Интервјуа

Ивановска: Предизборниот популизам е отпорен на закони

Постојано се бара некаков начин да се изигра законот, вели во интервју за  БИРН, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска

  • 2
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Како Антикорупциската комисија ќе ги избере оние стотина до 150 судии и обвинители, чиј имот ќе го проверува годинава? Дали комисијата добива квалитетни инсајдерски информации од укажувачи? До каде се високопрофилните предмети што лани ги отвори Антикорупциска и зошто порталите се потенцијални точки на корупција преку кои може да се „испумпуваат“ пари од буџетот?

Ова се само дел од прашањата и дилеми за кои разговаравме со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска.

Повод за средба беше и тоа што се наближува една година откако Собранието го избра новиот состав на Антикорупциска на еден потранспарентен начин од вообичаеното. Кандидатите за членови на ДКСК беа сослушувани на јавни седници во Парламентот.

На тапет судиите за кои има поплаки

Откако во неколку предмети на СЈО застареа делата или, пак, судењата почнаа одново, експремиерот Зоран Заев повторно ја отвори темата за ветинг на судии, а во видеообраќање побара Антикорупциската комисија да го провери имотот на главните актери во македонското правосудство.

Прашана од новинарите како ќе постапи по ова барање, Ивановска најави дека комисијата ќе ги проверува имотите на судиите, но и на обвинителите зошто и онака тоа го предвидела во овогодинешниот план.

Таа за БИРН објасни дека сите анализи покажувале оти правосудството е една од најкритичните корупциски точки во општеството и уште поважно за неа – комисијата добивала многу претставки за судии од граѓани кои не биле задоволни од судските одлуки.

 „Цела година се таложат такви предмети. Се обраќаме до Судскиот совет, а неколку предмети со записник предадовме во МВР“, вели Ивановска.

„Сакам да кажам дека судиите не ни се нова тема и не треба Заев да ни каже оти треба да постапуваме.“

Главната дилема е како Антикорупциска ќе го избере примерокот на судии и на обвинители чиј имот ќе го проверува, зошто и далеку поголеми институции со посериозен капацитет од комисијата не можат во 12 месеци да проверат имот на 600 или на 700 лица.

„Изборот на судии и обвинители што ќе ги истражуваме треба многу внимателно да се направи. Не сакам никој да помисли дека некој намерно е ставен во примерокот и сакам да се отстрани каков било субјективизам.“

Ивановска за БИРН открива дека во примерокот сигурно ќе влезат судиите за кои комисијата добивала претставки од граѓани. Понатаму, Антикорупциска побарала Судскиот совет да ѝ ги достави статистиките за судиите во кои има евиденцијата на поплаки за нивната работа, информации за тоа кој од судиите колку време чува предмети и слично.

И ваквите податоци ќе ѝ помогнат на комисијата да ги избере оние стотина или, како што вели претседателката на ДКСК, максимум 150 судии и обвинители што ќе ги проверува.

„Тоа треба многу внимателно да се направи. Не сакам никој да помисли дека некој намерно е ставен во примерокот и сакам да се отстрани каков било субјективизам.“

Антикорупциска веќе ги испитуваше имотите на судиите што беа нотирани во извештајот за човекови права на американскиот Стејт департмент за 2018 година. На таа листа се најдоа судијките Светлана Костова и Софија Лаличиќ, чии гласови се слушаа во „бомбите“, поранешниот прв човек на скопска единица Владимир Панчевски, експретседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски и некогашната членка на Судскиот совет, Александра Зафировска.

Како што ни објасни Ивановска, комисијата ги проверила нивните имоти уште минатата пролет, по што предметите ги отстапила на Финансиската полиција. Антикорупционерите тогаш не забележале нешто посебно сомнително, но морале да ги пратат предметите во Финансиската полиција за подетално да им се разгледуваат и банкарските сметки на судиите. Комисијата немала луѓе обучени за таа работа.

Ивановска очекува дека најмногу за еден месец оттаму „ќе излезат со информации“.

Никој не ги контролира порталите за време на избори

„Сето она што е влијание врз гласачкото тело не треба да се прави во овој период“ | Фото: БИРН

За нешто повеќе од два месеца граѓаните ќе го гласаат новиот парламентарен состав. Законот вели дека од денот на распишување на изборите до нивното завршување не смее да се удираат камен-темелници, да се вршат вонредни исплати од буџетот и да се вработува во администрацијата.

 А, обврска на ДКСК е да следи колку властите ги почитуваат овие ограничувања.

Сепак, двете искуства со таканаречената пржинска влада, сегашното и она од 2016 година, покажуваат оти властите почнуваат со предизборието и со популистичките мерки уште од првиот ден на техничките премиер и министри.

Па, така во овој период се зголемија пензиите, власта планира да отпишува и да репрограмира долгови на граѓани, сака повторно да овозможи легализација на дивоградби, ќе субвенционира по 120 денари за оброк на студентите и да воведе додаток од 3.000 денари за младите до 23 години што работат во производство и во земјоделие.

Иако законот е јасен и според него Антикорупциска нема ингеренции да реагира во овој период, сепак никој до сега не можеше да ја спречи комисијата јавно да го осуди популизмот на државна сметка.

„Планираме да излеземе и да кажеме дека ова не треба да се случува. Законот нѐ ограничува за да можеме нешто друго да направиме.“

„Вие не ги набројавте огласите за вработување. Еден куп огласи има! Значи, сето она што е влијание врз гласачкото тело не треба да се прави во овој период. А, ова е начин да се влијае врз гласачите“, смета претседателката на Антикорупциската комисија.

Поголем дел од овие популистички решенија се спроведуваат преку промени на законите, а ДКСК има задача да врши антикорупциска проверка на регулативата.

 „Преку порталите може да се испумпуваат повеќе пари од буџетот, постои ризик да се предимензионираат објавите“.

„До луѓето е што сакаат да влијаат врз гласачите, па како и да е ќе изнајдат начин за да извршат влијание. И ова можеби ќе биде дел од закон и нешто друго да се измисли. Постојано се бара некаков начин да се изигра законот, а факт е дека не може секој детаљ да се предвиди во закон“, вели таа.

Од 2018 година, секоја партија или коалиција имаат законска можност да добие од буџетот по 110 денари по гласач, што теоретски значи оти секоја партија или коалиција може да потроши околу три милиони евра.

Според информациите на БИРН, меѓу партиите постои џентлменски договор да не се искористуваат сите пари, меѓутоа Државната изборна комисија, која им ги исплаќа овие пари, за следниве избори подготвува рекордни 6,5 милиони евра за партиска пропаганда.

Ивановска смета дека во контекст на трошењето буџетски пари за кампања, порталите се ризичната точка, зашто никој не следи што и колку објавуваат во предизборието. Агенцијата за медиуми (АВМУ) не е вклучена во надзорот на онлајн-медиумите и му се верува само на медија-планот што го доставуваат порталите.

„Затоа преку нив може да се испумпуваат повеќе пари од буџетот, постои ризик да се предимензионираат објавите.“

Претседателката на ДКСК вели дека, покрај тоа што треба да се воведе контролен механизам за порталите во период на избори, треба да се определи и кои сѐ онлајн-медиуми може да учествуваат во кампањата.

„Добра појдовна основа за тоа е регистарот на портали на Советот на етика што го промовираше Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).“

Надзорните одбори замижуваат пред непотизмот

„Записниците од Надзорните одбори се разочарувачки“ | Фото: БИРН

Овој состав на Антикорупциската комисија, кој го води Билјана Ивановска, минатата година се прослави со случаите за непотизам и партиско вработување во државните фирми и институции.

Комисијата констатираше дека се вработувало преку злоупотреба на дискреционите овластувања на директорите и затоа Ивановска во една пригода најави дека ДКСК ќе проверува зошто надзорните одбори на институциите што имале ваков проблем не утврдиле одговорност кај раководителите. И со тоа непотизмот да го издигнат од индивидуален проблем меѓу директорот и блискиот што го вработил на системски проблем на една цела организација.

Првата антикорупционерка потврдува дека ги добиле записниците на надзорните одбори.

„Записниците се разочарувачки“, вели Ивановска, делејќи го зборот „разочарувачки“ на слогови.

„Не произлегува суштина од записниците. Едноставно кажуваат ние не откривме одговорност и толку, нема аргументи!“

Таа вели дека во овој случај, сѐ што може Антикорупциската да направи е да ги извести Собранието и Владата. Комисијата планира да отвори дебати на оваа тема, како што вели претседателката, едноставно да го изнесе уште еднаш срамот во јавноста зошто друга алатка, според неа, ДКСК и нема.

Антикорупциска отвори неколку високопрофилни случаи, меѓу кои и оној за набавката на опрема во државното акционерско друштво за воздухопловна навигација М-НАВ, кој го инволвира и владиниот генерален секретар Драги Рашковски.

Ивановска информира дека заедно со Државниот завод за ревизија ја испитуваат оваа сложена јавна набавка, документите од овој случај се спакувани во четири големи кутии веднаш до бирото на претседателката. Деновиве ќе утврди до каде е Јавното обвинителство со истрагата за истиот случај и потоа комисијата ќе одлучува дали целосно ќе го отстапи овој случај на обвинителството, за да не се удвојуваат истрагите.

БИРН, пак, минатата година објави и дека поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски, брзо по заминувањето од функцијата, купил нова куќа од 400 квадрати. Куќата ја градела фирма за производство на органска храна, која имала минимална финансиска активност и не е познато дека воопшто се занимавала со производство или со каква било трговија на храна.

Ивановска уште тогаш најави дека Антикорупциска ќе се занимава со овој случај, меѓутоа до сега нема информации дали комисијата го испитува новиот имот на Коце Трајановски. Сега таа вели дека по допрениот глас, ДКСК отворила предмет.

„Почнувајќи од октомври, па до крајот на годината бевме окупирани со изработката на Националната стратегија за антикорупција, па сега малку повеќе ќе се концентрираме на предметите.“

 Претседателката е задоволна од соработката со институциите и како тие ѝ ги доставуваат информациите, меѓутоа истото не може да го каже и за Јавното обвинителство. Пред неколку месеци, таа се конфронтираше со обвинителството обвинувајќи го дека сѐ уште работи по нарачки.

„За два случаи не ни дадоа добро образложение зошто ја отфрлаат нашата иницијатива“, образложи Ивановска.

Првиот случај се однесува на ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски. Антикорупциска тврди дека Јанкуловски го прекршил законот зашто не го ставил во мирување работното место како лекар кога станал ректор. Ивановска смета дека не е професионално обвинителството да го земе предвид само неговиот исказ оти „така правеле и претходните ректори“, а да не образложи дали е или не е прекршен законот.

„Се работи дали се почитува законот или не, а не дека и претходните ректори го правеле истото.“

„Договор на Јанкуловски со Ректоратот не е во согласност со законот. А, сѐ што сакам јас е да добијам образложение зошто обвинителството смета дека не е прекршен законот!“

Другиот случај што ја конфронтираше Ивановска со обвинителството се однесува на градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски. Комисијата дала иницијатива за кривично гонење на градоначалникот зашто, според ДКСК, тој ја злоупотребил својата должност со тоа што вработил роднина.

„Добивме одговор од Јавното обвинителство од Прилеп дека тоа не претставувало злоупотреба на службената позиција!?“

Додека во светот „свиркачи“ ги тресат фотелјите на моќници, каков што е американскиот претседател Доналд Трамп, во Македонија дури од пред неколку години е воведена можноста пријавувачот на корупција да биде заштитен како укажувач со посебен закон.

Сепак, Ивановска е задоволна што сѐ повеќе луѓе од институциите се одважуваат и откриваат квалитетни инсајдерски информации поврзани со корупција. Досега имало околу дваесет случаи што биле пријавени од укажувачи и пет или шест од нив веќе се сработени и на првата наредна седница Антикорупциска ќе информира дали ќе отвора предмети по нив.