Извештај

ИРИ: Помалку од еден процент скопјани целосно задоволни од Арсовска

Јавниот превоз најголем проблем во главниот град

Немањето решенија, пред сѐ за градскиот превоз, доведе до тоа помалку од 1 процент од скопјани да бидат задоволни од работата на скопската градоначалничка Данела Арсовска. Една и пол година откако дојде на оваа функција, над 70 проценти од скопјани се незадоволни од сработеното.

Ова го покажа последната анкета на Интернационалниот републикански институт – ИРИ спроведена во април годинава.

Според неа, 18 проценти од скопјани се делумно задоволни од работата на Арсовска, а 9 проценти не дале одговор. На прашањето дали на Скопје му треба друг градоначалник, мнозинството од 53 проценти одговориле позитивно.

Споредено со претходната ИРИ анкета, направена лани во октомври, ова се двојно полоши резултати за скопската градоначалничка. Тогаш главно задоволни од работата на Арсовска беа 39 проценти од испитаниците од Скопје.

Споредбата на двете анкети покажа и дека во шест месеци, јавниот превоз успеа да ги истисне зад себе сите други проблеми на жителите на главниот град.

Извор: ИРИ

Во последната ИРИ анкета, дури 30 проценти од испитаниците од Скопје го наведуваат како еден од двата најсериозни проблеми со кои се соочуваат скопјани, наспроти 13 проценти во октомври. Зад него овојпат останаа урбаното планирање, криминалот,  корупцијата кај локалната власт, но и аерозагадувањето и комуналните проблеми.

Паркирани автобуси пред Влада поради штрајк во ЈСП | Фото: БИРН

За разлика од резултатите во Скопје, на национално ниво, повеќе од половината испитаници одговориле дека се задоволни од работата на нивниот градоначалник, слично како и во лани октомври.

Ако се погледнат претходните анкети, незадоволството од градоначалниците преовладувало во 2021 година, што се покажа на локалните избори, кога мнозинството од општините отиде во рацете на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, што беше причина и за оставка на тогашниот премиер Зоран Заев.

Анкетата покажа дека довербата оти работите се движат во вистинската насока е двојно поголема за општинско (28 проценти) отколку на национално ниво (14 проценти). Најголеми оптимисти се во жителите на четвртата изборна единица, во која влегуваат и градовите Прилеп, Струмица, Кавадарци, Гевгелија, Радовиш, Дојран и Неготино.

Во тие градови има и најголема доверба дека општината ќе им помогне во решавање на локалните проблеми. Седумдесет проценти од овие жители се уверени во тоа.

На национално ниво, пак, граѓаните се поделени во своите очекувања за однесувањето на општината кон нив во различни ситуации, кога би комуницирале со неа. Четириесет и девет проценти од испитаниците сметаат дека општината ќе им одговори доколку ја информираат за локален проблем во нивното соседство, додека 44 отсто не сметаат дека тоа е веројатно.

Анкетата покажа и дека ако се разгледува перформансот на општината во одделни области, повеќе од половината испитаници изјавиле дека се незадоволни од услугите за водовод и канализација, од вадењето документи, но и од јавната хигиена.

Последното деновиве стана топ тема во главниот град, откако поради штрајк во јавното комунално претпријатие, веќе трет ден има проблем со собирање на ѓубрето во Скопје.

Полни контејнери во Скопје поради штрајк во ЈП „Комунална хигиена“ | Фото: БИРН

Резултатот беше преполни контејнери и силна смрдеа поради летните горештини. Штрајкот беше за повисоки плати и враќање на работа на отпуштените колеги.

Без поддршката на партиите, Арсовска и овојпат тешко го менаџира проблемот. Работата отиде дотаму градоначалници од скопски општини да организираат собирање смет со помош на колеги по партија од други општини, а Градот да бара полициска асистенција за комуналните камиони да излезат да собираат смет. Обвинувањата за тоа кој е виновен, доаѓаат од сите страни.

Слично како и со јавниот превоз,  меѓупартиските пресметки повторно се прекршија на грбот на граѓаните, правејќи основа за следната ИРИ анкета, комуналните проблеми да се искачат на врвот на листата во главниот град.

Анкетата на ИРИ е направена меѓу 8 април и 4 мај, на примерок од 1.204 испитаници. Од нив, нешто под 400, биле од Скопје.