Покрај рускиот амбасадор Олег Шчербак, кој рече дека протерувањето руски дипломат од Македонија е избрзана одлука (треба ли да потсетам дека не кажува личен став?), единствен од политичкиот врв на земјава кој искажа идентичен став е македонскиот претседател, Ѓорге Иванов.
Тој побрза одлуката за протерување на рускиот дипломат да ја оцени како „избрзана“, а во истото соопштение порача дека „согласно со позитивната законска регулатива очекува да биде официјално информиран за посочените факти во јавноста, поврзани со овој случај“. Па како го изградил ставот ако немал информации на што се темели одлуката на МНР?
За тоа колкава е претседателската „мудрост“ сведочи и друг факт. За разлика од експресното изјаснување за одлуката на МНР, тој до денес воопшто не се огласи по соопштението на руското МНР со експлицитната закана „дека плановите да се внесе Република Македонија во НАТО би можеле да имаат негативни последици за регионалната безбедност и за билатералните односи“.
Тоа што Русија ја призна независна Македонија, од чин на декларирана поддршка за суверениот пат на земјата, сега се испоставува како фактура за неограничен „контролен пакет“ врз македонските политики и интереси
Но, со оглед на неговото поведение, би можело и да се рече дека Русија нема причина да биде лута заради протеран дипломат кој во земјата домаќин ја преминал црвената линија, ако таа линија поврзана со безбедноста на Македонија, е релативизирана токму од првиот човек во државата. Не без причина.
Иванов е најистурениот дел на гарнитурата на претходната власт оценета од демократскиот свет како илиберална, која својата „релевантност“ ја црпеше и поткрепуваше со балалајки кои свиреа една иста музика – православно братство и „не“ за НАТО. Сѐ додека таа група политичари ја оддалечуваше Македонија од интеграциските цели (а ја оддалечуваше цела деценија), ставовите на Москва отсуствуваа од јавниот дискурс во Македонија.
По кулминацијата на политичката криза, Москва веднаш стана главен рецензент на политичките состојби во Македонија. Хронологијата на соопштенијата од руското МНР се рентген слика за сите обиди со кои Москва се обиде да ги спаси нејзините политички слуги во земјава, критикувајќи ја „шарената револуција“ како инструмент со кој „западни организатори“ се обидувале да ја дестабилизираат Македонија.
Таа на невообичен начин се „загрижи“ за настаните во Куманово, за притисокот од Брисел врз Иванов да го даде мандатот на Заев, „случајно“ заборавајќи дека според Уставот мандатот го добиваат партии што имаат мнозинство за формирање влада, а нивниот Груевски тоа не успеа да го обезбеди. Продолжи со ширење стравови од „тиранската платформа“, сѐ до скандалозни толкувања за настаните од 27 април 2017 и со лекции до дипломати во ЕУ и САД по прашањето за Македонија во НАТО. И за сето тоа време обвинуваше за „бесрамна форма“ на мешање во внатрешните работи на Република Македонија од други земји.
Во тој тригодишен прилично децибелен период на Русија, Иванов и Груевски со ставовите од Москва функцинираа како прим-балалајка, наједноставниот модел на овој инструмент: со две жици нагодени и наштимани еднакво, со цел да произведат широк тонски опфат. Да не зборуваме за сите подземни и надземни обиди за воведување руски монопол врз пазарот на нафта и гас, и други „економски“ екстензии за полесно пенетрирање на руското влијание со една цел: да се промени евроатлантскиот курс на Македонија.
По тие обиди кои завршија со неуспех, Москва ги реобновува силите за конечна пресметка со НАТО преку грбот на Македонија, во клучниот период за решавање на спорот за името. Се чини дека Москва секогаш има доволен број кукавичини јајца за гнездата во кои верува дека ќе оствари политички профит.
Колку за илустрација – по најавата дека во мај 2015 година Заев (тогаш опозиционер) ќе оди во посета на Софија, средба која веќе навестуваше нови страници во односите со источниот сосед, Путин побрза на средба со Иванов во Кремљ „случајно“ даде изјава дека писменоста во Русија е дојдена „од македонската земја“, за да предизвика бура во Софија, па следеа нови дообјаснувања со цел потоа да го предизвикаат Скопје. Таа саботажа на македонско-бугарските односи не успеа.
Тоа што политиката на Русија ниту во блиската, ниту во далечната историја никогаш немала позитивна улога во однос на „македонцките работи“, не било пречка граѓаните на оваа држава да негуваат пријателски чувства кон рускиот народ, неговата историја и култура. Но, да не се лажеме. Едно е рускиот народ, друго е неговата политичката елита и нејзиниот однос кон Македонија.
Тоа што Русија ја призна независна Македонија, од чин на декларирана поддршка за суверениот пат на земјата, сега се испоставува како фактура за неограничен „контролен пакет“ врз македонските политики и интереси. Тоа нема врска со пријателство. Во овој контекст прилично илустративно ми изгледа познатата изрека на Фјодор Михајлович: „Aко при секоја пријателска услуга мислиш нa благодарност, тогаш не си дарувал, туку си продавал“.
Иванов и Груевски со ставовите од Москва функцинираа како прим-балалајка, наједноставниот модел на овој инструмент: со две жици нагодени и наштимани еднакво, со цел да произведат широк тонски опфат
Но, руската политика денес не е слика за големината на Русија изразена преку нејзината култура. Таа не зборува со јазикот на Достоевски, ниту на Лав Николаевич Толстој, ниту со милозвучните етиди на славните руски композитори, ниту со мајсторските потези на врвните руски сликари, ниту пак, во односите навестува лесни и неоптоварени чекори типични за една Плисецкаја или Нуреев. Таа денеска е персонифицирана преку типичното советско однесување на Владимир Владимирович и на неговата илиберална елита, која ѕвечка на истиот јазик со кој говори и изумот на генерал Михаил Калашников.
Слобода, демократија, дијалог, унапредување на права, суверено право на избор – сето е тоа нешто што не вирее во сувата степа на руската актуелна политика. Таа е како оживеан Митја Карамазов, кој громогласно извикува „Широк е човекот, многу широк, јас би го стеснил“.
Како што вели Владимир Глигоров за Русија во една анализа, „иако нејзините моментални надворешно-политички цели се руски, инструментите за нивно операционализирање oстануваат советски“. Но, со оглед дека сите надворешни анализи можат да бидат разбрани како „необјективни“, можеби најдобар е описот што за својата земја го дала Русинката Наталија Перверзева, кандидатка на меѓународниот натпревар „Miss Earth 2012“.
Одговарајќи на прашања за нејзината земја, таа изјавила: „Мојата земја е прекрасна. Таа е како љубезна крава со многу крупни очи, која постојано прежива и дава преслатко млеко (…) Но, мојата Русија е и просјак. Mojaта Русија не може да им помогне на старите лица и сирачињата. Од неа која крвари, како од брод кој тоне заминуваат инженери, лекари, професори, бидејќи немаат од што да живеат. Mojaта Русија, тоа е бесконечна војна на Kaвказот“.
Нејзината изјава предизвикала политичка бура. Иако читателите ѝ дале масовна поддршка за точноста на искажаните ставови, набрзо медиумскиот простор бил освоен од „независните“ пропагандисти на Владимирович. И погодувате: Оцениле дека сѐ што кажала таа, всушност се „стеротипи кои ги шири Западот“. Останатите и натаму веруваат дека убавината ќе го спаси светот.