Истражувањa

„Ексико“ – најуспешниот „оф-шор“ во Македонија

БИРН истражува кој, всушност, се крие зад оваа компанија која се јавува како купувач на вредно земјиште на Водно, а индиректно фигурира и во сопственичката структура на хотелот „Ибис“ во центарот на Скопје

Поштенското сандаче на коешто пишува „Ексико“ е единствениот доказ дека во зградата на улицата „Иван Милутиновиќ“ 14/1-2 се наоѓа фирмата која во 2013 година беше во првите 20 на листата на 200 најуспешни компании во Македонија.

Регистрирана во 2001 година, оваа компанија за првпат во 2012, фигурира на листата на најуспешни на 29-тото место со бруто добивка од речиси три милиони денари. Година дена подоцна, таа се искачи на 14-тото место со добивка од над 540 милиони денари или околу 9 милиони евра.

Листата на најуспешни компании ја правел „Еуробизнис центар“, според неколку финансиски индикатори собрани од повеќе финансиски институции во Македонија.

Само поштенското сандаче на кое пишува „Ексико“ сведочи дека во зградата на улицата „Иван Милутиновиќ“ се наоѓа една од најуспешните компании со швајцарски капитал | Фото: БИРН

Само поштенското сандаче на кое пишува „Ексико“ сведочи дека во зградата на улицата „Иван Милутиновиќ“ се наоѓа една од најуспешните компании со швајцарски капитал | Фото: БИРН

Тешко е да се утврди кој, всушност, се крие зад оваа моќна компанија која се јавува како купувач на вредното земјиште на Водно од вкупно четири и пол илјади квадратни метри, а индиректно фигурира и во сопственичката структура на хотелот „Ибис“ кој беше отворен кон почетокот на месецов во центарот на Скопје.

„Не знам, доаѓаат понекогаш луѓе, си одат, ама не знам точно со што се занимава компанијата“, ни рече незаинтересирано сосетка која живее спроти седиштето на „Ексико“.

Зградата каде што се наоѓа седиштето на компанијата со мистериозен сопственик | Фото: БИРН

Зградата каде што се наоѓа седиштето на компанијата со мистериозен сопственик | Фото: БИРН

Ниту на вратата ниту пак, пред зградата нема знак дека таму е седиштето на компанијата. Се обидовме да стапиме во контакт со вработените, но кога заѕвонивме на вратата, не ни отвораше никој.

Преку Белизе, САД, до Лугано

Сопствеништвото на оваа компанија почнува од даночниот рај Белизе, преку САД, а завршува во Лугано, Швајцарија. Сиве овие години, од нејзиното формирање во 2001 година, останува ист само директорот – Тодор Мирчевски од Скопје.

Тој е релативно непознат за пошироката јавност, во податоците од Централен регистер во графата „овластувања“ е наведено: „ гимназиски матурант“, но неговото име се наоѓа во составот на Одборот на директори на градежната фирма Бетон Штип како неизвршен член заедно со бизнисменот Јордан Камчев.

Првиот сопственик на фирмата „Ексико“ е Делта Инвестмент ЛТД, оф-шор компанија со седиште во Белизе. Во 2008 година се менува сопственоста – нов газда станува Калвус ЛЛЦ од Соединетите Американски Држави. Седиштето на „Калвус ЛЛЦ“ е на улицата 41 State Street Albany 106.

Принт-скрин од Google Earth: Локацијата во САД на која што се сместени повеќе компании чие сопствеништво води кон Македонија

Принт-скрин од Google Earth: Локацијата во САД на која што се сместени повеќе компании чие сопствеништво води кон Македонија

На истата оваа адреса се наоѓа и фирмата „Финзи ЛЛЦ“ – сопственик на порталот „Нетпрес“. Имено, „Нетпрес“ е регистриран од компанијата „Нет прес ком ДООЕЛ“, која е во целосна сопственост на „Финзи ДООЕЛ“. Сопственик на македонската „Финзи“ е оваа американска компанија.

Извадок од документ од Централниот регистер за адресата на фирмата Финзи

Извадок од документ од Централниот регистер за адресата на фирмата Финзи

Од 2011 година, па до денес, „Ексико“ има нов сопственик. Од регистарот се брише сопственикот од САД, а се впишува компанијата „Т&МЈ Инвестмент СА“ од Лугано, Швајцарија.

Земјиштето на Водно и хотел „Ибис“ се само дел од бизнисите на „Ексико“

Фирмата „Ексико“ се јавува или се јавувала како сопственик на повеќе македонски компании, кои исто така се лоцирани во даночните раеви, по што станува речиси невозможно да се лоцира вистинскиот сопственик.

Во 2011 година, „Ексико“, заедно со Цветан Панделески , татко на Дејан Панделески, кумашин на министерот за транспорт Миле Јанакиески и со „Консалтинг Груп“ се јавуваат како сопственици на фирмата „Искра ММ“ . Оваа фирма сега е преименувана во „Комплекс Александрија ДООЕЛ“. Како сопственик на „Комплекс Александрија“ се јавува извесна „ОТЕ Инвест“, која е формирана од компанија со капитал од Панама.

Тука завршува инволвираноста на сопственоста на „Ексико“ во „Искра ММ“, но не и инволвираноста на оваа компанија во други фирми.

Ексико, заедно со „Орка Холдинг“ се сопственици на Друштвото за хотелиерство и туризам „Архи ДОО“, основана во 2002 година.

„Ексико“ и „Орка Холдинг“ имаат заеднички именител - фирмата Архи ДОО, сопственик на поранешната компанија „Хотел Ибис“ (сегашна „Ек-кор“)

„Ексико“ и „Орка Холдинг“ имаат заеднички именител – фирмата Архи ДОО, сопственик на поранешната компанија „Хотел Ибис“ (сегашна „Ек-кор“)

Оваа фирма ,Архи ДОО“ пак, е сопственик на компанијата за трговија, градежништво и услуги „Ек-кор ДООЕЛ“, која има исто седиште со „Орка Холдинг“ – ул.Скупи 3-A. Директор и извршен член на одборот на директори на „Орка Холдинг“ е бизнисменот Орце Камчев.

Поранешното име на „Ек-кор“ е „Хотел Ибис“. Како што објавува порталот Билд.мк, хотелот во центарот на Скопје бил пуштен во употреба кон почетокот на месецов.

„Како инвеститор во хотелот ‘Ибис’ се јавува ‘Евро балкан хотелс’, кој е и носител на франшизата“, пишува порталот.

Хотел Ибис од почетокот на месецов е отворен за примање на првите гости | Фото: Build.mk

Хотел Ибис од почетокот на месецов е отворен за примање на првите гости | Фото: Build.mk

Компанијата „Евро Балкан Груп“, сега го носи името „Кара АД“, компанија зад која исто така стои фамилијата Камчеви и е лоцирана на иста адреса со „Орка Холдинг“ – улица Скупи 3-А.

Она што е заедничко за „Кара АД“ и за „Ексико“, две од трите фирми кои се јавуваат како купувачи на четири парцели на Водно, а за кои бил менуван Деталниот урбанистички план, се и двајца бизнисмени од Швајцарија, поточно од Лугано.

Станува збор за Емилио Бинда и Фабио Армати – двајцата во одреден период (2011 и 2012 година) се членови во Одборот на директори на „Т&МЈ инвестмент“ , фирма сопственик на „Ексико“. Во истиот период, двајцата Швајцарци се и неизвршни членови на Одборот на директори на „Евро Балкан Груп“, сегашна „Кара“.

eksiko