Без оглед на информациите што економскиот новинар Танасис Кукакис ги споделуваше со своите читатели, тоа не беше сосема доволно. Некој сакаше повеќе. Двапати во период од две години биле пресретнати неговите телефонски повици. Кукакис дознал за првото пресретнување во јули 2020 година, кога му биле врачени неколку транскрипти од неговите повици.
Во еден од нив бил документиран разговор со тогашниот дописник на весникот „Фајненшл тајмс“, кој соработувал со Кукакис. Разговорот се одвивал додека грчкиот новинар чекал да ја земе ќерка си од училиште. Таму каде што не се слушало поради бучните детски гласови, на транскриптот било означено како „неразбирливо“.
Кукакис ги добил транскриптите на состанок од свиркач. Атина во тоа време беше помеѓу карантини, а маските што тогаш беа задолжителни, ја зголемија тензичната атмосфера. Кукакис вели дека првично бил бесен кога открил дека му била нарушена приватноста – но потоа проработеле неговите професионални инстинкти.
„Си реков, во ред, ова е почеток на големо новинарско истражување“.
Прислушувањето на телефонот на Кукакис се покажа само како врв на ледена санта, чии размери почнаа да се покажуваат дури минатото лето. Тогаш владата на премиерот Киријакос Мицотакис беше преплавена со тврдења дека шпионирала телефони на новинари, опозициски политичари, олигарси и највисоки државни функционери.
Во медиумите овој скандал беше спореден со Вотергејт. Владата беше фатена на дело како ги прекршува основните демократските норми – ја поткопува приватноста, слободата на медиумите и владеењето на правото.
Владата ги отфрли обвинувањата, или, во некои случаи, се огради од многу од тврдењата. Во пресрет на изборите, ја минимизираше важноста на прислушувањето и загриженоста околу приватноста, тврдејќи дека гласачите што се борат со зголемената инфлација и трошоците за енергија треба да ја оценат владата првенствено за начинот на кој управувала со економијата.
На 21 мај десничарската партија на Мицотакис, Нова демократија ги прегази своите противници на изборите, обезбедувајќи повеќе од 40 отсто од гласовите. А сега се очекува и да добие целосно мнозинство во вториот круг, закажан за 25 јуни. Успехот на владата се припишува на недовербата што гласачите ја имаат кон левичарската опозиција Сириза, како и на нивната верба дека посткризното економско закрепнување ќе донесе широки општествени придобивки. Скандалот со прислушувањето можеби не му помогна на премиерот, но, исто така, не го ни повреди на значителен начин.
Зошто толку многу Грци избраа да се држат до Мицотакис?
„Па, нормално заради економијата“, рече Тасос Телоглу, новинар кој известуваше за скандалот со прислушувањето за истражувачкиот медиум „Инсајд стори“.
„Економското закрепнување што почна во 2018 година се забрза под оваа влада“. Освен тоа, рече тој, Грците имаат тенденција да не гледаат на прислушувањето како на изборно прашање.
„Луѓето мислат дека тоа не ги засега, тие мислат дека е вродено во природата на политичката моќ. Голем дел од електоратот е повеќе заинтересиран за содржината на она што се открива преку прислушувањето, а не за самата практика“.
За време на ковид-пандемијата, владата на Мицотакис беше обвинета дека ги споделувала податоците на грчките граѓани без соодветни заштитни мерки, кога потпишала избрзани договори со технолошките гиганти од Силиконската долина, со цел да ги одржува јавните услуги за време на карантините. Обвинувањата – отфрлени од владата и од технолошките гиганти – имаа мало влијание врз јавната сфера.
Исто така, имаше мал интерес од јавноста и од медиумите кога за првпат се дозна дека владата ги прислушувала новинарите што работеле за мали или за меѓународни медиуми. Медиумите почнаа да зборуваат за „грчки Вотергејт“ дури кога скандалот се прошири, пишувајќи за истакнати личности од бизнисот и од политиката.
Во време кога повеќе од половина од глобалното население има профил на социјалните медиуми, амбивалентноста во врска со дигиталното прислушување не е невообичаена. Грчката влада, исто така, е далеку од единствената што ги користи технолошките гиганти за да управува со огромниот куп податоци генерирани од јавниот сектор.
Една од фирмите со кои склучи договор, Палантир, исто така има потпишано договор со јавно финансираната Национална здравствена служба на Велика Британија.
Модерна Грција е основана врз урнатините од полициската држава. Демократскиот Устав на земјата беше усвоен пред речиси 50 години, по колапсот на десничарската воена хунта, која шпионираше граѓани за кои имало сомнежи дека се дисиденти. Критичарите велат дека некои од овие тенденции ја преживеале транзицијата кон демократија.
Таткото на актуелниот премиер, Константинос Мицотакис, за малку избегна судска покана за прислушувањето на политичките противници и новинари додека беше премиер во раните 1990-ти. За време на Олимпијадата во Атина во 2004 година, телефоните на голем број истакнати луѓе – вклучувајќи го и тогашниот премиер, членовите на неговото семејство и градоначалникот на Атина – беа прислушувани неколку месеци. Прислушувањето, наводно, било извршено по налог на американски разузнавачки служби – нешто што медиумите тогаш го нарекуваа „грчки Вотергејт“.
Според Минас Саматас, почесен професор по социологија на Универзитетот на Крит и експерт во историјата на неговата земја за шпионирање на нејзините граѓани, смета дека Грците генерално немаат големи сомнежи околу современите облици на шпионажа, кои вклучуваат технолошки фирми и на големо споделување податоци, без разлика што Грција била шпионска држава.
„Ние имаме наследство од авторитарно прислушување во Грција“, рече тој.
„Грчките граѓани се плашат од надзорот на полицијата и од државните агенции, но, сепак, се релативно апатични или рамнодушни кон корпоративниот надзор или надзорот на податоците“.
„Недостасување на сто парчиња“
Улогата на државата во последниот скандал со прислушувањето не е докрај јасна. Како што се сомневаше Кукакис, транскриптите од неговите телефонски повици биле генерирани преку официјално прислушување.
Приказната објавена од грчкиот истражувачки медиум „Репортери јунајтед“, на крајот откри дека неговиот телефон бил прислушуван приближно два месеца во 2020 година преку традиционални методи – по налог на Агенцијата за државна безбедност и врз основа на судски налог поднесен до телекомуникациски оператор.
Меѓутоа, вториот обид за прислушување на телефонот на Кукакис ќе ги отфрли овие формалности. Во летото 2021 година, според истрагата на „Инсајд стори“ објавена во април минатата година, неговиот телефон бил заразен со високотехнолошки шпионски софтвер, познат како „Предатор“.
Овој софтвер е алатка за прислушување, која се претставува како конкурент на „Пегасус“, шпионскиот софтвер омилен на репресивните режими ширум светот. Производителите на „Предатор“ тврдат дека тој може да ги скенира податоците зачувани на заразените мобилн телефони и ефективно да ги претвори во уреди за прислушување. За државните институции што остануваат примарни клиенти на ваков врвен шпионски софтвер, технологијата нуди предности во однос на традиционалното прислушување. Може да се распореди брзо и со минимален надзор, заобиколувајќи ги судовите и телекомуникациските оператори, истовремено обезбедувајќи им на своите клиенти можност за негирање на одговорноста.
На почетокот на минатото лето, скандалот со прислушувањето се однесуваше само на двајца грчки граѓани и двајцата новинари. Покрај Кукакис беше прислушуван и Ставрос Маличудис, репортер од Атина за веб-страницата „Соломон“ и соработник на БИРН, кој во ноември 2021 година – преку левичарскиот весник „Ефсин“ дознал дека неговиот телефон го прислушувале безбедносните служби.
Приказната беше многу дискутирана во новинарските кругови, особено во независните медиумски „старт-апи“, од кои многу работат истражувачко новинарство. Сепак, имаше мал интерес од мејнстрим медиумите – вклучително телевизиите, таблоидите и последните преживеани печатени весници.
Прислушувањето стана голема приказна дури минатото лето, кога лидерот на една опозициска партија откри дека и неговиот телефон бил таргетиран со шпионски софтвер. Обидот да се инсталира „Предатор“ на телефонот на Никос Андрулакис, претседателот на левичарската партија Пасок, излезе на виделина по случајна проверка на техничари во Европскиот парламент, каде што Андролакис беше европратеник. Во следните месеци, списокот на истакнати имиња таргетирани со шпионски софтвер или официјално овластени прислушувања се зголеми, опфаќајќи министри, државни функционери, новинари и моќни деловни фигури.
Грчката влада континуирано негираше каква било поврзаност со шпионски софтвер, како што е „Предатор“, сугерирајќи дека непријателски настроени луѓе се, всушност, виновни за неговата употреба.
„Ниту еден грчки јавен орган нема ни најмала врска со каков било вид на нелегален злонамерен шпионски софтвер“, изјави портпаролот на владата минатата година.
Владата, исто така, истакна дека усвоила закони со кои се забранува продажба, употреба и поседување шпионски софтвер, ги реструктуирала своите разузнавачки служби и ги надградила своите протоколи за приватност.
По притисокот, премиерот Мицотакис минатата година, сепак, призна дека телефонот на Андрулакис бил таргет на традиционално прислушување од страна на националната разузнавачка служба. Тој ја опиша операцијата како законска, но погрешна, и инсистираше дека не бил свесен за тоа. Неговите критичари го обвинуваат дека ја префрла вината. Разузнавачката служба, позната по грчкиот акроним EYP, беше ставена под директна контрола на канцеларијата на Мицотакис во 2019 година. По тврдењето на Андрулакис, шефот на EYP и шефот на кабинетот на премиерот ги загубиле своите работни места.
Додека владата тврди дека грчката разузнавачка служба се држела до конвенционалните методи на прислушување и никогаш не го користела „Предатор“, нејзините критичари го оспоруваат тоа. Тие посочуваат дека списокот на лица што биле таргет на официјалните прислушувања – како Кукакис и Андролакис – често се преклопувал со оние што подоцна биле цел на „Предатор“.
Владата, исто така, беше обвинета за спречување на парламентарната истрага за шпионирање, откако на клучните луѓе не им дозволи да сведочат. Истрагата заврши во ќор-сокак минатиот октомври, при што опозициските партии и владата доставија целосно контрадикторни заклучоци. Партијата Нова демократија соопшти дека сослушувањата докажале дека не била пронајдена врска меѓу „Предатор“ и разузнавачката служба.
Официјални лица во Брисел велат дека од досега собраните докази се чини дека имплицирани се луѓе од администрацијата.
Софи ин’т Велд, холандска европратеничка и известувач на комисијата на Европскиот парламент што ја истражува употребата на шпионски софтвер во ЕУ вечи дека „сè води кон луѓето во владините кругови“.
„Има уште сто парчиња што недостасуваат, но може да ја видите сликата“.
„Лажна логика“
Ако скандалот со надзорот одразува директен напад на приватноста, технолошките договори од времето на ковид-пандемијата алудираат на побавен, помалку спектакуларен процес – континуирана ерозија на приватноста. За разлика од скандалот со прислушувањето, приказната за „ковид“ договорите никогаш не стана атрактивна за мејнстрим медиумите. Прикриените детали за тајните договори на Грција со технолошките гиганти се чинеше дека ги интересираа само малите истражувачки медиуми.
Грција долго време технолошки заостанува во споредба со ЕУ државите и се наоѓа на дното на рангирањето во блокот по дигитализација на јавните услуги и е-влада. Многу јавни записи, вклучувајќи го и грчкиот катастар, се сè уште нецелосни. Грците, исто така, мора да користат различни идентификациски броеви пред државата, а правниот систем е меѓу најбавните во Европа. Администрацијата на Мицотакис, промовирајќи ги своите технократски способности, обезбеди финансирање од ЕУ за да ја одведе грчката држава во ерата на е-влада.
Кога избувна пандемијата, владата се сврте кон Силиконската долина. Се потпишаа избрзани договори со технолошките гиганти со цел да се олесни спроведувањето на „локдаунот“ и префрлањето на основните услуги онлајн.
Мариос Кацис, опозициски пратеник од Сириза, вели дека владата работела „на маргините“ на прифатливоста во нејзиниот пристап кон заштитата на податоците и приватноста.
„Користејќи ја пандемијата како изговор и катализатор, тајно склучуваше брзи договори“, рече тој, без да ги исполни „барањата за заштита на личните податоци“.
Еден од изведувачите беше „Палентир“, контроверзната американска фирма, која обезбедува софтвер за анализа на „големи податоци“ на своите клиенти во разузнавањето и полициските служби.
Палантир се согласи да помогне да се соберат и да се анализираат податоци што ќе го поддржат одговорот на владата на пандемијата – без трошоци и за ограничен период. Договорот не беше регистриран на системот за јавни набавки – владата рече дека тоа е затоа што се работи за договор со „нула цена“. Договорот, исто така, не беше предмет на студија за проценка на влијанието за да се осигури дека се придржува до директивите на ЕУ за приватност.
Всушност, јавноста дозна за присуството на Палантир во Грција дури во ноември 2020 година, околу осум месеци по потпишувањето на договорот. Грците открија дека Палантир работи во нивната земја од твит на тогашниот американски амбасадор, во кој се наведени американските компании што ѝ помагале на администрацијата на Мицотакис да се справи со пандемијата.
Кога владата на крајот беше принудена да го објави договорот во јануари 2021 година, откако тој истече, се покажа дека тој е долг само две страници. Анализата на Хомо Дигиталис, групата за дигитални права со седиште во Атина, покажа дека оригиналниот договор бил ревидиран една недела по неговото потпишување.
„Проблемот почнува кога ќе изберете компанија како ‘Палантир’ и ќе го направите тоа со потпишување договор на две страници“, рече Стефанос Виторатос, потпретседател на Хомо дигиталис.
Виторатос рече дека е особено загрижен за можноста платформата на „Палантир“ да биде поврзана со податоците собрани од услугата за текстуални пораки што ја воведе владата за да го спроведе „локдаунот“.
Илија Сијатица, висок правен службеник во глобалното тело за заштита на приватноста Прајваси интернешнел, рече дека грчката влада се одлучила да собира огромни количества податоци како дел од строгиот „локдаун“, без да обезбеди соодветни заштитни мерки.
„Се префрливме на лажна логика дека колку повеќе податоци давате, толку е подобро“.
Всушност, избрзаноста и недостигот од транспарентност на договорите го отежнаа утврдувањето дали и до кој степен можеби биле прекршени некои правила со кои се регулира употребата на личните податоци. Министерството за дигитална трансформација соопшти дека „Палантир“ добивал пристап само до податоци со отворен код за области, како што се сообраќајот и користењето енергија, како и анонимни статистички податоци и демографски информации. Министерството рече дека „Палантир“ имал пристап само до податоците што државата избрала да ги обезбеди и сите споделени податоци биле уништени кога била склучена соработката со фирмата. Освен тоа, рече владата, ниту еден од податоците собрани преку услугата за текстуални пораки за „локдаун“ не бил зачуван.
Како одговор на истрагата на „Лајтхаус рипортс“ и на „Гардијан“, од „Палантир“ соопштија дека нивната улога била ограничена на обработка на податоци во „ со отворен код и демографските податоци од грчката државна сопственост“, кои биле „директно поврзани со справувањето со кризата ковид-19“.
Интегритетот под знак прашалник
Во раните денови на пандемијата, грчката влада, исто така, потпиша договор со „Циско“, конгломератот од Силиконската долина одговорен за голем дел од мрежниот хардвер што го движи интернетот. Како резултат на овој договор, стотици илјади грчки ученици можеа да посетуваат онлајн-часови преку платформата за видеоконференции „Вебекс“, која е во сопственост на „Циско“.
Сепак, како и со „Палентир“, договорот на „Циско“ не беше регистриран на системот за јавни набавки. Тој беше објавен дури десет месеци по неговото потпишување, по притисокот од опозициските партии и синдикатите на наставниците. И како и со „Палентир“, договорот беше одобрен пред да се изврши проценка на влијанието за да се утврди неговата усогласеност со законите за приватност.
Откако договорот беше конечно објавен, експертите за приватност идентификуваа неколку области, кои се чинеше дека не се во согласност со обврските на Грција кои произлегуваат од европските закони за заштита на личните податоци.
Тие вклучуваа нејасна клаузула, која му дозволи на „Циско“ да чува податоци седум години по истекот на договорот. Според експертите, клаузулата не го специфицирала соодветно видот на податоците што се вклучени.
Алберт Фокс Кан, извршен директор на непрофитната организација „Проект за надзор на технологијата за надгледување“, со седиште во САД рече дека е загрижен и од членот на договорот за „деидентификувани“ податоци за телеметрија.
Овој систем се користи за собирање информации за доверливост и изведба на услугата, минимизирајќи ги сите метаподатоци врзани за одредена личност.
„Овој вид информации лесно може повторно да се идентификуваат, давајќи многу инвазивен портрет на животот на поединецот“, рече тој.
„Циско“ нагласи дека податоците се собираат и се чуваат во согласност со законите на ЕУ. Компанијата рече дека не ги споделува податоците на кој било начин и не ги користи за комерцијални цели, ниту, пак, спроведува „профилирање“, кое може да доведе до идентификувањето поединци.
Договорот беше предмет на истрага од официјално регулаторно тело, Управата за заштита на податоци. Во извештајот на Управата од ноември 2020 година се наведени неколку прекршувања, вклучително и несоодветно информирање на крајните корисници за тоа како ќе се користат нивните податоци. Владата одговори со оспорување на интегритетот на управата и со закана со судска ревизија.
Во ноември минатата година, управата повторно го разгледа случајот и го пофали Министерството за почитување на најголемиот дел од неговите препораки.
Официјалните истраги за договорте од ерата на ковид 19 и скандалите со прислушувањето завршија без последици. Со оглед на тоа што Мицотакис е целосно уверен дека ќе добие втор мандат, степенот на прекршување на приватноста за време на неговиот прв мандат се очекува да остане нејасен. Новинарот на „Инсајд стори“, Тасос Телоглу вели дека очекува прекршувањата да продолжат.
„Нивното златно правило, сепак, ќе биде: фати ме ако можеш. Прашањето е: дали можеме да ги фатиме?“