Регион

Српските лидери го бранат министерот фатен во Пандорините документи

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Синиша Мали, министер за финансии и поранешен градоначалник на Белград | Фото: Министерство за финансии на Србија

Српските лидери, вклучувајќи го и претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ застанаа во одбрана на министерот за финансии, Синиша Мали, и ја обвинија истражувачката мрежа за криминал и корупција Крик дека лаже.

Нападот врз Крик дојде откако медиумот објави конечни докази од Пандорините документи дека Мали, кој порано беше градоначалник на Белград, купил 24 луксузни апартмани на бугарското крајбрежје, објавувајќи релевантен документ со потписот на Мали.

Божо Драшковиќ, поранешен член на српската Антикорупциска агенција, за БИРН, изјави дека е јасно дека српските институции нема соодветно да ја истражат корупцијата меѓу највисоките функционери.

„Институциите во овие случаи не контролираат ништо. Тие што се на власт, не ги напаѓаат луѓето што се за нив важни“, рече Драшковиќ за БИРН.

Документите до кои дојде Крик ги потврдуваат известувањата дека Мали купил 23 апартмани преку две офшор-компании што ги поседувал на Британските Девствени Острови во 2012 и во 2013.

Тој купил уште еден апартман директно на негово име. Сите заедно имаат проценета вредност на околу пет милиони евра, сума што многукратно ги надминува приходите што Мали ги пријавил.

Крик првпат во 2015 година објави дека тогашниот градоначалник на Белград купил 24 луксузни апартмани во бугарскиот ресорт Свети Никола. Според Крик, Мали останал сопственик на двете офшор-компании дури и откако станал градоначалник на Белград и не ги пријавил како имот во Антикорупциската агенција, иако законот го обврзува на тоа.

Но, Мали ги обвинуваше медиумите дека лажат и призна дека купил само еден апартман, тој што е регистриран на негово име. Тој тврдеше дека не стоел зад двете офшор-компании што ги купиле преостанатите 23.

Драшковиќ потсети дека тој беше дел од Антикорупциската агенција кога излезе аферата во 2015 година и дека директно барал да се отвори истрага, пред сè, да се проверат фактите со бугарските институции.

„Се сомневам дека било проверено. Секогаш забораваме дека институциите не се ништо без луѓето во нив. Треба да утврдиме кој побарал да се истражи случајот, тоа е клучното прашање“, рече Драшковиќ.

Мали, во вторникот рече дека новите докази биле лажни, одбивајќи да одговори на прашањата во врска со документот со негов потпис, што докажува дека тој ги поседува офшор-компаниите. Тој ги обвини новинарите дека се фокусираат на темата за 24-те стана затоа што не можат да му најдат ништо на претседателот Вучиќ.

„Ве повикувам да престанете да лажете. Не е проблем да се измисли дека јас имам 24 апартмани. Тоа не е темата. Темата е – па, каде се сметките на Александар Вучиќ? Тој, секако, нема такви сметки бидејќи тие лажат за сѐ, како што лажеа досега“, рече Мали.

Претседателот Вучиќ, кој пред неколку години рече дека би го разрешил Мали ако се докаже дека ги поседува становите, оттогаш инсистира дека ништо не било докажано од медиумите.

„Не мислам дека сте докажале. Судската пресуда покажува нешто различно од тоа што го велите. Ако излезе дека е точно, но не со вас како судии, нема проблем, ќе го исполнам ветувањето“, рече тој во конфузна изјава, без да објасни на каква судска пресуда мисли.

Премиерката Брнабиќ, во меѓувреме, рече дека „не е вистина“ дека Мали купил 24 стана во Бугарија во 2012 и во 2013 година.

„Документите без правно толкување не се доказ за ништо и нема ништо ново во однос на тоа што досега беше објавено, нема нова информација што досега не била одговорена или што не била истражена“, рече таа.

Не реагираа ниту српското обвинителство, ниту Антикорупциската агенција.

И покрај неколкуте добро документирани афери во кои беше вмешан, Мали беше поставен за министер за финансии во 2018 година. Од таа позиција, тој, исто така, ја контролира Управата за спречување перење пари. Откога тој стана министер, неколку од апартманите со кои беше поврзан во Бугарија беа конфискувани или замрзнати по наредба на банките и на локалните даночни управи.

Саша Драгојло