста врз земјиштето.

Денес четвртина од парцелата се наоѓа во дворот на хотел „Солун“, сопственост на семејството на Владимир Здравев, поранешен функционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а на остатокот од земјиштето денешната држава планира да подигне станбени згради.

Хотел „Солун“ си купил двор за двесте евра

Hotel Solun Bozidar

Божидар Васовски од Тетово 15 години чека државата да му го врати земјиштето во центарот на главниот град | Фото: БИРН

Државата ги одбила браќата Божидар и Драгољуб Васовски кога пред 15 години побарале по пат на денационализација да си го вратат имотот.

Тие веднаш се пожалиле пред Врховниот суд и тој по три години, во 2007, побарал да се повтори постапката за денационализација и ја вратил топката кај надлежната комисија.

Kомисијата подоцна одлучила дека парцелата, сепак, треба да им се врати на браќата.

И кога се чинело дека Васовски конечно ќе го добијат имотот се јавило Државното правобранителство, институција задолжена да ги брани интересите на државата. Правобранителството сметало дека браќата Васовски лажно и делумно прикажале докази, односно дека нивното семејството за време на СФРЈ добило пари за земјиштето.

По реакцијата на правобранителството комисија во 2009 ја сменила одлуката и по втор пат им го одбила барањето за денационализација на парцелата.

Не поминале аргументите на браќата дека во 1968 ги продале само објектите што се наоѓале на парцелата, бидејќи не биле предмет на национализација, додека земјиштето никако не можеле да го продадат, оти веќе било национализирано.

Голготата на Васовски продолжила сѐ додека Управниот суд на 5. септември 2012 одлучил во нивна корист, односно констатирал дека комисијата згрешила кога се премислила и не им го вратила земјиштето. Подоцна пресудата ја потврдил и Вишиот управен суд.

Сепак, браќата не ја добиле земјата.

Две недели откако Управниот суд одлучил во корист на семејството Васовски, Министерството за транспорт и врски предводено од Миле Јанакиески продало 146 квадрати од истото земјиште на Хотел „Солун“, случајно или не, семејна фирма на Владимир Здравев, тогашен претседавач со Општина Центар.

Фамилијарна фирма на Здравеви
„Солун и Иван“ е фирмата што стои зад хотелот на семејството Здравеви. Таа е формирана при крајот на 2010 година, а во времето кога го купува земјиштето за дворот, кое е предмет на денационализацијата, сопственици се таткото и чичкото на Владимир Здравев, додека управител е неговиот брат Александар.
Александар и понатаму е директор, додека како единствен сопственик во моментов се јавува Веселинка Здравева.

Продажбата била возможна бидејќи истото лето општинскиот Совет во градежната парцела за Хотел „Солун“ впишал и 146 квадрати од земјиштето што фамилијата Васовски го бара назад по пат на денационализација.

Хотелот „Солун“ купил дел од земјиштето за само 10.220 денари, односно за 70 денари по метар квадратен, искористувајќи го законското право за непосредна спогодба кое му се дава за оформување на градежна парцела доколку е веќе сопственик на најмалку 30 проценти од земјиштето определено за градба.

 

„Здравеви го купиле земјиштето, иако знаеја дека е мое, се познаваме, ние сме од соседни села во тетовско, јас од Отуње, тие од Сетуле. Илјада услуги сум им направил во Тетово, а никој не ме информираше дека ќе го купуваат тој дел од мојата парцела“, вели Божидар Васовски за БИРН.

Државното правобранителство, пак, дало зелено светло да се продаде земјиштето со образложение дека „не постојат правни пречки за тоа“.

БИРН ги праша Министерството за транспорт и врски и Државното правобранителство, зошто првите го продале земјиштето, а вторите тоа го аминувале, кога само неколку недели претходно судот одлучил да се врати парцелата на семејството Васовски.

Министерството кратко образложи дека во тој период земјиштето било државно и оти продажбата се „одвивала на транспарентен начин согласно законските прописи“.

Државното правобранителство одлучи да не говори за овој случај.

Државата им го „крие“ и остатокот од парцелата

Hotel Solun

Нејасно е што ќе прави државата со остатокот од земјишето што некогаш припаѓало на Васовски | Фото: БИРН

Меѓутоа, голготата на семејството Васовски не завршува тука, државата сѐ уште не им го дава ниту остатокот од парцелата што не го купил Хотел „Солун“.

Функционерска кариера испреплетена со судири на интереси
Од октомври минатата година 42-годишниот машински инженер Владимир Здравев е независен неизвршен член на Одборот на директори на Македонски телеком, а најпознат е како претседавач на Советот на Општина Центар кога кадрите на ВМРО-ДПМНЕ Виолета Аларова и Владимир Тодоровиќ раководеа со локалната самоуправа.
Во период од две години, од 2008 до 2010 истовремено беше и генерален директор на АД МЕПСО, државната компанија за пренос на струја. Поради тоа  реагираше Антикорупциската комисија, која констатираше дека Здравев не може да има две функции истовремено и побара во рок од 15 дена да се откаже од една „фотелја“. Тој одбра да замие од директорското место во МЕПСО.
Антикорупциска увиде судир на интереси и при впишувањето на Хотел „Солун“ во детаљниот урбанистички план за Мал ринг во Центар, бидејќи, како што тврдеше тогаш комисијата, Здравев како претседавач на општината гласал за промените на овој план, иако градежната парцела била во сопственост на неговите татко и чичко Здравко и Светислав Здравеви.

Несвесен дека државата продава дел од неговото земјиште, при крајот на 2012 еден од Божидар Васовски побарал да се впише целата парцела на негово и на името на брат му, бидејќи така налагала правосилната одлука од мај 2009. По три дена Катастарот одбил да ги запише со образложение дека дел од парцелата веќе била отуѓена.

Судот подоцна пресекол дека немало пречка на името на браќата да се впише останатиот дел од парцелата, оној кој не бил продаден, бидејќи сѐ уште бил во сопственост на државата, меѓутоа Катастарот на почетокот од годинава ги одбил и по трет пат.

Да биде ситуацијата позамрсена целата парцела се појави во годинешнава програма за изградба на државни станбени згради. БИРН не доби одговор од АД за изградба и стопанисување со станбен простор што точно ќе се гради на тоа место и што ќе се случи ако во меѓувреме Васовски и со тапија стане сопственик на парцелата, како што налагаат процедурите.

„За ова што ми го направија, ги тужам и Здравеви и државата. Побарав времена мерка за да не можат да го продаваат земјиштето, меѓутоа поминаа три месеци и судот сѐ уште ништо не одлучил“, се жали Васовски.

За сите наводи во текстот БИРН се обиде да ја контактира и втората страна, да обезбедиме состанок со Владимир Здравев. Тој не сакаше да разговара со нас на темата со образложение дека нема ништо со хотелот „Солун“, никаде не се јавува како сопственик, ниту како управител.