Истражувањa

Јавните претпријатија најмногу донираат на Црквата и на своите синдикати

Истражувањето на БИРН покажа дека најмногу донации од јавните претпријатија добивале МПЦ, претежно во пари или за тековни потреби, синдикалните организации во рамките на компаниите и неколку здруженија на граѓани на кои им се донира секоја година

Македонската православна црква добива најмногу донации од јавните претпријатија, покажа истражувањето на БИРН

Македонската православна црква добива најмногу донации од јавните претпријатија, покажа истражувањето на БИРН

Македонската православна црква добива најмногу донации од јавните претпријатија, покажа истражувањето на БИРН што го направивме користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Испративме барања до 30-тина компании со државен капитал во земјава за тоа каде сѐ биле донирани пари од сметката на компанијата. Одговори добивме само од половината од нив.

Освен епархиите, најмногу донации добивале и синдикалните организации во рамките на компаниите и неколку здруженија на граѓани на кои им се донира секоја година.

Македонски шуми ги греат македонските манастири

Испративме барања до 30-тина компании со државен капитал во земјава за тоа каде сѐ биле донирани пари од сметката на компанијата. Одговори добивме само од половината

Испративме барања до 30-тина компании со државен капитал во земјава за тоа каде сѐ биле донирани пари од сметката на компанијата. Одговори добивме само од половината

Од донациите на „Македонски шуми“ може да се види дека редовно, секоја година, се одвојуваат дрва за огрев на епархиите во рамките на МПЦ, како и за изградба на нови простории.

Според податоците што ги добивме, од 2010 година до 2014 година, донации од дрва добивале Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител во село Ростуше, 15 кубици дрва биле дадени за изградба на трпезарија во црквата Св. Богородица од селото Марена, Кавадарци и за Пресвета Богородица од Берово. Донации од дрва биле дадени за изградба на црква во селото Таринци, изградба на трпезарија во храмот Св. Атанасиј Велики во село Витолиште, за реконструкција на манастирот Свети Јован Крстител, за доградба на трпезарија на црквата Св. Врачи – Кузман и Дамјан во селото Плетвар, Прилеп итн.

Единствените донации од дрво што ги дале „Македонски шуми“, а не се наменети за МПЦ во последниве 4 години се за граѓанското здружение „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, Црвениот крст, Детската амбасада и за Шумарскиот и Факултетот за ликовни уметности.

„Дрисла“ донира за спортски игри, носии и филиграни

Дрисла – Скопје од 2010 до 2013 година донирало речиси 30.000 евра за синдикалната организација на претпријатието | Фото: www.drisla.mk

Дрисла – Скопје од 2010 до 2013 година донирало речиси 30.000 евра за синдикалната организација на претпријатието | Фото: www.drisla.mk

Друштвото за депонирање на комунален отпад „Дрисла – Скопје ДОО“, според податоците добиени преку Законот за пристап до информации од јавен карактер, од 2010 до 2013 година донирало речиси 30.000 евра за синдикалната организација на претпријатието.

За 415.000 денари биле спонзорирани спортските игри „Комуналијада“, истата сума била одвоена за „остварување, унапредување и промовирање на спортот, риболовот и крводарителството“, а во 2013 година како донација биле дадени 200.000 денари за новогодишни пакетчиња и влезници на фестивали, како и за рекламен материјал по повод 50-годишнината од земјотресот во Скопје.

Друштвото за депонирање комунален отпад, слично како и „Македонски шуми“, давало голем број донации на МПЦ. Околу 60.000 денари биле дадени за изградба на конаци во манастирот Св. Ѓорѓи, 120.000 денари за возобновување на конаците во манастирот Св. Гаврил, 30.000 денари за обнова на застарениот безбедносен систем во манастирот Св. Димитрија во село Сушица итн.

„Дрисла“ минатата година се јавува и како донатор-спонзор на Меѓународната боксерска ревија со 915.000 денари, секоја година го спонзорира Здружението на граѓани „Илинденски марш“ за Илинден, културно уметничкото друштво „Никола Вапцаров“ добива донации за настапи и спонзорства за изработка на носии, а донација добива и друштвото МАК Филиграни за одржување на фолк фестивалот „Филиграни“.

Друштвото за комунален отпад минатата година го спонзорирало и Здружението на граѓани Боксерски клуб Водно со 915.000 денари за одржување на меѓународната боксерска ревија.

Новогодишни пакетчиња и подароци за 8 Март

Водовод и канализација најголемиот дел од донациите во последниве четири години ги наменило за синдикалната организација во компанијата

Водовод и канализација најголемиот дел од донациите во последниве четири години ги наменило за синдикалната организација во компанијата

Јавното претпријатие Водовод и канализација најголемиот дел од донациите во последниве четири години ги наменило за синдикалната организација во компанијата, односно за учеството на вработените на работно-спортските средби „Комуналијада“. Во 2010 за оваа намена биле потрошени 1,6 милиони денари, а во 2011 и во 2012 година околу 2,1 милион денари.

За набавка на новогодишни пакетчиња за децата на вработените во компанијата била дадена донација во вредност од 500.000 денари во 2012 година и 350.000 денари во 2011 година. Истото ова го практикува и Друштвото за депонирање комунален отпад „Дрисла“ кое, на пример, има донирано 30.000 денари за подароци за 8 Март на синдикалната организација.

Инаку, членот 11 од Законот за спонзорства и донации предвидува дека целта на донацијата и спонзорството е „остварување, унапредување, промоција и поддршка на дејностите од јавен интерес“.

Понатаму, во Законот се вели дека „донација се дава на примателот со цел да се задоволат неговите декларирани, јавно утврдени потреби и цели или да се решат одредени состојби и проблеми“.

Неизвесно останува како новогодишните пакетчиња спаѓаат во остварување, унапредување, промоција и поддршка на дејности од јавен интерес.

Најголемата донација е за Панорамското тркало

Агенцијата за електронски комуникации не одговори на нашето барање за пристап до информации од јавен карактер за тоа каде сè биле дадени спонзорства и донации. Сепак, познато е дека една од најголемите донации досега потекнува токму од АЕК, која лани во септември најави дека ќе му донира еден милион евра на ЈСП за изградба на Панорамското тркало покрај Вардар.

ЈСП, претпријатието кое работи со загуби, го гради Панорамското тркало кое е предвидено да чини 18 милиони евра и ќе се гради до 2019 година. Според податоците што ни беа испратени од ЈСП, за 2013 година Управниот одбор го овластува директорот да ги одобрува спонзорствата во износ не поголем од 1,6 милиони денари за цела година на поединечни барања за спортски, културни, научни и социјални цели.

Одговорот на ЈСП не содржеше податоци за тоа каде сè биле донирани средства.