Судскиот совет постои речиси исто колку што е независна државата. Најголемиот дел од нејзиното постоење е под критика дека е политички „инфицирана“ институција. Па така, наместо истакнати правници, прима „истакнати“ кадри од партиите, а тоа се одразува и врз регрутирањето кадри во судовите.
Се чини дека најдраматични за Советот беа последниве три години години. На површина испливаа сите проблеми што со децении се таложеа кај оваа институција: Незаконското разрешување на поранешната претседателка Весна Дамева, оставка на нејзината претходничка, Павлина Црвенковска, политички влијанија за дисциплински постапки на судии, унапредување судии под нејасни критериуми… Проблемите се обиде да ги зацели специјалниот извештај на Европската комисија со препораки за подобрување на состојбите.
Во меѓувреме се смени власта, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ е на чекор до разрешување на членовите на Советот избрани од парламентот, иако такви одредби не постојат ниту во Уставот, ниту во Законот за Судскиот совет.
И покрај критиките на меѓународната заедница и на домашните експерти, дека ваквото разрешување е упад во судската власт, власта се чини дека не се колеба до крај да го спроведе ова сценарио. Неодамна полицијата бараше записници во Советот.
Додека новиот закон за Судскиот совет сe` уште не е донесен, членовите на Советот, помеѓу кои и новоизбраните членови од парламентот, едногласно избраа нов претседател, судијата, Александар Камбовски.
Тој беше избран за член на Советот, во турбулентната 2024. Беше претседател на комисијата која изготви извештај за одговорност за судијата Пајазит Пајазити, за бегството на Косовецот, Блерим Рамадани.
Во првото интервју по изборот, тој одговараше на прашањата на БИРН.
БИРН: Минатата година беше прилично бурна за Судскиот совет, од оставката на поранешната претседателка, до одредени дисциплински постапки за судии. За Вас, како нов претседател на ова тело, што ќе биде главен предизвик во 2025 година?
Камбовски: Враќање на довербата во судството, но и враќање на самодовербата на самите судии. Работата на судиите е една од најтешките, но истовремено и една од најблагородните работи, бидејќи вклучува почитување на правдата, заштита на правата и обезбедување правичност во општеството. Судиите имаат потреба од чувство на сигурност и гаранции за независност. Судскиот совет, покрај контролор на работата на судиите, ќе биде нивен најголем заштитник. Тоа не случајно го потенцирам, бидејќи потребно е прво да биде изградена доверба меѓу судиите и Судскиот совет. Очигледно е дека судиите доволно не ја чувствуваат заштитата од Судскиот совет, што ја намалува нивната ефикасност и ефективност. Нужно е да се смени перцепцијата за Судскиот совет, како орган, кој служи само за разрешување судии. Ова тело треба да биде најголем гарант за независноста на судиите и слободата во нивното одлучување, базирано на Уставот и законите. Ова тело треба да биде најголема брана и заштита од обиди за надворешни влијанија, било тоа да се политички или од други сфери на интерес.
За да може судството да е во целост независно, потребно е да има и финансиска независност. Борбата за оваа независност ќе биде, исто така, еден од предизвиците во годината што следи. Ни претстојат избори на нови судии од редот на кандитатите што успешно ја завршиле почетната обука на Академијата за судии и јавни обвинители, ни претстојат унапредувања на судии во повисоки судски инстанци. Сето тоа ќе биде предизвик, но и мотив, најдобрите да бидат унапредени и најдобрите да бидат избрани низ судовите во државата.
БИРН: Премиерот Христијан Мицкоски, во повеќе наврати ја критикува работата на Судскиот совет, а се најавува и разрешување на членовите избрани од Собранието. Како ги толкувате ваквите критики од извршната власт и колку, според Вас, таквите критики се оправдани?
Камбовски: Секоја добронамерна критика е добредојдена. Критиките доведуваат да се преиспитуваме, да ги согледаме грешките и секако да ги исправаме. Имајќи го предвид целокупниот амбиент во државава, историското наследство, несомнено е потребна интеракција и соработка меѓу трите власти, во интерес на граѓаните. Ваквата интеракција треба да се спроведува со особена внимателност и почитување на меѓусебната независност. Согласно позитивните законски прописи, Судскиот совет е надлежен за привремено оддалечување од вршење функција член на советот, постапка за одлучување по барање за покренување дисциплинска постапка за член на Советот и разрешување на член на Советот.
Не би сакал да се впуштам во анализа и коментирање на најави дадени од членови на извршната и законодавната власт. Како што изнесов, согласно позитивната законска регулатива, одлука за разрешување член на Советот донесува самиот Судски совет. Тоа не значи дека другите две власти, законодавна и извршна, да немаат свој став и мислење по одредени прашања. Но, на мислење сум дека таквите ставови, од која било од властите треба да се изразуваат со особена внимателност и почитување на меѓусебната независност. Искрено верувам дека и судската, законодавната и извршната власт работат и се раководат од Уставот, законите и од меѓународно ратификуваните договори. Сите имаме една цел, владеење на правото и правна држава, затоа сум убеден дека на крајот од денот ќе победи идеалот на правдата.
БИРН: Дали овие критики од извршната власт за правосудството ги доживувате како притисок?
Камбовски: Интегритетот е квалитет да се биде искрен, етичен и доследен во своите постапки, дури и кога никој не гледа. Тоа одразува силен морален компас и посветеност да се прави она што е правилно, без оглед на личната корист или надворешните притисоци. Живеењето со интегритет гради доверба, почит и кредибилитет, и во личните, и во професионалните односи. Што сакам да кажам? Кога човек има интегритет, кога човек е професионалец, тешко може упатени критики да предизвикаат притисок кон него. Секако дека секојдневните критики не оставаат никого рамнодушен. Меѓутоа, повторно ќе кажам, добронамерните критики се секогаш добредојдени и поттикнуваат и мотивираат за поголем ангажман и поголем квалитет во работата.
Со оглед на чувствителноста на работата на судиите, тешките одлуки што секојдневно ги носат, потребна е посебна внимателност при упатувањето критики, посебно од другите две власти. Секако дека, кој било судија, да почувствува и најмал притисок или друг обид за влијание, од кого било, вклучително и од законодавната и од извршната власт, Судскиот совет секогаш ќе биде тука за да ја гарантира неговата независност и ќе застане во негова заштита.