Јануари – месецот со најмногу верски празници по глава на жител, полека завршува. Кој торжествено се овоплоти со Бога – се овоплоти, кој не – ќе си чека следен јануари. Некому му се јави Господ, другему му се јави Али (се надевам дека постои разлика), на трет му се јави мачнина од сарми и алергија на руска салата, на повеќето им се јави чир во стомакот од хроничен глад, а некој во ДБК мораше сиве овие празници да снима кој кому се јавил.
Како и да е, со јавленијата од божествена природа сме при крај и останува само уште да ни јават – кој со кого. Кој со кого ќе коалицира, мислам, се разбира, нека не ви оди веднаш умот на Халкидики (се надевам дека постои разлика).
Со крајот на јануари истекува и рокот и за ова јавление. За жал, додека го чекаме ова важно судбинско јавување за да кажеме „ало“, моравме да испратиме во вечноста уште еден ѕвезден лик – легендарниот Рене од „Ало, Ало“. Слушајте ме внимателно, две илјади и седумнаесетта годино, ова ќе го кажам само еднаш – еби се!
Десоросоизацијата што ни ја најавува е чист еуфемизам. Планот на нашиов хер Фрик е целосна, не метафоричка, ами буквална, физичка елиминација на отпорот во Македонија
Добро, можеби ќе го кажам ова и вторпат ако Ноќниот сокол, или некој Ноќен орел како на пример Бујар Османи, ни соопшти дека ќе се снимаат нови епизоди од серијата, додуша со малку изменет наслов („Али, Али“ наместо „Ало, Ало“), или да бидам попрецизен – ако ни соопштат вест од фронтот дека Али пак ќе му помогне на гестаповецот хер Флик (во нашиот случај веројатно поправилно би било – хер Фрик) да остане на власт и да го дозаврши својот мегапроект – Македонија да стане слика (и прилика) на фамозната „Падната Мадона со големи цицки“ од серијата.
Ова сум го кажал многу пати, а ќе го повторам само уште еднаш – Македонија не може да си дозволи ниту ден веќе под Гестапо и хер Фрик! Колку и да звучи бласфемично, тоа е суровата вистина за нашава Ма(ке)дон(иј)а.
Десоросоизацијата што ни ја најавува е чист еуфемизам. Планот на нашиов хер Фрик е целосна, не метафоричка, ами буквална, физичка елиминација на отпорот во Македонија.
Сценариото е веќе видено во Турција, каде што по наводниот пуч, под плаштот на борба против антидржавното движење на Фетула Ѓулен – се апсеа професори, писатели, интелектуалци, новинари, се гасеа медиуми (добро, со ова сме малку понапред во материјалот), се гасеше по потреба и интернет, Фејсбук и Твитер…
Десоросоизацијата е еуфемизам и за дебилизацијата што ќе тече како дел од целиот процес. Почна со проектот СОС, како епицентар на дебилштината, но оттука ќе дивергира во различни правци и ќе таргетира разни, понекогаш и неочекувани цели и ќе тече по необични канали, како на пример нападот на самохраните мајки од твитерџии дека се канцер на општеството или на Сорос од отец на МПЦ, кој со крст и кандило ќе истерува црни невладини организации.
Единствен начин да се спасиме од ова црно сценарио е да има Нирнбершки процес за хер Фрик и помагачите. Единствена шанса, пак, да има таков судски процес и тенкот на правдата да го прегази македонскиот Гестапо и да престанат нашите животи да се гасат по евтина тарифа е промена на власта. Не постои трета опција. Во Македонија или ќе се пее „Лили Марлен“ од лица униформирани како Гиш или „Шутка не ти бега Никола“ од гласовите на отпорот.
До 2007 прва асоцијација за „мајски“ ни беше Никола Киров – Мајски, авторот на Крушевскиот манифест. Од 29 мај 2007 наваму тоа е Мајскиот договор. Во секоја војна, прва гине вистината. Тогаш, некаде на почетокот на оваа наша војна, Груевски тврдеше дека таков договор не постои, дека тоа е некаков записник од средба, и дека вистината е како шило и кога-тогаш ќе избие на виделина. Тоа кога-тогаш да паѓало во јануари лето Господово неоплотено две илјади и седумнаесетто.
Една по една паѓаа лагите на Груевски, се сопнуваа со нивните кратки нозе на македонските нерамни патишта. За најпосле, остенот на вистината да ја распори и најголемата лажна приказна на овој режим – странските инвестиции
Во меѓувреме, од таа 2007, шилото боде ли боде. Една по една паѓаа лагите на Груевски, се сопнуваа со нивните кратки нозе на македонските нерамни патишта. За најпосле, остенот на вистината да ја распори и најголемата лажна приказна на овој режим – странските инвестиции. Истражувањето на БИРН ја стави под микроскоп оваа мегалага и микробиолошки покажа дека целата фама околу странските инвестиции е една голема измама.
Исто така покажа дека Потемкинови села на Македонија се спектакуларно најавуваните индустриски зони кои во себе денес ги кријат скромните резултати на економската политика на власта која коцкарски вложи сѐ на едно поле – странските инвестиции. Тие се како сликите на Мадона со големи цицки – ги има многу, но повеќето се лажни.
Покажа и дека познатите вуду-соросоиди-скокачи врз книги најверојатно имаат скокано врз публикуваната магистратура на хер Фрик насловена „Странските директни инвестиции, економскиот развој и вработеноста“, зашто во анализата фактографски се побиени лагите и во делот на инвестициите (шест и пол помалку отколку најавените) и во делот на вработувањата (само третина од најавените).
Покажа и дека таканаречените економски промотори се само обични стјуардеси кои собираат авионски милји во обид да ја обиколат планетава за помалку од 80 дена.
Конечно, на јавна сцена покажа дека канцер на општеството не се самохраните мајки туку луѓето од врвот на власта кои со години ги хранат само своите нескротливи лукративни пориви.
Македонија, всушност, веќе е фамозната слика од „Ало, Ало“ насловена „Падната Мадона со големи цицки“. Само што нашата Мадона веќе ја исцицаа хер Фрик и неговите без’рбетни цицачи.
Ова ќе го напишам само уште еднаш, затоа читајте внимателно – секогаш кога ќе го видите Груевски фатен со спуштени гаќи во криминал од Катица Јанева или некоја од обвинителките на СЈО и кога ќе го слушнете како, во недостиг на аргументи, се брани со контра напад (О, ти, глупава женска главо!), сетете се на генијалниот Рене од „Ало, Ало“ и прашајте се дали сакате да живеете во пародија од Втората светска војна или во нормална држава.