Очи ширум затворени

И покрај падот на Груевски, политичкото слепило што тој го инсталираше во изминатата деценија во општеството, продолжува оранжериски да се негува во атарот на партијата. Свесно или несвесно, партијата остава тоа семе на раздорот повторно да биде развеано од пропагандни ветрови „ерга омнес“.

Новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, за жал, досега не покажа јасни сигнали дека ќе „прогледа“ низ поинаква диоптрија. Не само заради реформа на партијата, и не само заради проширување на хоризонтот на нејзиниот коалициски капацитет кој сега е тотално мртов, туку, пред сѐ заради заздравување на длабоките лузни што таа претходна политика ѝ ги предизвика на државата. Се разбира, ако постои искрена грижа за државата.

Дали? Суетата, која е лош придружник на секој што сака да направи промени, покрај тоа што оневозможува вистински промени внатре во партијата, се покажа во целиот „раскош“ и по прашањето за договорот помеѓу Грција и Македонија. ВМРО-ДПМНЕ покажа дека е подготвена да ги смени само рамките на очилата, но не и диоптријата. Слепилото за предизвиците и шансите пред кои се наоѓа земјата, еволуираше во вмровски модел на необјаснива екстаза пред нешто што не постои. Не постои ни „капитулација“, ни „предавство“, ни „етноцид“, туку стартна шанса Македонија да излезе од децениската стагнација и бесперспективност.

Но, опозициската партија не се воздржува тие тешки зборови разлеани како мисловни секрети да ги шири како „непобитна вистина“ пред својата публика. Бидејќи на таа публика никогаш и не ѝ ја понудила верзијата на вистината. Ја навикнала да верува дека сите ја мразат Македонија и дека нерешавањето на проблемите со соседите е синоним за „вистинска национална одбрана и знак на самопочит“.

Очигледно, опозицијата се определи за полесниот, но многу неодговорен пат: да дистрибуира лажни преводи и толкувања на договорот и да шири лаги. Само слеп водач не може да види кому му оди во корист ваквото шарлатанство во толку сериозни моменти за земјата. Вмровскиот однос кон договорот, ги јакне апетитите на оние кои ставот на оваа партија го користат за да наметнат впечаток дека во земјата се бара „друга алтернатива“, затоа што противењето кон договорот де факто значи противење за членство во ЕУ и НАТО.

ВМРО-ДПМНЕ покажа дека е подготвена да ги смени само рамките на очилата, но не и диоптријата. Слепилото за предизвиците и шансите пред кои се наоѓа земјата, еволуираше во вмровски модел на необјаснива екстаза пред нешто што не постои. Не постои ни „капитулација“, ни „предавство“, ни „етноцид“, туку стартна шанса Македонија да излезе од децениската стагнација и бесперспективност

ВМРО-ДПМНЕ сега може до бескрај да објаснува дека членството во ЕУ и НАТО ѝ се врвен партиски приоритет, но прашањето е зошто се откажува тоа да го докаже на дело кога можноста е на прагот: Hic Rhodus hic salta! Ако смета дека договорот со Грција не е ни добра, ни соодветна „формула“ за деблокада на интеграциите, зошто ниту еднаш не објасни како планира да ги постигне тие стратегиски приоритети без решен спор со Грција?

Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ сака да влезе во вода, ама притоа да не се натопи. Тоа е врвна демагогија. Ваквата нејзина позиција, веќе се покажува како одличен терен за роварење на заинтересирани страни против напредокот на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ, со неаргументирана дискредитација на договорот, инвестира токму кај противниците на македонскиот прогрес. Можно ли е само таа да не го гледа она што сите други го гледаат?

Мијат Лакичевиќ, во текст под наслов „Македонско сценарио 5“ (Пешчаник, 21.6.), вели дека историскиот договор меѓу Скопје и Атина во Белград е дочекан „са муком“. И тоа во двете значења (молк и мака), само што не се знае што било попрво – маката или молкот, или обратно. Илустрација за тоа, секако е изјавата на шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, кој запрашан зошто Србија не ѝ честитала на Македонија за договорот, изјави дека „нема што да се честита“.

Зошто Белград така се однесува? – прашува авторот. „Дали е во прашање жал за ‘Јужна Србија’? Дали Дачиќ подметнува клипови во тркалата на ‘европска Србија’, што е факт дека го прави, само е прашање дали тие клипови му ги додаваат од највисокото место? Или се работи за лична завидливост на нашиот најдраг водач, затоа што сега некој друг станал омилен балкански политичар во Брисел и Берлин, а богами и во Вашингтон“, пишува авторот.

Притоа наведува дека Заев ги решил сите спорови – и со Албанците околу заедничката држава, и со Грција, и со Бугарија, и додека тој е човекот што решава проблеми, Вучиќ сѐ повеќе станува човекот кој не само што не ги решава проблемите туку ги зголемува, а конфликтите ги замрзнува. Демантот на руското МНР дека Москва го поздравила договорот, и отсуството на честитка од официјален Белград повторно ги исцрта контурите на таборот кој не е среќен со грчко-македонскиот договор. Барањето на Панос Каменос, најголемиот „баќушка“ во грчкиот парламент, договорот да биде ратификуван со зголемено мнозинство (180 гласови), е уште еден од знаците покрај патот, што ВМРО-ДПМНЕ не сака да ги чита „во корист“ на потенцијалната штета за Македонија ако договорот пропадне.

Но, како што вели Лакичевиќ, Македонија може да добие вистинска „честитка“ од Белград, имајќи ги предвид шпекулациите дека за нов амбасадор во Скопје може да биде поставен Раде Булатовиќ, поранешен шеф на српската Безбедносно-информативната агенција -БИА, (од 6. 3. 2004 до 17. 7. 2008 година), досегашен амбасадор во Украина, човек од доверба на Коштуница.

Ако опозицијата не гледа или не сака да гледа како „се мешаат картите“ во интерес на некои туѓи, а не на македонските интереси, и ако со своето неконструктивно однесување им дава дополнителен погон и пропагандно-обработена почва за противниците полесно да ги покосат македонските перспективи, нека објасни што е „патриотско“ во сето тоа?

Добро би било ова да остане на ниво на шекулација. Бидејќи, како што забележува авторот, Македонија и Македонците без сомнение ќе ја разберат ваквата нова „порака“. По случајот со „советникот“ од српската амбасада во Скопје, разузнавачот Горан Живаљевиќ и неговото присуство во македонскиот парламент на 27 април 207 година, по што Белград мораше да го повлече, каква порака би се испратила со „безбедносен офицер“ со повисок ранг и на амбасадорска позиција?

Ако опозицијата не гледа или не сака да гледа како „се мешаат картите“ во интерес на некои туѓи, а не на македонските интереси, и ако со своето неконструктивно однесување им дава дополнителен погон и пропагандно-обработена почва за противниците полесно да ги покосат македонските перспективи, нека објасни што е „патриотско“ во сето тоа?

На крајот, знаете ли што е најголемиот апсурд, што е вистински „Тешкото“, и зошто ми иде да плачам ко дете? Додека ги пишувам овие редови, додека ВМРО-ДПМНЕ ја „брани“ Македонија од договор за иднината, „клетите Грци“ интензивно лобираат Франција да не се противи на одлуката Македонија да добие датум за пристапни преговори!!! 

Радува грчката иницијатива како доказ на изградената доверба, но длабоко растажува нашата поделеност во општеството, неможноста колективно да го препознаеме моментот, слепилото, лошите зборови, клетвите, „та гриземе усни, стегаме срце клето, да не пушти вик…“

А сѐ може да биде поинаку, ако еднаш ги отвориме очите.