Документарниот филм „Ѓина“, кој говори за една млада Црногорка, која издржувала казна во југословенскиот политички затвор на Голи Оток во 1950-тите години, е еден од ретките вакви проекти во Црна Гора, што ја обработува темата за наследството на овој затвор лоциран во Јадранското Море и неговото влијание врз семејствата на луѓето што биле затворени во него.
„Многу Југословени не знаеле за политичките логори во нивната земја, а оние што знаеле, молчеле и ги игнорирале траумите на затворениците и на нивните семејства“, вели за БИРН, режисерката на филмот, младата Црногорка, Сара Стијовиќ.
Документарниот филм е екранизација на необјавените мемоари на Ѓорѓина Ѓина Маркуш и е еден од десетте филмови избрани во рамките на програмата „La Fabrique Cinema de l’Institut francais 2020“, која им помага на талентираните млади режисери од земјите во развој, да станат попознати во меѓународните кругови.
Маркуш, прв пат, била уапсена во Цетиње, како 20-годишна членка на Комунистичката партија, за помагање на партизанското движење во Црна Гора, за време на Кралството Југославија и била затворена во фашистички логори во Албанија и во Италија.
По капитулацијата на Италија во 1943 година, таа му се приклучила на партизанското движење и била ранета во битка кај градот Никшиќ.
По втор пат била уапсена по Втората светска војна, во 1951 година. Имено, како работничка во пошта во Белград, била обвинета дека испраќање писма до непријателите на Југославија во странство, поради што била затворена на Голи Оток до 1953 година.
Голи Оток бил напуштен остров покрај хрватското крајбрежје, кој во 1949 година бил претворен во високо безбедносен затвор и работен логор, каде што главно биле затворани политички затвореници, кои биле принудени да работат и честопати биле мачени од стражарите.
Откако Југославија, во 1948 година, ги прекинала врските со Советскиот сојуз на чие чело тогаш бил Сталин, југословенската држава, предводена од Јосип Броз Тито, на Голи Оток затворала луѓе, за кои постоело сомневање дека продолжиле да го поддржуваат советскиот лидер.
Низ политичкиот логор, Голи Оток, поминале околу 16.500 луѓе, од кои 413 починале, повеќето од нив како резултат на исцрпеноста и лошите услови за живот, а некои биле убиени. Голи Оток седум години функционирал како затвор за политичките противници на режимот на Тито, сè до подобрувањето на односите меѓу Југославија и СССР.
Стијовиќ вели дека со нејзиниот филм сакала само да ја раскаже приказната за жената, која, поради политиката, ја изгубила својата младост.
„Бидејќи се родив пет децении по основањето на логорот, ги читав мемоарите на Ѓина без идеолошки предрасуди. Ја читав животната приказна на една жена, која ја изгубила својата младост и иднина“, потенцира таа.
„Мемоарите на Ѓина се историски документ, што ја покажува најголемата дамка на владеењето на Тито“, додава Стијовиќ.
Без компензација за црногорските затвореници
Откако била ослободена, Маркуш се вработила како административен работник во претпријатието „Југословенски железници“, од каде заминала во пензија. Таа пиела средства за смирување до крајот на својот живот.
Две децении по нејзината смрт во 1992 година, нејзиното семејство ги подарило нејзините необјавени мемоари на писателката, Наташа Нелевиќ, која го напиша сценариото за филмот.
Внукот на Ѓина, црногорскиот писател, Јован Маркуш, вели дека жените, на Голи Оток, биле физички и психички измачувани, исто како и мажите.
„Страдањето низ кое Ѓорѓина поминала на Голи Оток, целосно ги уништи нејзините младешки идеали, како и целиот нејзин живот“, додава тој.
„Единствената работа што тие злосторници не успеаја да ја направат, е да ја убијат нејзината душа, која остана чиста до крајот на нејзиниот живот“, истакнува тој.
Во раните 1960-ти, властите почнале да го користат Голи Оток како обичен затвор за криминалци и млади тешки престапници, сѐ до 1988 година, кога тој е затворен. Неговото постоење беше табу тема до 1980-тите години.
Во јануари 1999 година, црногорскиот Парламент усвои декларација со која го осуди постапувањето со затворениците на Голи Оток и во другите политички затвори во Југославија.
Сепак, до денес, во Црна Гора не е донесен закон за рехабилитација и исплата на отштета на затворениците на Голи Оток или на нивните семејства, иако Владата вети дека ќе го стави ова прашање во својата агенда. Хрватска, Словенија и Србија, донесоа посебни закони за ова прашање.
Сите три држави ги рехабилитираа поранешните политички затвореници и им исплатија отштета. Од 2014 година до денес, Србија им исплатила повеќе од два милиони евра на поранешните затвореници или на нивните потомци. Хрватска, пак, ги обештетила поранешните затвореници со сума од по 40 евра за секој ден што тие го поминале на Голи Оток.
Иако здружението што ги претставува поранешните затвореници побара од црногорскиот парламент да донесе закон, тоа никогаш не доби и официјален одговор од властите.
„Се надевам дека овој документарен филм ќе ги охрабри поранешните затвореници да продолжат со својата борба“, вели Стијовиќ и додава: „Ова сигурно ќе го подигне знаењето за трагичните настани од нашето минато“.