Па, и не беше некој дуел на деценијата! Во манирот на „брзорастечката“ конкуренција, Канал 5 со денови помпезно нè подготвуваше за телевизиското соочување на премиерот Зоран Заев со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кое го нарече ТВ-дуел на деценијата.
Во обид да се предимензионира настанот, телевизијата пушташе најави, кои на моменти зазвучуваа како некое новооткриено евангелие.
„Дами и господа, наши сограѓани. Дојде и тој ден, денот на чистата вистина. Само вистина! Двајцата најмоќни и најхаризматичните лидери конечно ќе ги вкрстат копјата пред телевизиските камери“, повикуваше возбудениот машки глас од спотот.
Вистина е дека во последниве десет години не се изнагледавме соочувања, меѓутоа да беше ова нивниот прв дуел пред камера, а не беше, и да немаше лидерска средба пред само две недели, а имаше, можеби помпата и ќе беше оправдана.
Рака на срце видовме и некои новини, како таа дека новинарите на Канал 5 ги проверуваа фактите кажани на соочувањето и потоа ги презентираа резултатите од истражувањето. А, во текот на дуелот добивавме и информација, кој од соговорниците колку говорел точно до секунда.
Северна, само Република Македонија и јужниот сосед
Ако се има предвид дека во изедначена минутажа Заев повеќе од 20 пати го спомна новото уставно име, а Мицкоски само пет-шест пати повтори Република Македонија, со драматична пауза меѓу термините република и Македонија, повторно се доби оној впечаток дека премиерот, како и во јавните настапи, пречесто, неприродно, па дури и нападно вели „Република Северна Македонија“.
Од друга страна, пак, не можеше, а да не се забележи дека Мицкоски повеќе го љуби терминот јужен сосед отколку Грција.
На тема Преспански договор се изнаслушавме заобиколувања на одговори.
Очекувано, Мицкоски го постави прашањето за јазикот што го говори македонското малцинство во Грција, а премиерот меандрираше околу одговорот објаснувајќи дека Македонците секаде во светот зборуваат македонски, свесен дека дијаспора, не е исто што и малцинство.
„Нема да ме скараш со Грција“, му порача Заев на упорниот Мицкоски, обидувајќи се да му ја разоткрие „задната“ намера.
Мицкоски, пак, не срочи јасен став дали би го поништил договорот со Грција доколку дојде на власт, помалку навреден што новинарот на Канал 5 инсистираше на одговор. Наместо тоа рече дека ќе работел да ги намали катастрофалните последици од, како што постојано вели, капитулантскиот договор.
„И нема да престанам да го правам тоа“, додаде опозицискиот лидер.
Ако се има предвид дека во изедначена минутажа Заев повеќе од 20 пати го спомна новото уставно име, а Мицкоски само пет-шест пати повтори Република Македонија, со драматична пауза меѓу термините република и Македонија, повторно се доби оној впечаток дека премиерот, како и во јавните настапи, пречесто, неприродно, па дури и нападно вели „Република Северна Македонија“.
Остатокот од дебатата на оваа тема помина во препукувања дека од една страна опозицијата сè уште не кажува како ќе се оди во НАТО и во ЕУ без договор со Грција, наспроти тоа дека премиерот го сменил името, иако претходно се заколнал во „македонската жица“.
Падна и провокација од Заев дека по промената на државното име, ВМРО-ДПМНЕ во европското семејство на народни партии (EPP) ја прифатила кратенката NMK, која се користи само за регистарските таблички, наместо договорените MK или MKD.
„Си ја закачивте табличката“, рече Заев и зајадливо со рацете нацрта регистарска табличка закачена околу вратот.
Виси нов бојкот, Мицкоски би ги вратил осумтемина пратеници
Иако не чувме нешто што би имало децениска тежина, сепак од дуелот излегоа неколку вести, од кои барем една заслужува да се најде на насловните страници на денешните изданија на весниците.
Христијан Мицкоски изненади со одговорот со кој ја остави широко отворена можноста ВМРО-ДПМНЕ да ги врати назад во своите редови осумтемина пратеници што тој и раководството на партијата ги избркаа откако Крсто Муковски, Елизабета Канческа-Милевска и останатите гласаа за уставните промени поврзани со Преспанскиот договор.
Тука, на соочувањето обично крутиот и исклучив Мицкоски се прикажа во едно прагматично светло, а тоа и самиот го потенцираше со изјавата дека не би бил сериозен политичар, ако не размислува и за опцијата да ги врати пратениците.
Веројатно поважно е тоа што чувме дека премиерот стравува од бојкот во вториот круг на претседателските избори и дека неговиот противник не ја исклучи оваа опција, аргументирајќи оти такво нешто е нормално „доколку се повторат нерегуларностите од референдумот што досега не се истражени“.
„Кажете ми дали е нормално да се гласа во рок од неколку секунди?“, праша Мицкоски.
Водителот на дуелот успеа да извлече ветување дека премиерот ќе распише парламентарни избори во случај Стево Пендаровски да не стане претседател на државата со додавка „доколку опозицијата тоа го побара“.
Вредно за внимание е и обвинувањето на Мицкоски дека неговата партија ќе објави информации што ќе покажат дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) незаконски потрошило дел од својот буџет.
Тој се обиде и да објасни што сакал да каже со спомнувањето на Нирнбершкиот процес во контекст на пресудите за случувањата на 27 април. И, ако добро го сфативме, со несреќната паралела сакал да илустрира дека обвинетите за упадот во Собранието биле третирани небаре се нацисти, бидејќи добиле групно судење и драконски казни исто како учесниците во Нирнбершкиот процес.
Чувме дека премиерот стравува од бојкот во вториот круг на претседателските избори и дека неговиот противник не ја исклучи оваа опција, аргументирајќи оти такво нешто е нормално „доколку се повторат нерегуларностите од референдумот што досега не се истражени“.
Затоа, пак, не заборави да му „спушти“ на Заев дека, сепак, поголема навреда е да се нарече холокаустот традиција.
Дебатата доби помалку и кафеански шмек кога премиерот му рече на лидерот на опозицијата дека „мрчи“ за високите казни на учесниците во собранискиот напад и кога подоцна Мицкоски дофрли „сега вие ли ќе си зборувате“ незадоволен од третманот на водителот.
Крајот на двочасовното соочување беше своевидна реприза на првиот дуел што го гледавме лани на Македонската радио-телевизија.
Повторно ги слушавме обвинувањата за непотизам на двете страни, а теми беа и малата хидроцентрала на Мицкоски и судскиот случај во кој таткото на Заев бил обвинет за кражба на струја преку својата фирма.
Нејасно е на која деценија мислела Канал 5 кога се одлучила за насловот ТВ-дуел на деценијата, дали на ум ја имала оваа деценија што заминува или наредната, не знаеме, меѓутоа, шегата настрана, за држава во која последниот лидерски дуел се сведе на дебата околу тоа кој колку пиел, а кој бил ментално болен, соочување кое, сепак, заврши со ракување е повеќе од напредок.