Регион

„Хрватски шпион“ потенцијален сведок на судењето на југословенски генерал

Поранешниот припадник на силите на побунетите Срби во Хрватска, Чедо Чоловиќ, кого Србија го осуди и затвори за шпионажа, е предложен за сведок на хрватското обвинителство, против пензионираниот генерал на Југословенската народна армија, ЈНА, Борислав Ѓукиќ, кој е обвинет за воени злосторства.

Пишува: Свен Милекиќ

Борислав Ѓукиќ / Фото: Јутјуб

Борислав Ѓукиќ / Фото: Јутјуб

Од Окружниот суд во Сплит потврдија дека Чедо Чоловиќ, кој се наоѓа во затвор откако српските власти го осудија за шпионажа, е предложен за сведок на обвинителството, кое поднесе обвинителен акт пред овој суд, против поранешниот генерал на ЈНА, Борислав Ѓукиќ, кого го товари за воени злосторства извршени во 90-тите години, објави во среда хрватскиот весник „Јутарњи лист“.

„Окружното државно обвинителство го предложи Чедо Чоловиќ, за сведок на обвинителството, во предметот на овој суд против поранешниот генерал на ЈНА, Борислав Ѓукиќ, и уште седум други лица, обвинети за воени злосторства против цивилното население“, изјави за „Јутарњи лист“, Соња Чуле, портпарол на Окружниот суд во Сплит.

Според весникот, како поранешен потпоручник на војската на тнр. Српска автонимна област, самопрогласена српска територија во Хрватска, Чоловиќ се смета за важен сведок.

57-годишниот Чоловиќ, кој има и хрватско и српско државјанство, беше уапсен во почетокот на септември во Србија.

Вишиот суд во Белград ја прифати спогодбата за признавање на вината и го осуди Чоловиќ на три години затвор. Судот не даде никакви други детали во врска со неговите наводни активности.

Пензионираниот генерал, Борислав Ѓукиќ, воен командант на 221 моторизирана бригада на 9-тиот Кнински корпус на ЈНА, подоцна и генерал на војската на тнр. Република Српска Краина, е обвинет за давање наредба за артилериски и пешадиски напади на областа околу Шибеник, меѓу август 1991 и август 1995 година.

Тој моментално се наоѓа во притвор, откако во јули 2015 година беше уапсен во Црна Гора и екстрадиран во Хрватска во март следната година, врз основа на потерница издадена поради постоење на обвинение дека е одговорен за минирање на браната Перуќа кај Сињ, на 28 јануари 1993 година.

Заедно со Ѓукиќ обвинети се уште седум други поранешни офицери на ЈНА. Капетан Илија Пријиќ, капетан Слободан Вујко, полковниците Јован Грубиќ, Милорад Радиќ, Драган Харамбашиќ, Петар Андриќ и Владимир Давидовиќ.

Тие не се наоѓаат во Хрватска и судот допрва треба да одлучи дали да им се суди во отсуство.

Државното обвинителство тврди дека обвинетите знаеле дека нивните потчинети систематски го тепале, малтретирале, силувале, мачеле и го убивале населението од хрватска националност, како и дека ја уништувале и палеле нивната приватна сопственост и верски објекти.

Тие се обвинети дека не го запреле и казниле насилството. Вкупно биле убиени 118 цивили, 5 жени биле силувани, голем број цивили протерани, а нивниот имот уништен, стои во обвинението.