„Не беше изненадување.“
Ова е коментарот на Елиза Триантафилу, новинарка во грчкиот „Инсајд стори“ (Inside Story), на резултатите од истрагата на обвинителот на Врховниот суд, кој ја ослободи грчката разузнавачка служба од каква било одговорност за скандалот со шпионски софтвер што избувна во 2022 година.
Триантафилу беше една од новинарите што првично известуваа за тоа, а наодите од сторијата доведоа до оставка на шефот на разузнавање на земјата.
Две години подоцна, на крајот на јули, грчката Национална разузнавачка служба, EYP, беше ослободена од обвиненија за какво било прекршување на законот со истрага на обвинителството. Владата ги обвини своите противници дека ја мешаат употребата на шпионски софтвер со законски овластени прислушувања.
Грчкото обвинителство ја ослободи разузнавачката агенција од обвинение, но кривично ќе гони четири лица поврзани со компании вклучени во шпионскиот софтвер
„Се надевавме дека грчкото правосудство ќе ја заврши својата работа“, рече Триантафилу. „Сепак, обвинителската истрага што ја спроведе Врховниот суд не опфати важни новинарски наоди“.
Додека владата на конзервативниот премиер Киријакос Мицотакис сака да го „затвори“ скандалот, оние што беа таргетирани од шпионскиот софтвер „Предатор“ велат дека идентификувале сериозни пропусти во истрагата.
Сега тие размислуваат да го обжалат случајот на ниво на Европската Унија.
„Постои дебата за тоа дали истрагата била доволна, суштинска и точна, како што налoжува Европскиот суд за човекови права“, рече Захариас Кесес, адвокат, кој застапува седум жртви на „Предатор“, вклучувајќи ја и првата идентификувана цел на софтверот, новинарот Танасис Кукакис.
„Нема правично судење кога нема соодветна истрага за кривичното дело.“
Прекршочни пријави
Она што стана познато како „Predator-gate“ почна во март 2022 година, кога новинарот Кукакис откри дека неговиот телефон е заразен со „Предатор“, шпионски софтвер развиен од компанијата „Сајтрокс“, со седиште во Македонија.
Софтверот бил на неговиот телефон приближно три месеци во 2021 година.
„Инсајд стори“ и два други медиуми ја објавија сторијата, откривајќи врска меѓу владиниот генерален секретар и внук на грчкиот премиер, Григорис Димитриадис, и „Интелекса“ (Intellexa), компанија што го продаваше „Предатор“ во Грција.
А дури во јули 2022 година, преку извештаи се откри обид да се стави „Предатор“ на телефонот на Никос Андрулакис, лидер на опозициската партија ПАСОК, третата по големина партија во парламентот.
Тогаш приказната доби на внимание од јавноста.
Во 2022 беше откриен обид да се стави „Предатор“ на телефонот на Никос Андрулакис, лидер на опозициската партија ПАСОК
Исто така, се дозна дека Андрулакис посебно бил ставен под мониторинг од страна на грчката разузнавачка агенција. Владата рече дека ваквиот потег е легален, но истовремено и погрешен.
По овие откритија, Димитријадис и директорот на разузнавачката агенција, Панајотис Контолеон, поднесоа оставки. Истиот ден, Димитријадис тужеше два медиума што ги објавија извештаите, како и новинарот Кукакис.
До тој момент, обвинителството во Атина водеше истрага, но во октомври минатата година, обвинителката на Врховниот суд, Џорџија Адеилини побара случајот да биде проследен до нејзиниот заменик, Ахилеас Зисис, велејќи дека случјот е од огромно значење и дека постои ризик случајот да застари.
На 30 јули, Зисис во извештај од 287 страници објави дека разузнавачката агенција EYP беше ослободена, но најави дека четири лица поврзани со приватни компании вклучени во шпионскиот софтвер ќе бидат кривично гонети.
Според законските измени во 2019 година, пријавите ќе се гонат како прекршоци. Но, ниту еден државен орган не доби никаква казна.
Опозицијата ги нарече наодите фарса, додека новинарот Кукакис изјави за БИРН: „Не може да има такви заклучоци во случај кога сите докази се јасни.“
А Димитрис Вервересос, претседател на Адвокатската комора на Атина и Пленумот на грчките адвокатски здруженија, во авторски текст, во весникот „То Вима“, во август напиша дека на овој начин „се брише владеењето на правото.“
Можна жалба до судот на ЕУ
Како тужител, на новинарот Кукакис му беше дозволено да ги види списите на случајот. Тој и неговиот адвокат Кесес изјавија дека истрагата била спроведена со грешки.
Кукакис рече дека обвинителот Зисис го навел како случајност фактот што 27 лица што биле следени од разузнавачката агенција EYP биле истовремено таргетирани со „Предатор“, имајќи предвид дека тоа претставувало само околу 24 отсто од сите идентификувани жртви на шпионскиот софтвер.
Тој, исто така, рече дека ниту една од жртвите не била побарана да сведочи.
„Нивните мобилни телефони никогаш не биле прегледани, така што Зисис не може да знае дали се заразени“, рече Кукакис.
Грчката управа за заштита на податоци откри најмалку 225 случаи, каде што имало обиди за инсталирање шпионски софтвер преку броеви регистрирани на 87 приватни лица или вработени во различни компании.
Според известувањето на „Инсајд стори“, компанијата „Интелекса“ што го донесе софтверот „Предатор“ во Грција, била вклучена во уредувањето на текстот на меѓувладиниот договор за сајбер-безбедност меѓу EYP и нивните македонски колеги.
„Сепак“, рече Кукакис, „грчкиот Врховен суд вели дека вработен од Интелекса можеби ги давал своите услуги на EYP во улога на поединец.“
Поради ваквите недостатоци, рече адвокатот Кесес, „постои можност да се поднесе жалба до институциите на ЕУ, односно до Европскиот суд за човекови права, за неефикасно и соодветно испитување на случајот.“
Новинарите ветија дека ќе продолжат со истражување
Ниту вработените во EYP не беа безбедни од „Предатор“.
Една вработена со 17-годишно искуство во разузнавачката агенција, која зборуваше за БИРН под услов да остане анонимна, рече дека „чудните работи“ почнале да се случуваат во агенцијата откако конзервативната партија Нова демократија дојде на власт во 2019 година.
„Од нас беше барано да правиме работи што беа целосно надвор од опсегот на нашата работа“, рече таа. Поднесувала жалби и на крајот таа, заедно со уште неколку колеги, поднела тужба.
Обвинителот го навел како случајност фактот што 28 лица што биле следени од разузнавачката агенција биле истовремено таргетирани со „Предатор“
Три дена откако дала изјава пред обвинителот, рекла дека добила СМС на нејзиниот телефон со јутјуб-линк и со реченицата: „Малечко мое, се сеќаваш ли?“
„Поради мојата обука, знам дека никогаш не би требала да кликнам на таков линк“, рече вработената.
Адвокатот Кесес изјави дека е очигледно оти голем број таргетирани во владата по скандалот добиле повисоки позиции.
„Ако го погледнете списокот на луѓе што беа под надзор, сите тие беа унапредени на некој начин со последната реконструкција на владиниот кабинет“, рече тој.
Новинарите, пак, порачуваат дека нема да престанат да истражуваат.
„Нашата работа не е правна, туку е новинарска“, рече Триантафилу.
„Продолжуваме да истражуваме и ќе продолжиме да дознаваме работи и да пишуваме за нив.“