Во првите две години од втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија (април 2014 – април 2016 година) како купувачи на слободниот пазар се јавиле 22 државни претпријатија, а како снабдувачи со електрична енергија 4 приватни компании. Во анализираниот временски период се склучени 45 договори за набавка на струја во вредност од 1,1 милијарда денари односно 18,2 милиони евра.
Истражувањето покажа дека правото за набавка на струја на слободниот пазар го искористиле 22 од потенцијалните 28 државни претпријатија кои според процените на Регулаторната комисија за енергетика ги исполнуваа условите за тоа од април 2014 година. Станува збор за втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија во која право да купуваат струја на слободниот пазар стекнаа претпријатија со повеќе од 50 вработени и обрт од над 10 милиони евра.
Најмногу пари за набавка на струја потрошило скопското јавно претпријатие Водовод и канализација. Ова претпријатие има склучено четири договори во вкупна вредност од околу 314 милиони денари, односно 5,1 милион евра. Првиот едногодишен договор е склучен на 30 април 2014 година, по што следувале два анекси на основниот договорот, а четвртиот договор е склучен во август 2015 година за период од 12 месеци. Сите договори за набавка на електрична енергија на ЈП Водовод и канализација – Скопје се склучени со фирмата Мист Енерџи ДООЕЛ Скопје.
Второ на листата на најголеми потрошувачи на електрична енергија е Македонски Железници – Транспорт кое за периодот 2014-2016 година склучило три договори за набавка на струја. Првиот во јуни 2014 година, вториот во септември 2015 и третиот договор кој сѐ уште е во тек е склучен во декември 2015 година за период од една година. Вкупната вредност на овие договори на МЖ – Транспорт изнесуваат околу 280 милиони денари, односно 4,5 милиони евра. Сите договори се склучени со фирмата Фјучр Енерџи увоз-извоз ДООЕЛ Скопје.
Следува АД Македонска Пошта кое склучило два договори за набавка на струја, од коишто првиот во август 2014 година за период од една година и вториот во септември 2015 година за период од 2 години. Вкупната вредност на овие договори изнесува 105 милиони денари, односно 1,7 милиони евра. И двата договори на Пошта се склучени со фирмата Мист Енерџи ДООЕЛ Скопје.
Во првите пет државни институции што склучиле највредни договори за набавка на електрична енергија влегуваат и Македонски Железници – Инфраструктура со потрошени 1,5 милиони евра за период од 2 години и Јавното претпријатие за државни патишта, со потрошени 907 илјади евра исто така за период од 2 години.
Компанијата Мист Енерџи од Скопје со најмногу договори за набавка на струја
На страната на снабдувачи на државните институции со електрична енергија се јавуваат четири компании: Мист Енерџи Скопје, Фјучр Енерџи увоз-извоз Скопје, Енерџи Деливери Солушнс ЕДС Скопје и ЕВН Македонија Електроснабдување Скопје.
Линк анализа на склучените договори за електрична енергија:
Прикажани се вкупната вредност и број на договори помеѓу дадена компанија снабдувач со струја и државното претпријатие купувач и при тоа истото може да се види кога со маусот се придвижува кон линкот (линијата која ги спојува снабдувачот и купувачот). За попрецизно да се види називот на државното претпријатие може да се зумира во внатрешноста на квадратот.
Гледано според одделни компании-снабдувачи, компанијата Мист Енерџи Скопје ќарила најмногу од продажба на струја на државните фирми опфатени со втората фаза од либерализацијата на пазарот. Таа склучила вкупно 16 договори во вредност од 590 милиони денари, односно 9,6 милиони евра.
Произлегува дека 53% од вкупната вредност на договорите што во изминатите две години ги склучиле државните претпријатија ѝ припаѓаат токму на оваа скопска компанија.
Следна е компанијата Фјучр Енерџи увоз-извоз Скопје која склучила вкупно 15 договори за снабдување со струја на државните фирми, но во вредност од 400 милиони денари, односно 6,5 милиони евра. Пазарниот удел на овој снабдувач на струја кај државните претпријатија изнесува околу 36%.
Оттука, произлегува дека и покрај либерализацијата, 89% од парите што државните претпријатија ги дале за купување струја во текот на изминатите две години завршиле кај овие две компании.
Следна е Енерџи Деливери Солушнс ЕДС Скопје која склучила осум договори во вкупна вредност од 68 милиони денари, односно 1,1 милиони евра. Уделот на оваа компанија во вкупната вредност на договорите со државните претпријатија во изминатите две години е само 6%.
Најмалку договори за набавка на струја со државните фирми склучила ЕВН Македонија Електроснабдување Скопје во вредност од 59 милиони денари односно, околу 965 илјади евра. Оттука, уделот на оваа компанија во вкупната вредност на овие договори е само 5%.
Либерализацијата им го подобри бизнисот на трговците со струја
Компанијата со која државните претпријатија имаат најголем број договори за снабдување со електрична енергија, Мист Енерџи Скопје остварила најголем раст на приходите, но генерално најголемите приходи во овој бизнис ги има Енерџи Деливери Солушнс ЕДС Скопје. Ова го покажуваат годишните сметки на овие компании за 2015 година добиени од Централниот регистар, според кои четирите компании со кои што државните фирми склучиле договори за набавка на струја, минатата година ги зголемиле приходите од продажба од 15% до 92%.
Според овие наоди двете компании кои се доминантни снабдувачи на државните претпријатија сепак не се главни на вкупниот пазар на електрична енергија.
Имено, највисоки приходи лани има остварено компанијата Енерџи Деливери Солушнс ЕДС Скопје и тоа во висина од 87,2 милиони евра, што е за 14,9% повеќе од 2014 година. ЕВН Македонија Електроснабдување Скопје лани инкасирала приходи од околу 24,9 милиони евра, за 28% повисоки од годината претходно. Компанијата Фјучр Енерџи увоз-извоз Скопје прикажала приходи од 5,6 милиони евра, односно 50,6% повеќе од 2014 година, додека пак Мист Енерџи Скопје остварила приходи 2, 5 милиони евра што е раст од дури од 92%.
Што се однесува до финансиските резултати во 2015 година, три од овие четири компании прикажале добивки, додека една е во загуба.
Најголем профит во 2015 година од нешто повеќе од еден милион евра има компанијата Енерџи Деливери Солушнс ЕДС Скопје, но во споредба со годината претходно добивката и е намалена за околу 40%. Фјучр Енерџи увоз-извоз Скопје прикажа добивка од околу 336 илјади евра, што е речиси пет пати повеќе отколку во 2014 година. Мист Енерџи Скопје има добивка од 135 илјади евра и е дури 20 пати повисока од годината претходно. Во загуба е само компанијата ЕВН Македонија Електроснабдување Скопје која што пред либерализацијата имаше монопол на пазарот за снабдување со струја. Во 2015 година загубата на ЕВН Електроснабдување изнесува околу 887 илјади евра.
Им донесе ли либерализацијата на државните претпријатија поевтина струја?
Известувањата за склучените договори за набавка на електрична енергија од страна на државните претпријатијата сепак не покажуваат колкава количина на струја тие набавиле, па оттука не може да се пресмета дали периодот од две години од либерализацијата на пазарот им донесе на државните фирми поевтина или поскапа струја.
Сепак, едно истражување на Центарот за граѓански комуникации во рамките на Индексот на рационалност бр.11 вклучи и набавка на струја со цел да се согледаат првите ефекти од либерализацијата на трговијата со струја во 2014 година. Во изработката на овој индекс беа вклучени сите 16 државни институции кои во првите четири месеци од 2014 година објавиле оглас за набавка на електрична енергија. Индексот беше изработен од цените за набавка на електрична енергија од 11 институции, бидејќи ЈП Македонски шуми, ЈП Македонија пат и ЈП Водовод Куманово ги поништија тендерите, а ЈП Македонски железници – Транспорт и ЈКП Тетово не одговорија на доставените барања за информации.
Истражувањето покажа дека постојат значајни разлики во цените за набавка на струја. Притоа, тие се движеа од 3,46 денари до 6,25 денари за 1 киловат час (KWh) електрична енергија. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесуваше 1:1,81 што значи дека ЈП Македонски железници Инфраструктура струјата ја купувал по цена која е за дури 81% повисока од онаа која ја договорило ЈП Македонска радиодифузија.
Просечната цена што институциите ја плаќаа за струја изнесуваше 4,53 денари за KWh електрична енергија. Притоа, осум институции струјата ја плаќаа под просечно постигната цена, додека три од нив ја плаќаат по повисоки од просечната цена.
Засега нема официјални податоци за цената на киловат час електрична енергија која ја плаќале претпријатија во државна сопственост во првите две години од либерализацијата на пазарот. Иако предмет на ова истражување се само државните претпријатија, втората фаза од процесот на либерализација на пазарот на струја опфати и околу 250 приватни компании кои што исто така ги исполнија условите, односно имаа над 50 вработени и приходи над 10 милиони евра. Тие го стекнаа правото да избираат дали сакаат да ја купуваат енергијата од слободниот пазар или да останат на стариот модел на снабдување по регулирана цена. Проценките се дека глобално дојде до намалување на цената на електричната енергија, но со оглед на тоа што државните претпријатија трошат јавни пари потребна е подетална анализа на ефектите од либерализацијата токму на овој сегмент од пазарот.
Од 1 јули 2016 година започнува третата фаза од процесот на либерализацијата на пазарот на електрична енергија, со што право на набавка на струја на слободниот пазар добиваат вкупно 158 фирми и државни институции кои во претходната година имале вкупна потрошувачка од над 1.000 мегават часови електрична енергија. Либерализацијата треба да заврши во 2020 година со либерализација на пазарот и за домаќинствата.
Податоците во excel формат се достапни овде