Амбулантните возила во Стокхолм ќе бидат опремени со посебни уреди кои ги блокираат радио апаратите околу себе, а сѐ со цел возачите да ја слушнат сирената и да се тргнат од патот навреме. Со други зборови, ќе дојде до мешање од надворешен фактор во суверенитетот и во внатрешните работи на возачите. Со трети зборови, не може вие да си правите што сакате, дури ни внатре во вашето сопствено возило, сѐ додека на каков било начин претставувате опасност за животот на останати учесници во сообраќајот.
Мислите дека во меѓународната политика е поразлично? Мислите дека ќе ве остават да „лумпувате“ во вашето „возило“ и да се правите глуви за алармите околу вас?
Да ги оставиме, сепак, сиве овие прашања и да се вратиме на оно суштинското: Дали Трамп знае дека Хојт Ји е во Македонија?
Хахаха, добро де, се зезам, се шлепам малку на хуморот на Сител за да ве насмеам. Ова беше ступидно, не суштинско прашање.
Суштинското прашање е: Дали е готов(о)? Или со други зборови: Дали бункер у Јасену је остао празан? Или со зборовите на Брејк: Дали крајот вака мириса?
- Трајко Велјаноски да ги голтне печатите. Со ваквиот потег би се ќариле уште неколку дена, додека да печатите го поминат целиот дигестивен тракт на поранешниот спикер, зависно од метаболизмот на Трајко. Постапката може да се повтори неколку пати;
- Групата „Македонски хакери“ (нешто како „Анонимуси“, самонарачани преку Али-експрес) да влезе во телевизорите на Белата куќа и да пушти Сител. На тој начин Доналд Трамп би дознал за посетата на Хојт Ли, би ги искарал него и Бејли за самоволието, и би ѝ се извинил на Македонија со порака дека насилниците можат да продолжат да го млатат парламентарното мнозинство, а САД веќе нема да се мешаат во внатрешните тепачки на Македонија. Вака би се ќариле неколку месеци додека ЕУ не презеде некоја нова иницијатива за осуда на насилството;
- Владо Јовановски да се прати по вода. Ова може да биде кобно по водомерите на Собранието и да предизвика нивно трајно оштетување и да снема вода. Со оглед на тоа што и директорот на „Водовод“ е тврдокорен идиот, поправката може да се одолжи повеќе денови, а со тоа би се закочила и работата на парламентот;
- Во случај Трамп сепак да знаел за посетата на Хојт Ли, да се направи римејк на славниот филм „Во гнездото на змејот“, но во новиот филм, Брус Ли да не го победува злото на крајот. Ова може да го промени текот на историјата од 1973 година наваму;
- Кога сме кај змаевото гнездо, еден од потезите би можел да биде долгорочно запоседнување на канцеларијата на Трајко Велјаноски со доволни количини брашно и зејтин (вода има кој да носи). Генералната проба за еден ваков маневар помина успешно, што влева оптимизам;
- Забрзување на нуклеарната војна помеѓу САД и Северна Кореја, со што фокусот на светот би бил поместен од Скопјанг и Гру Евс-ки кон Пјонгјанг и Ким Јонг-ун. Еден ваков развој на состојбите би отворил сосема нови перспективи за ситуацијата во Македонија, а доколку нуклеарната војна доведе до уништување на планетата, со тоа би се изгубила и смислата на паѓањето од власт на ВМРО-ДРПАМЕ како такво и оваа партија би останала, практично, на власт до крајот на светот, што беше и една од основните цели зацртани на последниот конгрес на историското ВМРО;
- Со итна остапка да се ангажира нова гатачка. Поради слабите резултати на досегашната кои се евидентни, би можело да се распише нов тендер за гатачка, која ќе има познавања и од црна магија и ќе може да примени разни вуду-техники за блокирање на Собранието и пред сѐ на новиот собраниски спикер за да не може да закаже седница;
- Техничката влада да спроведе проект: Качулка за секој граѓанин. Со овој проект уште во првата фаза со качулки би се опремиле преку 200.000 граѓани. За максимизирање на ефектите, би се прогласила и манифестација „Отворени денови на македонското Собрание“, со што би се овозможил слободен влез за граѓаните во парламентот. Манифестацијата за да функционира непречено, за вратари би се поставиле пратениците од ДРПАМЕ, Крсто Мукоски и Сашо Василевски, со веќе докажани портирски вештини:
- Изградба на подземен тунел Идризово-Собрание. На тој начин би се олеснил пристапот на осудени затвореници до собраниските сали. Како што е познато, сообраќајот во Скопје често знае да се „закрчи“ и на тој начин насилниците кои живеат на периферијата од градот или во други градови не можат да стасаат навреме да ги извршат наредбите на командантот Чавка;
- Да се изврши преквалификација на специјалната единица за палење бараки „Гром“ во единица за брзо распоредување и палење на собраниски сали. Мал пожар во македонскиот Рајхстаг секогаш може да помогне, иако, за жал, историјата покажала дека конечните резултати се неповолни за потпалувачите. Дополнителен проблем е што Собранието катастарски не спаѓа во општина Карпош, па следствено на тоа, градежната маркица не е во рацете на Стевчо Подржи Коњ;
- Да не се тупи веќе и да се урне Собранието со динамит. Ова откако поставената „петарда со фитил, која со селотејп била врзан за голема плинска боца за полнење запалки“ не ги даде очекуваните резултати. Со целосно динамитско уривање, би се ќариле неколку месеци, можеби и години, потребни за повторна изградба на парламентот, а исто така би се ќарила и некоја пара, ако изведувач е некоја од фирмите на Сеад Кочан;
- Да се активираат бункерите во Јасен, да се постави Оливер Андонов за директор на резерватот и да се предизвика граѓанска… Упс, се извинувам, ова веќе е од листата на неповратно истрошени потези.
Како што, се надевам, македонската јавност можеше да се увери од погоре приложеното, раководството на ВМРО-ДРПАМЕ има бројни можности за дејствување. Нивно е само да го изберат најдобриот од целиот овој спектар потези што им се на располагање. Досегашното искуство покажа дека секогаш знаеле да го одберат најдоброто за народот, нема зошто да не веруваме дека и овојпат ќе биде така.
Ние, македонскиот народ, остануваме посветени на заедничката борба за слобода. Некои од нас што паднаа први во оваа битка и се веќе во притвор, вечно ќе останат во нашите срца. Но, борбата мора да продолжи. Сѐ додека и за последниот од нас не биде изречена мерка притвор.
Дали крајот вака мириса?
Ако и ова не е крајот, сите сме за во бестрага.