Денес не се работи за меѓупартиска борба за преземање на власта, туку за борба против длабоко назадните, ксенофобични, националистички, корумпирани и криминални структури што ја практикуваат власта
Има една сцена во филмот „Брајаново житие“ (1979) на генијалните „Монти Пајтон“, каде што Брајан ѝ се обраќа на толпата што го следи од една тераса (силен симбол) и им вели дека тие немаат потреба да го следат него и дека воопшто немаат потреба да следат никого.
„Вие сте сите индивидуалци“ вели Брајан. „Да, сите сме индивидуалци“, во еден глас одговара толпата. „Вие сте сите различни“ им се обраќа Брајан. „Да, сите сме различни“, повторно едногласно повторува толпата. И тогаш се слуша еден осамен глас: „Јас не сум“.
Токму оваа сцена, ете, неколку децении по нејзиното снимање, како повторно да беше изведувана во тридневното малтретирање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева од страна на собраниската толпа. Народните претставници, во случајов, беа токму тоа – една проста, насилна и секако раководена од еден месија – толпа!
Можеме, во овој случај, да ја идентификуваме Катица Јанева со гласот на месијата Брајан, кој тука го претставува гласот на мудроста и кому му е зададено да ја воспита толпата дека нема потреба да следи никакви месии, па дури ни него. Но, тоа е погрешно читање на работите – Јанева не е никаков месија, ни лажен, ни вистински и не е нејзината улога да „продава“ разум на разулавената толпа. (Иако, во овие околности, нужно е ставена во таква функција).
Но, затоа обвинителката лесно можеме да ја ставиме во улогата на оној осамен глас кој тврди дека не е ист со сите оние што едногласно (едноумно) тврдат дека се различни и дека се индивидуалци. Значи, со оној глас кој не е ниту индивидуален, ниту различен. Парадоксално, ама денес најголем индивидуализам покажуваат луѓето што тврдат дека сите луѓе се исти и еднакви. Дека не смее да постои различност и индивидуализам, особено не пред институтот што обвинителката го претставува – пред законот.
Извикувањето во еден глас: „Сите сме индивидуалци и сите сме различни“, во македонскиот случај има сериозни последици врз овдешната општествена патологија – длабоко навлезена ерозија на општествените стандарди, кој може да се дефинира и преку дефиницијата на Орвел за тиранија: „Сите се еднакви, ама некои се поеднакви од другите“.
И оттука доаѓаат сите оние напади на „писменоста“ на Јанева, на нејзиниот „стајлинг“, на сето она што е ефемерно во случајов. Затоа што таа не е иста со напаѓачите, токму затоа што тврди дека е – иста! Еве, ќе се обидеме уште еднаш да го објасниме овој навидум апсурд: Јанева не е иста со нелегитимните народни избраници, кои тоа го знаат или сосема јасно или инстинктивно (вклучувајќи ги тука и таканаречените „независни“), како што не е иста со медиумските клиенти кои својата моќ ја црпат служејќи ѝ на една корумпирана елита.
Затоа и овој дел од „Брајановото житие“ ми се чини толку битен за актуелната македонска политичка сцена – не се сите исти и не важи (ниту пак некогаш важела) филозофијата на Курто и Мурто. Мислам дека и мантрата за „третиот пат“, не на македонско, туку на глобално ниво го има изгубено значењето што овдешните гласачи така идеалистички (во идеолошка смисла) му го припишуваат.
Станува веќе здодевно да се споменува примерот на грчката „Сириза“, која, ете, спроведува повеќе десни политики отколку што се очекуваше од „Неа демократија“. Не знам, на пример, некому да му паднало на ум американскиот, според нашите поимања, класичен „мурто/курто“ метод да бара да се замени со таканаречениот „трет пат“. А тоа важи и за повеќето држави за кои сметаме дека имаат сериозен демократски капацитет.
Но, намерата на овој текст не е да влегува во дидактички расправи за политичките и политиколошките методи, туку, едноставно да констатира дека денес не се работи за меѓупартиска борба за преземање на власта, туку за борба против длабоко назадните, ксенофобични, националистички, корумпирани и криминални структури што ја практикуваат власта. Македонија, ете, како што тоа обично се случува, во практикување на овој тип популизам, не е единствена во Европа и светот, ама затоа со сигурност може да се каже дека е лидер и предводник на ваквата политика.
Опстојувањето и продолжувањето со работата на СЈО не е прашање на политичката смена на власта, туку прашање на враќање на нормалноста во земјата.
Оттука и произлегуваат хистеричните напади на собраниската невоспитана толпа врз ликот и делото на Јанева. Затоа што тие знаат дека опстојувањето на Специјалното јавно обвинителство значи и неминовен пат кон нивниот пораз, не само политички, туку и историски. Опстојувањето и продолжувањето со работата на СЈО не е прашање на политичката смена на власта, туку прашање на враќање на нормалноста во земјата.
Во таа смисла презентирањето на шестмесечниот извештај на Специјалното јавно обвинителство не е историски само затоа што е преседан во историјата на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ , како едно од ретките директни презентации на извештај за работата на една јавна институција пред пратениците на Собранието на Република Македонија, туку повеќе знак дека постои една институција која не е окупирана од власта.
Во меѓувреме фармерот Душко Илиевски, познат во јавноста како Душко Млекарот, ја напушти земјата, а Миленко Неделковски шета со токмак во рацете барајќи „диви“ бугарски спомен-обележја да ги крши.
Не! Ние, истите, навистина не сме исти!