„Орка Холдинг“ на бизнисменот Орце Камчев од декември е сопственик на речиси третина од компанијата „Дивелоп груп“, која меѓу другото управува и со луксузниот хотел „Мериот“ на скопскиот плоштад, дознава БИРН, а потврдуваат и од „Орка холдинг“. Сега Камчев е во партнерство со човекот кој претходно ја поседуваше целата компанија, 49-годишниот скопјанец Александар Ивановски познат како Алек Теранова.
Документите од Централниот регистар откриваат и дека, освен Камчев, планирано било во сопствеништвото на оваа компанија да влезе и контроверзната фирма „Ексико“.
Орце Камчев според „Форбс“ е најбогатиот Македонец и неговите бизнис потфати често беа под опсервација на јавноста и на медиумите поради блиското пријателство со поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков.
Токму во новинарските текстови што ги поврзуваа бизнис интересите на Камчев и на поранешната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ провејуваше името на фирмата „Ексико“, која има мистериозен сопственик од Швајцарија и која изминативе години стана дел од сопствеништвото на неколку големи македонски компании.
Договорот паднал пред пет години
Компанијата „Дивелоп груп“ до сега се врзуваше исклучиво за Александар Ивановски, иако фирмата е основана пред повеќе од една деценија и тоа од три компании, од кои едната доаѓа од познатата офшор-дестинација Белизе.
„Дивелоп груп“ за прв пат на македонската јавност ѝ стана позната откако ја подигна стаклената зграда на скопскиот плоштад во која денес се наоѓа седиштето на Телеком.
Имено, во 2011 година Телеком ја купи оваа зграда токму од „Дивелоп груп“ во трансакција што го чинеше 16 милиони евра, како и три други објекти вредни 20,7 милиони евра.
Во август 2012 „Орка“ на Камчев потпишала договор со Александар Ивановски, кој предвидувал дека во рок од пет години двете страни ќе потпишат нов договор, овој пат за размена на удели во фирми. Не чекале многу, па така трампата ја потпишале наредната година, во јуни 2013 и таа предвидувала „Орка“ да му отстапи на Ивановски 10 проценти од фирмата „Бет ком“, а за возврат да добие 32,5 отсто од „Дивелоп груп“.
Меѓутоа, не одело сѐ така мазно.
„Орка“ го исполнила својот дел од договорот, додека Ивановски и по неколку писмени предупредувања не постапил според договореното и затоа во 2016 година холдингот на Камчев тужел и по само едно рочиште го добил спорот, а следствено на тоа и оние 32,5 проценти.
БИРН имаше увид во тужбата и во неа пишува дека адвокатот на Александар Ивановски тврдел оти неговиот клиент сакал да го исполни договореното, меѓутоа не можел тоа да го стори од објективни причини. Најверојатно проблем за реализација било тоа што Ивановски преку друга фирма во тоа време бил должник на Царината, факт којшто е нотиран во тужбата.
Ништо без „Ексико“
Истражувањето покажува и дека во целата оваа трампа вклучена е и контроверзната „Ексико“, преку фирмата „Бет ком“.
„Ексико“ е веројатно најуспешната анонимна компанија во Македонија, иако е формирана уште во далечната 2001 година. Денес како нејзин сопственик се води швајцарската „T&MJ Инвестмент СА“ – лоцирана во Лугано, а на истата адреса регистрирани се уште десетици други фирми.
Никогаш не се дозна кој е вистинскиот сопственик на оваа фирма. Нејзините бизниси често имале партнерски односни со фирмите на Камчев. БИРН во 2016 година откри дека во првите години по основањето на „Ексико“ како сопственик и директор фигурираат поранешниот директор на Телеком, Жарко Луковски, и поранешниот помошник министер во МВР за информатика и телекомуникации, Небојша Стајковиќ.
При основањето на „Бет ком“, „Ексико“ вложила пет милиони евра недвижен имот, односно повеќе од 18.000 квадрати ниви и овоштарници во непосредна близина на граничниот премин Богородица, спроти казиното „Принцес“, плацови кои денес се водат како градежно-неизградено земјиште.
Подоцна фирмите на Камчев презеле милион eвра од основачкиот влог на оваа фирма и половината го трампале за удел во „Дивелоп груп“.
Меѓутоа, улогата на „Ексико“ не завршува тука.
БИРН дојде до уште еден документ кој, пак, открива дека Александар Ивановски познат како Алек Теранова требал да пренесе удел од „Дивелоп груп“ и на „Ексико“.
Таму се вели дека 46 проценти од „Дивелоп груп“ треба да се пренесат на „Ексико“ во рок од пет години, меѓутоа нема информација дали и кога е потпишан ваков договор, така што не е јасно кога најдоцна „Ексико“ требало да влезе во сопствеништвото на „Дивелоп груп“ и со тоа на „Мериот“. БИРН се обиде да контактира со Ивановски, но тој не беше во можност да одговори на нашите прашања.
Што сѐ поседува „Дивелоп груп“
Покрај „Мериот“ со влезот во „Дивелоп груп“, Камчев доаѓа и до дел од атрактивниот хотелски плац на охридското крајбрежје веднаш до хотелот „Инекс Горица“. Тоа е градежно земјиште што се простира на речиси 16.000 квадрати, кое „Дивелоп груп“ го купи во 2011 за нешто повеќе од милион евра на јавно наддавање.
Како што тогаш најавија од Општина Охрид, која го продаде земјиштето, објектот треба да биде дел од синџирот хотели „Small luxury hotels“, ќе има околу 100 соби со 200 легла и ќе се протега на 7.000 квадратни метри.
„Мериот“, пак, според информациите од промоцијата на хотелот, чинел 38 милиони евра, има 164 соби и апартмани, меѓу кои и таканаречен претседателски апартман. Во хотелот има осум сали за настани, покриен базен, џакузи и спа-центар, теретана, ресторан и лаунџ-бар и сето тоа е сместено во зградата која со својата барокна фасада се вклопува во амбиентот на проектот „Скопје 2014“.
Како што беше соопштено на промоцијата на хотелот, Скопје и Букурешт се единствените градови на Балканот што можат да се пофалат со хотел под овој светски реномиран бренд.
Во однос на тоа какви се плановите на „Орка“ во иднина со оваа инвестиција во „Дивелоп груп“, оттаму велат дека сѐ уште не одлучиле како и што ќе преземат понатаму, со оглед на тоа дека во моментов се малцински сопственик.