Ајде да ѝ погледнеме в очи на иднината!

Иако под ударот на тектонските движења предизвикани од македонско-грчкиот договор за името на нашата земја голем дел од таканаречената јавност буквално се раздвои на своите составни делови, при што лесно може да се забележи дека некои од тие битни компоненти за функционирање на споменатата јавност, едноставно, исчезнаа, тоа не беше пречка (поточно беше поттик) истовремено да се прогласи и „голема победа“ и „епохално велепредавство“ (во зависност од позицијата од која се гледа на работите).

Иако од потпишувањето на договорот помина едвај една недела што секако не е временска дистанца која гарантира оладени глави, а со оглед на драматичната брзина со која се одвиваат настаните, се чини дека е време низ сета онаа шума клетви, закани, навреди и воопшто говор на омраза, да прекинеме да лежиме било на „постела од трња“, или на „постела од цвеќе“, или ако сакате на брашно, туку да се обидеме цврсто да застанеме на сопственото рацио (ако воопшто остана некаква рационалност во нас) и трезвено да ги погледнеме работите. На крајот од краиштата, овојпат навистина историјата се одвива пред нашите очи.

Македонија со својата „капитулација“ добива една работа – шанса да стане нормална земја, шанса да не ѝ се случуваат трагедии, како онаа во Велес, каде што живи изгореа три дечиња, шанса да стане рамноправен член и рамноправен дел на западните цивилизациски вредности! Со еден збор – да биде дел од почитуваниот свет.

„Модерен геноцид“, „тежок пораз“, „капитулација“, „велепредавство“… се само дел од крупните зборови на тешкиот арсенал што го употребуваат противниците на договорот. Ако постои капитулација, односно безусловен пораз, тогаш секако постои и апсолутен победник. Да видиме тогаш што доби победникот (веројатно се мисли на Грција) во оваа „дипломатска војна“, а што тоа точно загуби Македонија. Да, што навистина ќе направи Грција со овој договор: ќе нѐ окупира, ќе ја заземе нашата територија, по разно-разни „актори“, „вера“, цементарници, банки… економски ќе нѐ експлоатира, нема да нѐ пушта повеќе на одмор на Халкидики или Платамона…? Или ќе добие покана за зачленување во НАТО, или ќе ја смени привремената референца под која е заведена во Обединетите нации, или ќе добие датум за преговори за влез во Европската унија?

Јас навистина не знам дали поради договорот Европската унија ќе ѝ понуди на Грција некаков морков во однос на нејзината економска криза и дали Грција ќе го користи договорот во нивните внатрешно-политички односи, демек не ги пречекорила своите „црвени линии“, но тоа, да бидам искрен, во случајов воопшто не ми е ни важно. Со други зборови, Грција ниту од наметнатиот спор со името на Македонија, ниту пак, од неговото решение, во принцип не добива ништо, освен конечно завршување на еден мачен и веќе здодевен преговарачки процес.

Македонија, пак, со својата „капитулација“ добива една работа – шанса да стане нормална земја, шанса да не ѝ се случуваат трагедии, како онаа во Велес, каде што живи изгореа три дечиња, шанса да стане рамноправен член и рамноправен дел на западните цивилизациски вредности! Со еден збор – да биде дел од почитуваниот свет.

Еве, да видиме што ќе се случи ако Македонија си го одбрани своето национално достоинство и не го прифати „капитулантскиот“ договор? Ништо. Светот нема да пропадне. Сонцето повторно ќе изгрева на исток. Единствено, ние ќе пропаднеме. Не само што ќе излеземе од фокусот на меѓународните сили, туку едноставно ќе бидеме сосема заборавени во редицата за бугарски пасоши и бугарски државјанства.

Сите други работи, од типот како е напишано државјанството во патните исправи (како божем и досега да ни беше преокупација како ни е напишано државјанството во актуелните пасоши) па сѐ до наводното откажување на државата од нејзините малцинства, не се ништо друго туку само емотивна реакција на принудното додавање на географската одредница на името Македонија.

Што се однесува до мешањето на поимите „државјанство“ и „националност“, треба еднаш да научиме дека националноста е приватна работа на секој поединец, а државјанството е работа на правниот систем на една држава. На крајот од краиштата, најголемата меѓународна организација, Организацијата на Обединетите нации не е организација која ги обединува нациите, туку државите! Пасошот, пак, како меѓународна „лична карта“ е вреден онолку колку што е пропулзивен, односно до каде може да стаса. Може секој од нас да има по два златни пасоши и повторно да не вредат ништо или барем да не вредат многу поради ограничените дестинации на кои може да се стигне со нив. И спротивното.

Ако говориме, пак, за државната грижа за нашите малцинства надвор од државата, јас можам слободно да се обложам дека државата нема ништо помалку да се грижи за нив, отколку што тоа го правеше досега, односно не се грижеше воопшто. Од друга страна, како рамноправна членка на најмоќните меѓународни организации, Македонија секако дека може многу повеќе да помогне за положбата на малцинствата, отколку како земја која е цврсто лоцирана на слепиот колосек.

Но, еве да видиме што ќе се случи ако Македонија си го одбрани своето национално достоинство и не го прифати „капитулантскиот“ договор? Ништо. Светот нема да пропадне. Сонцето повторно ќе изгрева на исток. Единствено, ние ќе пропаднеме. Не само што ќе излеземе од фокусот на меѓународните сили, туку едноставно ќе бидеме сосема заборавени во редицата за бугарски пасоши и бугарски државјанства. Мислите ли дека американскиот државен секретар Помпео (или кој било друг) уште еднаш ќе му се јави на својот француски колега да ургира Македонија да добие датум за преговори за ЕУ. Се разбира дека нема да му падне на памет. Се разбира дека ќе имаме послаб кредитен рејтинг. Се разбира дека ќе немаме странски инвестиции. Се разбира дека ќе останеме азиско-африканска егзотика среде Европа.

Или што би рекол големиот филозоф на XX век, Дејвид Боуви: Иднината им припаѓа на оние што можат да го видат нејзиното доаѓање. Историјата буквално се одвива пред нашите очи – ајде да ја видиме иднината, драги сограѓани од Северна Македонија!