Државно заверено исвиркување

Со сета почит кон службениот министер за надворешни работи на Бугарија, господинот Николај Милков, човек со богато дипломатско искуство, сакам да укажам на некои клучни пропусти во неговата оценка за два настана: исвиркувањето на бугарската химна и судската пресуда за делото на Ламбе Алабаковски.

Милков вели дека тие две дејства – како едното, така и другото, претставуваат престапи од омраза, а начинот на кој се третираат и недостигот од соодветни казни, испраќаат порака и кон општеството во РСМ, и кон бугарското, а таа порака не е позитивна.

Секако дека не е. За осуда е исвиркување чија било химна или палење влезна врата на културен клуб. Но, досега никој од бугарските политичари не се праша – зошто се случува тоа? Бидејќи, ако тргнат по одговорот, ќе дојдат до сопствената врата.

Зошто? Затоа што го избраа најпогрешниот пристап во односот кон Македонија. Наместо градењето добрососедски односи да го фокусираат на интензивна соработка во сите сфери и на што поголема комуникација меѓу граѓаните од двете земји, Бугарија избра византиски метод: притисок од позиција членка на ЕУ, и комуникација – низ коридорите на историјата, според нејзиното ексклузивно видување.

Политиката на Бугарија нема да има успех, сѐ додека властите не сфатат дека до тоа не се стигнува преку роварење во минатото во име на иднината, туку со свест дека „историја“ се случува сега, денес

Таква сеидба дава таков резултат. И не само кај Македонците. Имам пријателка, родена во Бугарија, мажена за Македонец, живеат во Скопје. Ми вели дека не ѝ прави чест тоа што впишувањето на Бугарите во Уставот е претворено во УСЛОВ, а не во чин, кој треба да биде свечен, пријателски, добрососедски. Не сака јавно да говори за ова од две причини: за да не си натовари реакции од здруженија на македонски Бугари, кои од припадноста направиле „професија“, а и да спречи нејзиниот став да биде злоупотребен од некои партии, кои можеби не сакаат нормализација на односите меѓу двете земји.

Најнепријатно ја доживува едностраната изјава на Софија – дека секое повикување на официјалниот јазик на РСМ во документи и изјави на ЕУ, мора да се разбере строго во согласност со Уставот на РСМ и никако да не се толкува како признавање на ‘македонски јазик‘ од страна на Република Бугарија.

Вели – зар јас треба да им кажувам на моите деца дека јазикот на нивниот татко, на кој и тие пишуваат домашни задачи, пеат песнички и ми пишуваат ‘мамо те сакам’ – не е македонски јазик?

Примеров го посочувам за да ја потенцирам апсурдноста на бугарските ставови, но и нивните двојни аршини. Кога Бугарија доставува во ЕУ изјава со која не го признава македонскиот јазик, тоа не е став на забревтани навивачи на фудбалски натпревар, туку официјална државна позиција. А што значи непризнавањето на македонскиот јазик, ако не државно заверено, државно промовирано и континуирано ИСВИРКУВАЊЕ на македонскиот јазик, на кој ја пееме нашата химна, на кој говориме, твориме, се смееме, тагуваме, живееме?

Каква допирна точка има овој бугарски потег со која било европска вредност? Никаква. А тоа е една од причините за последиците на стадионот. Не го велам ова за да го релативизирам инцидентот во Скопје, но посочувам дека гневот нема да запре, ако не пресуши изворот што него го храни.

Кога има бугарска политика на негирање македонски идентитетски атрибути, не може да се исклучи дека таквите политики постојано ќе раѓаат негодувања и исвиркувања. Ако е тоа целта на Бугарија, барем да сме на чисто дека не е заинтересирана за добрососедство, туку го користи тој наратив за други цели. Со тоа претставата може да заврши и завесата да се спушти. 

А, ако Бугарија навистина сака добрососедство, во нејзини раце е можноста да провери дали досегашната политика кон Македонија ѝ била исправна. Нека го повлече условот за впишување на Бугарите во Уставот, бидејќи никој нема против тоа да се случи, ама на еден цивилизиран и еманципаторски начин, каков што ќе биде и впишувањето на Хрватите, Црногорците и други.

Зар Бугарија не се прашала, зошто тие земји не ги изложија билатералните односи со Македонија на таков условувачки начин. И Хрватска е во ЕУ, но не ја злоупотребува таа позиција за ова прашање зашто тоа е последниот начин на кој може да никнат плодови на разбирање и соработка.

А за третманот и недостигот од соодветни казни, па и почитување на пресудите, подобро е Бугарија воопшто да не ја отвора таа тема, надалеку позната, одовде до Стразбур. Второ, кој ја запали атмосферата во Битола со име на културен клуб што рефлектира навреда, провокација и ги минираше сите обиди за градење доверба? Ламбе или бугарската политичка свита, која го пушти во употреба објектот, каде што главниот цитат од патронот Иван Михајлов гласи: „Напразни се напорите на маскираната македонска „народност“ да го лаже светот“. Како овој негаторски цитат, насаден среде наш двор, може да биде симбол за нешто што зближува?

Трето, ем божем не сакаат да се мешаат во македонското судство, ем Милков не се воздржа да каже дека малку биле шест месеци условна казна за Алабаковски. Навистина? А со што беа казнети (не навивачи на трибини), туку актуелни политичари и европратеници, тие што Охрид територијално си го припојуваа во своите изборни спотови, или ќе праќаа овде инженерски полк за да ни ги „среди“ спомениците, кои изјавуваа дека во македонскиот народ е коминтерновска творба, дека во Македонија не живее бугарско малцинство, туку бугарско мнозинство…

Не беше ли тоа пожар за палење на сите мостови меѓу двете земји, многу поопасен од оној на Ламбе? Членката на ЕУ, која си дозволи такви „европски пораки“ од нејзини актуелни политичари, денес нема право да држи лекции ни за судството, ни за вредности. Тоа не значи дека однесувањето на нашиот стадион заслужува оправдување.

Го разбирам гневот, ама не го оправдувам, бидејќи им даде „штоф“ на бугарските политичари да трубат за „македонско неразбирање на европските вредности“ и со таков аргумент да мафтаат пред ЕУ. Ние треба да покажеме различност од бугарското „европејство“.

Наместо градењето добрососедски односи да го фокусираат на интензивна соработка во сите сфери и на што поголема комуникација меѓу граѓаните од двете земји, Бугарија избра византиски метод: притисок од позиција членка на ЕУ

Одговарајќи на прашање за изјавата на Бујар Османи дека исходот од преговорите со Бугарија завршил со 3 спрема 1 во полза на Македонија, Милков рече дека „ова не е фудбалски меч и дека не ја смета за многу умесна таа реакција“. Воопшто немам намера да го бранам Османи, особено не за неточен резултат, ама во интерес на фактите, соседите мора да се потсетат од каде почна тој триумфализам со францускиот предлог и кој славеше „целосна победа“ – Софија или Скопје?

Политиката на Бугарија нема да има успех, сѐ додека властите не сфатат дека до тоа не се стигнува преку роварење во минатото во име на иднината, туку со свест дека „историја“ се случува сега, денес, на секое место каде што луѓе неоптоварени од политика го трасираат патот на кој вистинското добрососедство нема да има пречки.

Каде е тоа? На пример „Во срцето на машината“, филмот кој е бугарски кандидат за Оскар, на режисерот Мартин Макариев, а во кој игра и македонскиот актер Игор Ангелов, на промоција на „Човечулец“ од Александар Прокопиев во Софија, чиј превод на бугарски јазик го направи Деница Проданова. На сцената каде што Националната опера и балет собра бугарски аплузи со балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“. Или во Созопол, Ловеч и Плевен, каде што заедничка изложба имаа ликовни уметници од Македонија и од Бугарија под наслов „Слобода?!“ Или на сцените каде што пред бугарска публика и обратно заедно настапуваат театри, музички групи, каде што македонски и бугарски поети одржуваат книжевни вечери, а млади бизнисмени со нови проекти ги поместуваат границите и стереотипите.

Таа историја треба да нѐ заинтересира, заедно со стопанската, трговската, туристичката соработка… Во неа е францускиот клуч за отворање на добрососедските перспективи и соработка, а не во францускиот предлог. Колку побргу Бугарија ја разбере разликата и се откаже од наложените услови, протоколи и јалови комисии, толку побргу ќе види дека рецептот за успех не е во рамката, туку во духот и потребите на денешнината.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија