По тридецениска доминација, бизнисменот Доне Таневски на пат е да ја изгуби контролата врз хотелскиот гигант „Македонија турист“, која ја има уште од периодот на транзицијата.
Берзанските промени, во последниве три месеци, на површина исфрлија тројца нови и потенцијално клучни играчи во хотелското акционерско друштво, бизнисмените Фатмир Етеми, Зоран Антиќ и Симеон Павлов.
Заедно, тие имаат поголем удел од Таневски.
Она што се истргува на хартија, преведено во масивни објекти, покрај четири активни хотели, ги вклучува и зградите-обележја на главниот град, некогашните хотели „Бристол“ и „Јадран“ (Арапска куќа).
Долгогодишното раководство на „Македонија турист“ немаше економска корист да ги одржува во живот. Со години не работеа и пропаѓаа.
Меѓутоа, досегашното портфолио на новите акционери Етеми и Антиќ не влева надеж дека овие уникатни објекти од првата половина на минатиот век ќе добијат соодветен третман. Дополнително, проектите на бизнисмените Антиќ и Етеми неколкупати предизвикуваа револт кај жителите во чија околина ги реализираа градбите.
Нивните градежни потфати наидуваа на отпор, додека локалните власти им ги одобруваа мегаломанските проекти.
Антиќ и „МГ фешн“ ги градат непопуларните висококатници спроти „Холидеј ин“, за кои граѓаните жестоко негодуваа, а антикорупционерите имаа забелешки што може да се сместат под фолдерот „отаде законите“.
Етеми, пак, предизвика реакции во Карпош. Таму граѓаните протестираа против планот да се гради зграда со 419 станови, во кои ќе се сместат стотици нови жители наспроти скромната инфраструктура во тој дел од градот.
Судбината на Арапска куќа
Во контекст на очекувањата за идна заштита на специфичните Арапска куќа и хотелот „Бристол“, ако се земе предвид минатото поведение на новиот акционер Етеми, нема многу простор за оптимизам.
Етеми го игнорира финалното мислење на Конзерваторскиот центар дека не смее да гради 17-катница во близина на културно значен објект.
Конзерваторите се децидни дека градежната парцела на „Рубик тауер“ влегува во границите на споменикот – Воена болница и неговата контактна зона. Етеми ја оспори конзерваторската одлука пред Управниот суд.
Наспроти нивното мислење, судскиот процес и протестите на граѓаните, Етеми, поддржан од Општина Карпош, и понатаму гради на локацијата, не чекајќи ја финалната судска разврска. Тој, со месеци, не е достапен да ги коментира забелешките на конзерваторите.
Етеми и конзерваторските решенија
Скопскиот градежник првично обезбеди дозвола од Конзерваторскиот центар- Скопје. Директор во тој период беше Константин Димитровски, кој во истовреме беше и член на комисијата за урбанизам на општина Карпош. Подоцна беше приведен за уништување на културно наследство во Стара Чаршија, а новата директорка даде негативно мислење за зградата на Етеми.
Антиќ, пак, во разговор за БИРН зборуваше за судбината на Арапска куќа и на хотелот „Бристол“.
„Како градежник, сакам тие објекти повторно да се стават во функција, бидејќи се обележје на Скопје, меѓутоа за нивна реконструкција ќе треба да се бараат дозволи. За тоа ќе зборуваме во иднина, ако имаме контрола врз ‘Македонија турист’.“
Меѓутоа, и покрај овој принципиелен став, поведението на Антиќ кон архитектонското наследство не се разликува многу од она на Етеми. Нему, впрочем, конзерваторите му забележувале за односот токму кон Арапска куќа и кон нејзиното непосредно опкружување.
Пред две години, фирмата, во која тој е содружник, ја надградуваше Поштенска банка, зградата што е залепена до куќата со арапски мотиви на сквер Јадран.
Во тој период, скопските конзерватори, на двапати, и во ноември 2022 и во април 2023 година, излегле на терен и ја алармирале Општина Центар дека се надградуваат две нивоа, без да се побара нивното стручно мислење и дека со тој чин, меѓу другото, се прави штета и на Арапска куќа. Општината не реагирала.
„Со градежните работи се загрозува и се девалвира куќата на Агоп Дикиџијан (н.з. првиот сопственик на Арапска куќа)“, се вели во извештајот на конзерваторите од 2023 година.
Според извештајот на конзерваторите од 2023, во кој БИРН имаше увид, тие, цитирајќи закони, инсистираат дека во тој дел од градот, кој претставува споменична целина Мал ринг, не смее да се менуваат габаритот, висината и надворешниот изглед на објектите, без тие претходно да одобрат.
Антиќ, за БИРН, вели дека не е точна информацијата оти требало да бара дозвола за интервенцијата врз Поштенска банка, а како аргумент додава дека сите во околината доградувале.
И за Општина Центар не е спорна доградбата, впрочем локалната самоуправа ѝ го дала одобрението за конкретната интервенција. На нашите прашања од општината добивме непрецизни одговори оптоварени со детали и административен јазик, невообичаен во комуникацијата со новинарите и со јавноста.
„Предметното одобрение е издадено врз основа на Извод од Детален план на чии одредби за спроведување, Управата за заштита на културното наследство издала мислење со констатација дека се вградени заштитно-конзерваторските основи.“
Хотелот „Бристол“ на ветрометина
Уникатната Арапска куќа, која изгледа како да е откорната од африканскиот брег на Медитеранот, собрана сосе темели од предградие на колоритниот Маракеш и само спуштена меѓу сивите згради на сквер Јадран, на пат е да стане зграда-споменик, за што процедурите се во тек.
Објектот меѓу шеесеттите и деведесеттите години на минатиот век функционираше како хотел, под името „Јадран“.
Mистериозната лента
Летово, Арапска куќа беше обиколена со жолта лента, со жиг на градежната инспекција на Општина Центар, меѓутоа остана мистерија кој ја поставил зашто локалната самоуправа негираше дека има каква било врска со овој чин.
Одамна не работи, а актуелниот најголем акционер во „Македонија турист“, Таневски, за БИРН, вели дека го затворил оти бил нерентабилен со само 20 соби. Неговиот план бил во дворот, кој е околу 400 квадрати, да изгради уште еден хотел, кој би го поврзал со куќата за економска исплатливост.
И хотелот „Бристол“ не е во подобра состојба.
Годинава, со затворени врати ги дочека стоте години откога е пуштен во употреба. Не работи од 2012 годинa, а останаа да го споменуваат само повозрасните скопјани, кои ја паметат големата тераса на малиот градски хотел.
Неговата судбина може да биде уште понеизвесна ако се знае дека тој, за разлика од Арапска куќа, нема никаков степен на заштита. Актуелното раководство на „Македонија турист“, во ланскиот годишен извештај открива дека има планови да се смени габаритот на хотелот „Бристол“.
„Во тек е изработка на проекти за негово комплетно реновирање и, доколку се усвојат нашите предлози за измена на ДУП-от на Општина Центар, ќе се преземат соодветни активности за реконструкција или повторна доградба на хотелот.“
Акционерски „напад“ од повеќе страни
Од 1990-тите години до оваа есен, главни акционери во „Македонија турист“ беа долгогодишните менаџери на компанијата, Доне Таневски, со над 20 отсто, и Соња Бибановска, со повеќе од 11 проценти од акциите.
Од септември, па сè до минатиот понеделник, во неколку различни трансакции, драстично се смени сопственичката структура во „Македонија турист“. Сопственици на повеќе од пет проценти од акциите пред и по трансакциите останаа пензискиот фонд „Сава“ (8,8%) и „Македонија турист“ (10%), меѓутоа сега од акционерскиот мозаик ја снема Бибановска.
Империјата „Македонија турист“
„Македонија турист“ има вкупно десет објекти, од кои повеќето хотели. „Холидеј ин“, „Бест вестерн“, „Белви“ и „Карпош“, кои работат, и затворените – „Бристол“, „Јадран“, „Водно“ и „Сарај“. Компанијата ја поседува и познатата „Пивница“ во центарот на Скопје, неколку станови на атрактивни локации, како и поранешната зграда на „Интеримпекс“, во близина на домот „Даре Џамбаз“.
Нејзините и уделите на некои ситни акционери ги купија компаниите на Зоран Антиќ (7,69%), Фатмир Етеми (9,84%) и бизнисменот Симеон Павлов (8,19%), кој е единствениот што не се занимава со градежништво, туку преку неговата фирма „Чезакомерц“, со трговија.
Доне Таневски остана крупен акционер, незначително зголемувајќи си го уделот на 23,40 проценти.
Јавно не е соопштено дали новите акционери настапуваат заедно за да ја преземат контролата врз акционерското друштво.
Антиќ, во разговор за БИРН, прашан пред влезот на Етеми, тврдеше дека не ги познава новите акционери, иако проверките на БИРН покажуваат дека, сепак, со Симеон Павлов основале и раководеле со заедничка фирма од 2017 до 2018 година.
И оваа недела е бурна за „Македонија турист“ на берзата. Нивните акции се повторно меѓу најтргуваните. Сепак, последните случувања ќе се дознаат в понеделник, кога редовно се објавуваат промените во сопственичката структура.