Регион

Хрватска бара Србија да не ѝ го негира јазикот

На маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Словенија, Пленковиќ разговарал со српскиот претседател, Александар Вучиќ, на кого му пренел оти сака да се корегира учебникот во кој хрватскиот, босанскиот и црногорскиот јазик, се опишани како верзија на српскиот.

„Му реков да го решат ова прашање, што се однесува на учебникот за осмо одделение за основно училиште, во кој хрватскиот јазик практично се негира. Тоа не е добро и тој е запознаен со тоа. Тој рече дека ќе види што може да направи“, изјавил Пленковиќ, пренесува Телеграм.

Пленковиќ во вторникот нагласил дека негирањето на постоењето на хрватскиот јазик во српскиот учебник, е срамно и недозволиво.

„Амбасадата (на Хрватска во Белград) и Министерството за надворешни работи имаат јасна задача да вложат протест до институциите на Србија“, истакнал тој, пренесува ХРТ.

„Очекувам Србија да го поправи тоа, такви аномалии во нивните учебници, а не гледам каква е намерата и со каква мудрост и памет тоа се случило“, додал тој.

Вучиќ вчера за медиумите изјави дека Пленковиќ го покренал ова прашање и оти тој ветил дека српските власти „ќе го разгледаат“ ова прашање.

Според новинската агенција ХИНА, локалниот неделник на хрватски јазик во Војводина, „Хрватска ријеч“, објавил дека во учебник по граматика за осмоодделенци пишува дека српскиот, словенечкиот, македонскиот и бугарскиот јазик припаѓаат на групата јужнословенски јазици, а „дека Хрватите, Бошњаците и некои Црногорци, српскиот јазик го нарекуваат хрватски, босански, бошњачки и црногорски“.

Учебникот е одобрен од Заводот за унапредување на образованието и воспитанието на Србија.

Хрватскиот министер за надворешни работи и европски прашања, Гордан Грлиќ Радман, рече дека однесувањето на српските власти е „срамно“, додека претседателот, Зоран Милановиќ, сугерираше дека Хрватска може да преземе контрамерки.

„Не можеме да одредиме што ќе пишува во книгите во Србија, но можеме да почнеме да размислуваме за реципрочни мерки … Хрватска навистина има високи стандарди за заштита и поддршка на малцинствата. Таков однос кон Хрватите во соседните земји, очигледно не постои“, наведе Милановиќ.

Според пописот од 2011 година, во Србија има 57.900 Хрвати, што претставува околу 0,8 проценти од населението во земјата. Повеќето од нив живеат во Војводина.

Наводите во српскиот учебник беа критикувани и од Институтот за хрватски јазик и лингвистика, потоа од Томислав Жигманов, претседател на Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина и од Јасна Војниќ, претседател на Хрватскиот национален совет во Србија.