Демократската отпорност на Северна Македонија заслужува признание

Колумна на Томас Грифитс

Кога западните медиуми известуваат за Балканот, премногу често се фокусираат на предизвиците во регионот. Овие дискусии често се поврзуваат со стереотипите за нетолеранција и за насилство. Тие стереотипи, од многумина регионални експерти ги нарекуваат „балканизми“. Дискутирањето за регионот на овој начин ги прикрива успешните приказни во него.

Да ја погледнеме историјата на една балканска држава од последните години – Северна Македонија. Наместо да ги дискутираме проблемите, да видиме колкав напредок постигна земјата.

По независноста во 1991 година, Северна Македонија ги смени и своето име и своето знаме. Се соочи со грчка блокада и со турбулентната транзиција од југословенскиот социјализам во капиталистичка економија. Беше на работ на граѓанска војна и помина низ „обоена“ револуција. Но, иако, како и остатокот од Југоисточна Европа, се соочува со многу предизвици, тие се само половина од приказната.

Северна Македонија успеа да избегне граѓанска војна, иако е едно од најмултикултурните општества во цела Европа. По независноста, во неа владеат исклучиво меѓуетнички коалиции на македонски и на албански партии. И покрај политичката криза меѓу 2014 и 2017 година, земјата остана функционална и плуралистичка демократија.

Нераскажаната приказна за компромиси

Демократското назадување и „етничките тензии“ се само дел од приказната за балканската политика по 1990-тите. Има и приказна за компромиси и за соработка во потрага по демократска европска иднина. Оваа приказна често останува незабележана од остатокот на Европа.

Во Северна Македонија, овие компромиси резултираа со Охридскиот рамковен договор. Овој договор стави крај на краток вооружен конфликт што го почнаа етничките албански бунтовници во 2001 година, и со него се воведоа значителни реформи за правата на етничките и на јазичните малцинства.

Оттогаш, секој јазик може да стане коофицијален, заедно со македонскиот на општинско ниво ако го зборуваат барем 20 проценти од населението во таа општина. Законските измени што следуваа во 2019 година го подигнаа нивото на албанскиот јазик на коофицијален во целата земја. Како контраст на флексибилните и инклузивните македонски јазични политики, едно семејство што припаѓа на бретонското малцинство во Франција беше присилено да води правна битка две години за да може да го крсти својот син Фањч, што е традиционално бретонско име. Владините службеници им издале извод со името Фанч, но нивната одлука била отфрлена во 2019 година.

Јазикот и натаму е многу чувствителна политичка тема во Северна Македонија. Тоа е така и во домашната политика, поради јазичната различност во земјата. Но, таква е и состојбата и на меѓународен план, бидејќи многумина бугарски академици го оспоруваат постоењето на македонскиот јазик како посебен.

Но, и покрај овие тензии, Северна Македонија се развиваше на начин што ја одразува културната различност на нејзините граѓани. Во оваа област, таа беше многу поуспешна и од повеќето етаблирани западни демократски држави. Иако сѐ уште има вистински тензии во земјата, овој нејзин успех ги става под прашање гледиштата за балканските политички лидери како вродено непријателски расположени, без желба да прават компромиси.

Истото може да се каже и за владите на Северна Македонија. Секоја влада, дури и во екот на југословенските војни во 1990-тите, беше коалиција од партии што ги претставуваа различните етнички групи.

Во Соединетите Американски Држави, двете партии се борат за политичка надмоќ. Витални прашања, како репродуктивното здравје на жените или контролата на оружјето, станаа партиски. Во Велика Британија, главната опозициска Лабуристичка партија одбива да соработува со шкотските националисти од СНП, кои се борат за независност на Шкотска. Сепак, според бројот на седишта во парламентот, СНП е третата најголема партија во Велика Британија. Победи на сите избори во Шкотска од 2007 година. Одбивањето да се соработува со неа е мошне недемократско.

Политиката во Северна Македонија, сепак, е зависна од коалицирањето меѓу партиите. Повеќето од нив имаат специфични етно-лингвистички определби, генерално македонски или албански. Нивната постојана способност да најдат компромиси, како во случајот со Законот за јазиците, ја одржува земјата како целина веќе триесет години.

Неодамнешните избори, исто така, покажаа и уривање на јазичните граници. За време на изборите во декември 2016 година, етнички македонската партија на социјалдемократите, СДСМ, работеше напорно за да привлече гласачи од албанското малцинство.

Македонската политика има сериозни проблеми со владеењето на правото, транспарентноста и корупцијата. Но, од друга страна, таа јасно ја покажа способноста да наоѓа компромиси преку идеолошките и културните поделби кога тоа е неопходно. Ова е често во контраст со борбената природа на политиката во Велика Британија, Франција или во САД.

Западот често се фокусира на балканските стереотипи за нетолеранција и етничко насилство и ги превидува успесите

Никаде оваа способност за компромиси не се покажа толку јасно, како во односите со Грција. Северна Македонија ги смени, и своето име, и своето знаме за да излезе во пресрет на загриженоста на Грција. Во меѓувреме, Грција прифати нејзината соседна земја да го користи терминот „Македонија“, и покрај културната чувствителност што тој ја создава во Грција.

Преспанскиот договор од 2018 година, со кој се стави крај на спорот за името, беше голем компромис за двете земји. Тој покажа дека балканските држави се мошне способни да наоѓаат компромиси и да преговараат. Уште повеќе, тој покажа капацитет за зрелост. Ова ги доведува во прашање стереотипите надвор од регионот дека балканските дипломатски спорови се бесконечни.

Меѓу 2014 и 2017 година, Северна Македонија се соочи со сериозна политичка криза. Една изразено корумпирана и авторитарна влада се обиде да се задржи на власт. Истовремено, бесот на јавноста се истури на улиците. Како што тензиите растеа, се одржаа избори во декември 2016 година. Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ го загуби парламентарното мнозинство така што партиите на Албанците ја напуштија коалицијата со неа.

Обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се задржи на власт кулминираа со шокантни сцени, кога националистичка толпа се втурна во парламентот. Неколку водечки членови на опозициската СДСМ беа повредени. Како предвесник, овие настани се одвиваа слично како нападот на Капитолот на САД во 2020 година.

И покрај тоа, ВМРО-ДПМНЕ на крајот ја напушти власта. Коалицијата што го наследи го постигна „договорот за името“ со Грција, го комплетираше зачленувањето на Северна Македонија во НАТО и воведе заштита од дискриминација за ЛГБТ+ луѓето.

Колку за контекст, во Италија допрва треба да се воспостави таква заштита. Северна Македонија, заедно со Молдавија, е пример за успех во спротивставувањето на демократското назадување. По овие настани, реформите почнаа некако да заостануваат. Но, отпорноста на демократијата во Северна Македонија им се спротивставува на мислењата дека балканските или источноевропските општества се илиберални по природа.

Со оглед на неодамнешните настани во САД, демократското назадување треба да се гледа во трансатлантска смисла.

Ваквите успеси не се видливи само во Северна Македонија. Премиерката на Србија е геј. Во Црна Гора, истополовите граѓански партнерства се легални. Главниот европски обвинител е од Романија, а Хрватска наскоро ќе почне да го употребува еврото.

Многу предизвици остануваат во Југоисточна Европа, но тоа е така во секој регион во светот. Надворешните набљудувачи треба да ги препознаваат и успесите на регионот. Најдобриот начин како може да го направат тоа е преку ЕУ. На јунскиот самит на ЕУ им беше доделен кандидатски статус на Украина и на Молдавија, но Босна и Херцеговина беше оставена на листата на чекање, а Косово сѐ уште не доби безвизно патување во ЕУ.

Северна Македонија направи огромни жртви за да стане членка на ЕУ. Кандидат е веќе 17 години. Време е за остатокот од Европа да ги отфрли сфаќањата за некаква супериорност и да признае дека Југоисточна Европа, таква каква што е, е интегрален дел од европското семејство.

Томас Грифитс докторант на Кралскиот колеџ во Лондон. Неговата експертиза  се фокусира на политика, национализам и на архитектонската историја на Западен Балкан по крајот на социјализмот.

Изразените ставови се на авторот и не нужно ги отсликуваат гледиштата на БИРН.