Поранешен функционер на Службата за државна безбедност, сведочеше дека во 80-тите години, поранешниот лидер на владејачката Хрватска демократска заедница, ХДЗ, Томислав Карамарко, бил соработник на оваа служба.
Пишува: Свен Милекиќ, Загреб
Анте Баришиќ, шеф на Службата за државна безбедност (СДБ) во Загреб, од 1980 до 1990 година, во вторникот, пред Општински кривичен суд во Загреб, изјави дека Томислав Карамарко во 80-тите години, бил соработник на СДБ.
Баришиќ сведочеше во случајот што се води по приватната тужба за клевета, што Карамарко, поранешен лидер на ХДЗ, ја поднесе во 2015 против Јосип Манолиќ, поранешен функционер на СДБ и политичар од 90-тите години, поради неговите тврдења дека бил соработник на СДБ.
Имено, Манолиќ, во јуни 2015 година, во интервју за хрватскиот неделник „Национал“, изјави дека Карамарко во 80-тите бил соработник на СДБ, позната како УДБА.
Карамарко, пред судот во декември 2015 година, изјави дека тој не бил соработник, туку „жртва на УДБА“, тврдејќи дека СДБ му се заканувала, поради приемот кај Папата во Ватикан.
Нагласи дека интервјуто во „Национал„, нему и на неговото семејство, им нанело штета и им предизвикало непријатности.
Во септември 2015 година, тој, пред Општинскиот суд во Загреб, поднесе тужба за клевета против неделникот „Национал“, која ја доби во јануари 2016.
Со пресудата, на „Национал“ му беше наложено да го отстрани спорното интервју од својата интернет страница и на Карамарко да му плати надомест од 9.100 евра. Случајот сега е во жалбена постапка.
Баришиќ изјави дека наводите на Манолиќ се вистинити и дека во службената документација постојат информации за ‘врбувањето’ на Карамарко, објави хрватската новинска агенција ХИНА.
Како потврда за овие тврдења, Баришиќ нагласи дека „како оперативен работник на СДБ“, учествувал во специјална операција чии носители биле центрите на СДБ во Загреб и Сплит, со кодно име „Трс“.
Целта на операцијата била да се следат непријателските активности „на одредени верски заедници“ и дека некои луѓе, кои биле опфатени со оваа операција, подоцна биле подготвувани за соработка со СДБ.
Рече дека „во документацијата нема директно тврдење“ дека Карамарко бил доушник, но оти тоа може да се сфати од содржината на документите.
„Документацијата јас лично ја пишував и ја потпишав, па оттука увидот во досието на оперативната групна обработка ‘Трс’ може да даде одговор на сите прашања. Не можам да кажам во какво својство приватниот тужител е наведен во документацијата, но сето тоа може да се утврди од увидот во документацијата“, рече Баришиќ.
Додаде дека оперативците на СДБ продолжиле да работат на „врбувањето“ на Карамарко надвор од центарот во Загреб, што, како што рече, било „составен дел од процесот на воспоставување на кооперативни односи во СДБ“.
„Договорот за кооперативни односи мораше да биде исклучиво на доброволна основа, бидејќи во спротивно би се кршеле човековите права. Можеа да се користат и компромитирачки документи, како начин некој да се наговори да се согласи на соработка“, објасни тој.
Баришиќ истакна дека СДБ користела одредени документи, кои укажувале на улогата на Карамарко, во определени кривични дела, иако не прецизираше кои.
Во текот на вкрстеното испрашување, Карамарко неколку пати го прекина Баришиќ.
„Срам да ти е, тепаше луѓе, а сега зборуваш нешто“, му рече Карамарко на Баришиќ, за време на сведочењето.
Адвокатите на Карамарко изјавија дека Баришиќ „е мотивиран од лично непријателство“.
Тие, исто така, истакнаа дека Баришиќ не понудил никакви материјални докази за поддршка на своите тврдења.
Судот го прифати предлогот на Карамарко, на судењето како сведок да се појави уште еден поранешен функционер на СДБ и од Државниот архив на Хрватска да бидат побарани документите за операцијата „Трс“.
Следното рочиште ќе се одржи во јуни.