Актуелно

Горчлива победа во „Хилтон“

Во просторот најсвежи изгледаа вештачките цвеќиња наредени по ќошињата

Пред скопски „Хилтон“ вчера најглуво беше неколку мига пред да пристигнат премиерот Зоран Заев и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Се слушаше само звукот на автомобили што се приближуваа и веднаш потоа се губеа по булеварот кон Лисиче.

Дојдоа во 23 часот, иако првично беа најавени за 8 часот и 15 минути, или како што рекоа љубезните домаќини од кампот на Пендаровски – „најкасно до осум и пол“. Прв од црниот автомобил излезе премиерот, застана, се сврте и ги причека Пендаровски и неговата сопруга од другото возило, па заедно со уште неколку министри влегоа во хотелското бифе на петминутни консултации. Таму не седнаа.

Драматично, како на филм, наредната сцена се одигра во соседниот ходник што води кон салата. Холот беше исполнет со симпатизери „заковани“ над мобилните, кои роботски ја „рефрешираа“ веб-страницата со изборните резултати. Баш тогаш, кога пристигнаа Заев и Пендаровски, како ненадеен леден провев „прошиба“ веста дека за првпат вечерта Гордана Силјановска-Давкова води пред нивниот Стево.

„За сто гласа“, промрморе една од девојките, чија улога беше да изгледа среќна на бината под слоганот „Заедно напред“.

Пендаровски и Заев пристигнаа околу 23 часот | Фото: БИРН

Премиерот и двојката Пендаровски излегоа од бифето засилени со уште по некој висок функционер и тргнаа кон бината во салата. Заев, покрај оптимизмот, на бината со себе качи и испринтан говор, кој во последен миг бил дополнуван со пенкало.

„Од проверени 98,27 отсто од гласачките ливчиња, Пендаровски води со 321.201 наспроти 316.872 на Силјановска-Давкова“, само што почна премиерот, му се изгуби гласот во партиски диригираниот аплауз од публиката.

Збунети лица и извежбани насмевки

Во часовите додека се чекаа Заев и Пендаровски, со секоја наредна секунда стануваше јасно дека возот наместо напред, како што укажуваше слоганот, тргнал по удолница за поддржувачите на Пендаровски. Музика немаше ни за лек, звуци не доаѓаа ниту од хотелските лифтови.

Во просторот најсвежи изгледаа вештачките цвеќиња наредени по ќошињата.

Директори на разно-разни агенции и по некој министер без ресор седеа стуткани по пет-шест души на сепареа за тројца во хотелското бифе и пиеја кафе и минерална вода зад огромното и црно пијано со подигнат капак. Преку чантите ставени на скут ќе погледнеа на мобилниот и ќе разменеа некоја реченица со „говорот на телото“ што шепоти: „Tоа е!“.

Неочекуваниот резултат се читаше и на збунетото лице на Амди Бајрам и во извежбаната насмевка на Љубе Бошкоски.

Кирацоски осамен пред камерите | Фото: БИРН

Неблагодарната улога да комуницира со јавноста ја имаше генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацоски. Тој на првото појавување, во 7 часот и 30 минути, со уморен поглед и со половина уста најави победа за Пендаровски и заборави да каже „северна“ пред Република Македонија.

Сопартијците мораа да го бодрат пред вториот настап цели два часа подоцна.

„Не се секирај“, му рекоа и го испратија на бината. Таму некој на глас побара „аплауз за генералниот секретар“ и се слушна силно ракоплескање. Присутните како да веруваа дека колку посилно удираат со дланките, толку полесно ќе ги избркаат лошите вести.

А, на големиот видеобим во салата само еднаш, веројатно по грешка, наместо натписот „Заедно напред“ се појави графикон со изборните резултати за потоа веднаш да го снема. И до крајот на вечерта само пулсираше црвено-белиот екран врз вжештените лица во салата.

Соочување со реалноста

Ако првичните реакции беа дека „Стево води многу – наспрема малку“ или во проценти 30 отсто, доволен беше резултат од една скопска општина за да ја скицира реалната состојба и да го згусне воздухот под хотелските сводови.

„Губиме за 1.300 гласа во Аеродром!“, на поминување нафрли еден од општинските функционери на СДСМ, дообјаснувајќи дека: „Губиме на избирачки места каде што сме победувале со двојно или повеќе разлика“.

Губеле и во Ѓорче, Кисела Вода и во Гази Баба, за Битола имаше разни информации. Присутните во хотелот се чудеа како тоа поразот бил неминовен и во Неготино и се обидуваа да се утешат дека воделе во Капиштец и тоа „два спрема еден“.

„Еј, Капиштец! Таму треба да е три наспрема еден!“, коментираа луѓето од пониските ешалони на СДСМ, кои пред влезот на „Хилтон“, преку Вибер, постојано се информираа за најновите резултати.

10.000 гласа разлика за Пендаровски беше оптимистикото сценарио | Фото: БИРН

Како сол на рана им дојде веста дека до тој момент во сдсмовското Арачиново Силјановска-Давкова освоила скромни 14 гласа.

„Gordana is leading“! Еден од активистите на СДСМ ја покажа пораката што ја добил на англиски, сакајќи да долови дека и неговите пријатели од странство се загрижени.

Околу 21 часот веќе стигнуваа информации дека во штабот на ВМРО-ДПМНЕ се слави, пеат „цело Скопје вмровски град“ и од овој момент очекувањата веќе се прилагодуваа на новонастанатата ситуација.

„Ова е добро за цензусот! Поради тесниот резултат ќе се мотивираат луѓето и ќе гласаат во вториот круг“, анализираше една група симпатизери на Пендаровски, додека соседната мораше да се согласи со ставот дека „победа си е победа“, алудирајќи на тесното водство на нивниот кандидат.

Тогаш веќе беше јасно дека победата, ако воопшто ја има, ќе биде многу тесна.

„Максимум десет илјади гласови“, рекоа оптимистите, кога на сајтот на ДИК и тоа само за момент Пендаровски се одлепи од противкандидатката за дури 16.000 гласови.

Мистеријата – ДУИ

Што се случи со албанските и со гласовите на ДУИ? Ова беше најчесто поставуваното прашање вчеравечер во хотелот „Хилтон“.

Се слушаа шпекулации дека ДУИ решиле тивко да бојкотираат и претпоставки оти дел од нивните гласачи по партиска директива заокружувале за третиот кандидат Блерим Река.

„На местата каде што ДПА е силна, таму резултатот меѓу Пендаровски и Река е пата-пата, а на местата каде што ДУИ е моќна, Река победува и со резултат од четири наспроти еден“, беа дел од анализите што можеа да се чујат вчера на „пуш-паузите“ пред хотелот.

Али Ахмети вчера не се појави, ниту, пак, некој го очекуваше. Од ДУИ во хотелот дојде само неубедливиот министер за образование Арбер Адеми, и тоа непосредно пред Заев и Пендаровски. За разлика од него, во изборниот штаб на Стево Пендаровски цела вечер беше Имер Алију, човекот што важи за десна рака на лидерот на ДПА, Мендух Тачи.