Три со три

Каруана Галиција: Зависноста од социјалните мрежи го менува новинарството

Разговор со наградуваниот новинар од Малта, Метју Каруана Галиција

Новинарството се менува под притисок на компаниите кои контролираат се` поголем дел од интернетот и тоа е процес на техно-феудализам, вели во разговор за БИРН наградуваниот новинар од Малта, Метју Каруана Галиција.

Пред речиси осум години Галиција доживеа и огромна лична трагедија. Неговата мајка, познатата новинарка Дафне Каруана Галиција, беше убиена со подметната бомба во нејзиниот автомобил.

Иако течат долги судски постапки, сè уште нема целосна правна разрешница за нејзиното убиство.

Во меѓувреме, преку фондација на која е директор, тој се обидува да ја заштити и архивира работата на неговата мајка, да поддржува независни и непартиски медиуми, и да нуди правна помош на истражувачки новинари.

Тој деновиве по вторпат дојде во Македонија. Неделава одржа предавање на група македонски новинари на тема „Сведоштва и искуства од правните притисоци врз истражувачки новинари“. Во разговор за БИРН, Метју Каруана Галиција зборува за условите кои довеле до атентатот, но и за предизвиците со кои се соочува современето новинарство.

БИРН: Од денешна перспектива, можете ли да ги идентификувате општествените и политичките околности во Малта во 2017 година, кои овозможија некој да постави бомба во автомобилот на позната истражувачка новинарка? Што е сменето од тогаш?

Каруана Галиција: Поради протестите во 2019 година, кои започнаа по новите откритија за политички мотив за атентатот врз мајка ми, премиерот поднесе оставка, но партијата остана на власт и избра нов лидер. Сега ситуацијата е полоша во сите сегменти, а најважната новинарка во земјата ја нема и нема да се врати.

Но, дехуманизацијата на мајка ми беше долгогодишен процес, кој се забрза во годините пред нејзиното убиство.

Мислам дека големо влијание имаа и социјалните мрежи. Иако новинарите можат да допрат до поголема публика преку социјалните медиуми, истовремено луѓето кои сакаат да ги малтретираат тие новинари можат да се организираат поефикасно, користејќи ги истите платформи.

На сето ова се надоврзува и фактот дека тогашната влада ја таргетираше мајка ми, бидејќи таа успеваше да допре до читателите со своите истражувачки приказни. Ѝ веруваа изворите и таа одлично истражуваше корупција. Откриваше многу работи што не ѝ се допаѓаа ни на владата, ниту на бизнисмените кои донираа на владата и зависеа од неа за да добиваат јавни тендери и други зделки.

БИРН: Сведоци сме на деградација на новинарската професија во светски размери. Новинарите често се етикетирани како платеници, навредувани се и напаѓани само затоа што не следат слепо одредени идеолошки ставови или разоткриваат корупција. Како гледате на оваа ситуација и колку е опасен овој тренд?

Каруана Галиција: Мислам дека многу од критиките се заслужени. Има работи што не ми се допаѓаат во начинот на кој мејнстрим медиумите известуваат, па дури и во начинот на кој функционираат некои од непрофитните медиуми.

Повеќето мејнстрим медиуми се во сопственост на четири или пет компании. Каде и да сте во светот, веројатно е дека медиумите што ги консумирате се контролирани од мал број луѓе и ова не е ситуација што би ја бранел, напротив.

Јас не сум тука да го бранам ова статус кво.

Затоа, иако дел од критиките се оправдани, тие често не се добронамерни и тука е суштинската разлика. Најгласни во критиките кон мејнстрим медиумите се политичките движења што во суштина се крајно регресивни и нивна цел е да ги уназадат граѓанските слободи.

Меѓутоа, не треба критиките на статус квото да се користат за да се оправда замена на еден олигопол со друг олигопол (н.з. социјалните мрежи). Наше е да осмислиме систем кој е различен од она што го нудат овие ултраконзервативни сили, но и различна од она што го имаме како статус кво.

БИРН: Во денешната ера на јутјубери, подкастери и социјални медиуми, каде што речиси секој може да се декларира како новинар, каква е улогата на истражувачките новинари?

Каруана Галиција: Мајка ми никогаш не била член на ниту еден новинарски синдикат, ни студирала новинарство, ниту пак имала прес-карта или лиценца.

Но, таа беше веројатно најефективната и најзначајната новинарка во земјата и сигурен сум дека повеќето новинари би се согласиле. Јас сум магистер по новинарство, но не верувам дека треба да имаш лиценца или диплома за да се занимаваш со новинарство.

На пример, мислам дека има многу јутјубери кои се вредни и многу ефективни комуникатори. Она што им недостасува не е вработување во некоја медиумска организација, туку етички кодекс и начин на извршување на нивната работа без да бидат економски зависни од алгоритам контролиран од компаниите што ги поседуваат социјалните мрежи.

Па така, ако алгоритмот охрабрува високо емотивна содржина, или ултрадесничарски ставови, тогаш тенденцијата на јутјуберите ќе биде да произведуваат таква содржина.

Економската независност е еден од клучните фактори за добро новинарство, а тоа е важно без разлика дали сте јутјубер, работите во непрофитна иницијатива за истражувачко новинарство или во мејнстрим медиум. Тезата дека јутјуберите се независни е лажна, бидејќи нивните приходи целосно зависат од тајните на алгоритмот кои ги одржуваат и контролираат компаниите за социјални медиуми.

Потребни ни се правни иницијативи од владите кои ќе ја намалат зависноста од социјалните мрежи кои се контролирани од олигополите.

Навистина треба да бидеме свесни дека ни се случува процес на техно-феудализам, каде што намерата на компаниите, кои контролираат сè поголем дел од интернетот, е да бидеме сè повеќе зависни од економските модели на тие мрежи. И тоа е сила која истовремено влијае и го менува новинарството.

Мислам дека сржта на проблемот е целосната зависност од социјалните мрежи. Ако новинарите што објавуваат на ваквите интернет платформи направат една работа што не ѝ се допаѓа на социјалната мрежа, тие може да бидат исклучени од платформата и да го изгубат изворот на нивните приходи.

Владите би требало да донесат закони за да се контролира начинот на кој функционираат социјалните медиуми. Веќе имаше обид да се направи тоа со Законот за дигитални услуги на ЕУ, кој им дава на корисниците одредени права на социјалните медиуми, главно поврзани со слободата на говорот, како против суспендирање на нивните профили.

Но, потребна ни е и транспарентност кога станува збор за алгоритмите, поголема контрола и поголема транспарентност за тоа која содржина е фаворизирана над другите со цел да се пукне балонот создаден од дигиталните филтри.