Ракопис

Министри во бегство

Едночинки: Животот е фарса

Едночинки: Животот е фарса

ЛИКОВИ

АЌИ, маж на 55 години, министер во бегство

СИМЕ, момче на 25 години, министер во бегство

БАБА ДАЦА, 70, сопственичка на подрум, пензионерка

Темно е. Двајца мажи осветлувајќи си го патот со мобилни телефони влегуваат на сцената. Еднаиот пали запалка. Со запалката се шета низ сцената, пребарува. Здогледува креденец со полици, се приближува, пребарува.

 

СИМЕ: (со воодушевување): Значи, чичко Аќи, алал да ти е. Како го отвори катанецот…

АЌИ: А што ме мислеше ти, мали?

СИМЕ: Не ме викај мали.

(Наоѓа газиена ламба, ја пали. Сега може да се забележи дека се облечени во костуми, едниот е постар, другиот помлад. Подрумска просторија. Цевки од канализација, стар креденец со тегли од зимница и шишиња покриени со прав, пластично буре за туршија, стар кревет со железна рамка и гол душек на него. Седнува на креветот. Го пробува, федерите чкрипат. Го соблекува сакото и го закачува на рамката од креветот.)

СИМЕ: Ко Болт сум трчал, виде а, чичко Аќи? (Аќи молчи.) Еј, прво ми се виде интересно, како брканица да си играме, ама после кога видов како го тепаа оној колегата… (Аќи молчи.) А, онаму кај реката си реков, готово е Симе, ќе рипа овој, ќе пливаме, нема друго, ама ти цик-цак, под мостот, па со пузење, нѐ извлече… Браво чичко Аќи!

АЌИ: Доста веќе, уста не затвори! И кога пузевме ти реков глас да не си пуштил, ти се кикотиш позади цело време.

СИМЕ (се смее): Па, топ беше.

АЌИ: Ако нѐ фатат, у топ ќе нѐ стаат, јасно!

(Симе кимнува со главата. Аќи го влече бурето со туршија накај ѕидот. Се качува, гледа низ прозорецот. Надвор се слушаат скандирања на демонстранти.)

АЌИ: Уште ги има! (Досконува на земја.) Ај сега со побистри глави – што ни се опциите? Да останеме овде додека толпата да го одмине овој дел од градот, или… (Се замислува.)

СИМЕ: Или?

АЌИ: Значи, имаме една опција – да останеме овде додека толпата да го одмине овој дел од градот. Сакаш да гласаме?

СИМЕ: Ај со акламација.

(Двајцата тивко аплаудираат,)

СИМЕ: А да се јавиме да нѐ земат?

АЌИ: Каде?

СИМЕ: Во полиција.

АЌИ: Ти будала да не си! Веќе никому не верувам таму. Гледаш цури од сите страни. (Симе молчи,) Еве и да има некој што му веруваш, што ќе ти рече? Истото. Седи таму, нека помине гужвата, па ќе ве извлечеме. (Се сепнува.) Замисли ако и таму влегле…

СИМЕ: Страшно!

АЌИ: Ај бе доста! Ако продолжиш вака да шириш дефетизам, ќе те исфрлам надвор, јасно!?

(Пауза)

СИМЕ: А можевме да продолжиме да трчаме…

АЌИ: Оди трчај, кој ти брани. (Симе молчи.) Ти мали да не мислиш дека си на Њујоршки маратон! Да не мислиш дека овие трчаат по нас за да ни дадат нешто за освежување!

(Од надвор се слушаат гласни извици на толпа демонстранти.) Псссссст… (со уште потивок шепот) Гаси ја ламбата, брзо! (Помладиот трча го газиената ламба и ја гаси. Темница. Тишина.)

(Извиците од демонстрантите стануваат сѐ подалечни, по некое време сосема се стивнуваат. Аќи му ја фрла запалката, Симе ја фаќа, пак ја пали ламбата.)

СИМЕ: Гладен сум.

АЌИ: Јади ако си гладен.

СИМЕ: Што да јадам?

АЌИ: Сакаш телешки бифтек во сос од вргањ…

СИМЕ: Не јадам вргањ.

АЌИ: Јади од тегливе.

СИМЕ: Не јадам корнишони.

АЌИ: Е па, види, некој мармалад да не има по полициве. Јас сега ќе дремнам да одморам…

СИМЕ: Јадам само од кајсии.

АЌИ: Е извини, тој заврши, јеби га, пред малку го продадовме последниот. (Си легнува на креветот.)

СИМЕ: Ми се спие.

АЌИ: Па легни да спиеш ако ти се спие!

СИМЕ: До тебе во кревет да легнам?

АЌИ: Е, извини, мали, што не ти резервирав у хотел.

(Легнува до Аќи. Лежат со грбовите залепени еден за друг.)

СИМЕ: Леле, денов, еј. Лудило! Ама, сѐ ќе заврши брзо така? (Аќи молчи.) Многу народ. Ама ова е само моментална нервоза. (Аќи молчи.) Другите сто посто веќе се на сигурно…

АЌИ: Тешко!

СИМЕ: Чичко Аќи, ај бе сеа ти не шири дефетизам.

АЌИ: Го јадевме стапот, чичино.

СИМЕ (вади некое ливче од џебот): Да не знаеш Реал како заврши? (Аќи молчи.) А да им се јавам дома, може ме мислат?

АЌИ: Дај го телефонот?

СИМЕ: Зошто?

АЌИ: Дај го ваму! (Симе го вади мобилниот од џеб. Аќи му ја вади батеријата.) Немој да се разѕвони и цела зграда да ни се симне, не знаеш шо раја живее овде. (Симе молчи.) Кај те најдоа тебе за министер. (Симе молчи.) И кај најде по мене да трчаш. (Симе вади количка-играчка од џебот. Почнува да ја вози по работ на креветот и да брмчи.) Бррррм, брррррррм.

АЌИ (Срипува): Шо праиш бе?

СИМЕ: Возам.

АЌИ: Што возиш бре?

СИМЕ: Ауди. Секогаш кога се плашам ноќе, си возам.

АЌИ (си легнува пак): Тамам имав задремано. (Симе молчи.) Мали, спиј некој саат, после пред да зазори, ќидавела, можда пак ќе треба да се трча. (Симе молчи.) Ти ако сакаш седи си овде, ама ќе те најдат. Сите суратот ти го знаат.

СИМЕ: Ќе чекам моите да ме земат. (Аќи молчи.) Мислиш ќе нѐ најдат? (Аќи молчи.) Ќе одам. (Аќи молчи.) Нема да ме спречиш? (Аќи молчи.) Колку е саат? (Аќи молчи.) Немам батерија на мобилниот, може на твојот да видам? (Аќи молчи.) Кај ти е?

АЌИ: Во џеб.

СИМЕ (се доближува со раката до џебот на Аќи, незгодно му паѓа, ја повлекува): Ај бе види ти, некако по туѓи џебови…

АЌИ (се смешка): Брцни, брци..

СИМЕ: Не, не, колку сака нека е саат, шо има везе.

(Пауза)

СИМЕ: Чичко Аќи…

АЌИ: Спиј бре!

СИМЕ: Добро.

(Одеднаш стар ѕиден часовник фрлен во купот стари работи почнува да отчукува гласно како камбана, а од утробата на часовникот излегува клукајдрвец.)

АЌИ, СИМЕ (двајцата срипуваат, секој од својата страна на креветот и урлаат): Аааааааааааа! (Аќи вади пиштол од сакото. Го вперува кон клукајдрвецот.)

АЌИ: Мали!

СИМЕ: А?

АЌИ: Ќе пукам!

СИМЕ (уплашено): Немој чичко Аќи, не знаеме што џган народ живее у зградава.

(Часовникот отчукува последен пат и замолкнува. Аќи го враќа пиштолот во сакото. Оди и му ги вади батериите на часовникот. Се смируваат, пак си легнуваат во позата од претходно.)

СИМЕ: Сакаш да си играме влада во егзил? (Аќи молчи.) Да го убиеме времето.

АЌИ: Времето нас ќе нѐ убие. (Симе почнува да липа.) Де, де, ти па Симе, не сфаќај сѐ толку сериозно.  (Го репетира пиштолот.) Ако не ја затнеш таа муцката, ќе те застрелам!

СИМЕ: Аха, ќе ме убиеш. А коалицијата?

АЌИ: Заборавив.

(Надвор почнува да се слуша силна бучава, сѐ се тресе во подрумот, креденецот мислиш ќе се преврти.)

АЌИ: Хеликоптер!

СИМЕ: Земјотрес!

АЌИ: Готови сме!

СИМЕ: Да се пикнеме под кревет!

АЌИ: Зашо бе?

СИМЕ: Па ако се сруши зградава… (Аќи молчи.) Колку-толку да се спасиме. (Аќи молчи.) Уствари, корозирани се федерите на креветов, кај може да задржат цела зграда ако се сруши…

(Повторно силна бучава.)

СИМЕ: Пак земјотрес! Афтер шок!

АЌИ: Хеликоптер е, ќе ни фрлат шок-бомба, ќе видиш ти и афтер шок…

(Хеликоптерот како да лебди точно над зградата.)

АЌИ: Готови сме. (Го зема пиштолот. Си го става под брада.) Не им се предавам жив!

СИМЕ: Немој чичко Аќи, немој жити мене.

АЌИ: Не ме колни во тебе.

СИМЕ: Немој, ни опроштајно писмо немаш напишано.

АЌИ (го враќа пиштолот): Да бе, у право си, глупо е без опроштајно. Имаш хартија и пенкало?

СИМЕ: Неам.

АЌИ: Штета.

(Хеликоптерот си заминува.)

АЌИ: Ете, гледаш, џабе паничиш, опасноста пројде.

СИМЕ: И тоа шо викаш, и јас глуп, џабе ќе се отепаше.

(Пак се засилува звукот.)

СИМЕ: А да се предадеме?

АЌИ: Коа сакаш можеш да се предадеш, дај да видиме колку-толку да се спасиме ако можеме.

(Се слуша удар на кломпи по бетон. Некој бавно, кроце-покроце се симнува по скали..)

АЌИ (со шепот): Иде некој. Гаси ламбата! Брзо! (Симе ја гаси. Темнина. Ударот на кломпите е сѐ погласен.Почнува да се препознава и силуета на жена.)

АЌИ: Стој!

СИМЕ: Камај!

АЌИ: Каков камај! Ќути, сѐ ќе расипеш. (Кон силуетата) Ти! На колена!

СИЛУЕТАТА: Не можам синко, ме болит реумата.

СИМЕ: Па, што не одиш на бања…

АЌИ: Ќути бе!

СИМЕ: Бесплатно е за пензионери.

(Жената пали чкорче и ја пали ламбата. Тоа е БАБА облечена во ноќница. Бабата ги гледа зачудено. Аќи веднаш го крие пиштолот зад грб.)

БАБАТА (гледа во Симе): Деца, ај море доста со тие игри, шо ве пуљам чудни, дома немате? Да земит баба Даца една тегла слатко и си ом, вие играјте си сетне колку сакате, не ве бркат баба Даца. (Го здогледува и Аќи кај креветот.) Ти, синко, не си стар за та работа?

АЌИ: А, што да правиш. Запна малиот.

БАБАТА: Ах, бе деца. Мојт едно кафе да ви сварит баба Даца?

(Аќи и Симе се погледнуваат.)

АЌИ: Без шеќер.

БАБА ДАЦА: За малиот едно какао можит?

СИМЕ: И за мене кафе.

БАБА ДАЦА: А море дете, опашка ќе ти никнит. Какво?

СИМЕ: Долго еспресо во голема шоља… ако може.

БАБА ДАЦА: А Лаваца или Или?

СИМЕ: Или.

БАБА ДАЦА: А ак немат, можит Лаваца?

СИМЕ: Па, ако нема…

БАБА ДАЦА: З`ш кај баба Даца некојпат само лаваца. Ај сејте тука, да појдам да сварам. (Излегува. Па се враќа.) Ак немит лаваца, мојт и за тебе турско?

СИМЕ: Не, чај тогаш… Од камилица.

БАБА ДАЦА: Е ај, тогај, да си појдит баба Даца, зш доцна е. (Излегува. Па пак се враќа.) Да не ви е ладно? Да ви симнит баба Даца и по едно пуловерче да си облечите.

АЌИ: Бабо, океј сме си ние. Оди ај свари кафето.

БАБА ДАЦА: Од к`ј си море ти?

СИМЕ: Он е од…

АЌИ (на Симе): Доста бе!

БАБА ДАЦА: Не си од Ламбета?

АЌИ: Не, не сум.

БАБА ДАЦА: А, не си. Добро. (Тргнува да си оди, па пак се враќа.) А откај Петревци да не си?

АЌИ: Бабо, не сум од овде!

БАБА ДАЦА: Дека ми заљиче на тој, Мирко како го викаа… Не те виќет Мирко тебе?

СИМЕ: Не бе бабо, тој…

АЌИ (на Симе): Доста бе! (На Даца): Климе ме викаат.

БАБА ДАЦА: Климе? Па, ти мојт да си от Орид, ко мене. Сестра ми ош таму сејт, ја знајш Митра?

АЌИ: Не, не сум од Охрид. Не знам зошто Климе ме нарекле.

БАБА ДАЦА: Не, а? Ем, ништо тогај, да ом јас кафе.

АЌИ: Да одиш.

СИМЕ: И телевизор да не вклучуваш.

БАБА ДАЦА: Телевозор на полноќ? Порниќи не ќе гледам?

СИМЕ: Не… онака… да не ти претече кафето.

БАБА ДАЦА: Не бери гајле. (Тргнува да си оди, па пак се враќа.) А море со шеќер рече или без?

АЌИ: Без.

БАБА ДАЦА: Ти море?

СИМЕ: Кафеав ако има.

(Конечно излегува, пак се слушаат удари на кломпи по скали.)

СИМЕ: Чичко Аќи, да не нѐ дупи оваа старава?

АЌИ: Не гледаш дека е сенилна.

СИМЕ: Да не јави некому за нас?

АЌИ: Оваа ни родениот син не може да си го познае.

СИМЕ: А да ја врземе за креветов и да побегнеме?

АЌИ: А бе ај, да ми се смее народ. Баба од осумдесет-девеесет години да врзувам за кревет.

СИМЕ: Шо знам… Сумњива ми е некако.

АЌИ (го става пиштолот во сакото): Многу гледаш филмови, мали.

(Пак се слушаат кломпите.)

АЌИ: Еве ја иде. Сама е.

СИМЕ: А ако јавила некому?

АЌИ: Не шири дефетизам!

СИМЕ: Некако брзо го свари кафето.

(Баба Даца влегува. Не носи кафе. Оди право кон креденецот, пребарува.)

СИМЕ: Бабо, а кафето?

БАБА ДАЦА: Немат.

СИМЕ: Како бе нема, бабо?

БАБА ДАЦА: Имат снемано.

АЌИ: Ништо бабо, батали, ние и така сега ќе си одиме. Доцна е. Треба да спие малиов.

БАБА ДАЦА: Аааа, не.

АЌИ: Што сеа не?

БАБА ДАЦА: Па, да ме зборвет после твои Петревци, сте ми дошле на гости, ништо не сум ви извајла. Ги знам ја тие твои Петревци. Олкаа уста за зборвење имет.  (Аќи молчи.) Имав овде една тегла слатко от черешни. Јајте слатко от черешни? К`ј се заганало, пепел да се стори. Томе мој `ногу го сакаше. Го памтиш Томета?

АЌИ: Не!

БАБА ДАЦА: Е како не, сто п`ти имат идвено к`ј вас дома. Томе, Томе, столар беше, дограмата ви ја имат праено.

СИМЕ: Бабо, абе чичко Аќи не е Охрид, ти рече.

БАБА ДАЦА: Кој Аќи?

СИМЕ: Овој овде.

БАБА ДАЦА: Ти Климе не си?

АЌИ: Климе сум, ама Аќи ме викаат.

БАБА ДАЦА: Чиј си? На Русомир?

АЌИ: Не, друг е тој Климе. Јас сум на… (Мисли малку) Богдан.

БАБА ДАЦА (извикува радосно): На Богдана од Столевци! Види го м`же цело израснал. Ти знајш Богдан оти прв брачет од Томета мој беше?

АЌИ: Не!

БАБА ДАЦА (му се доближува до увото, па му шепоти): Не живееја баш најарно. Овај му зел на овега пари, не му ги вратил. Ак си дојден по парите, речи му на Богдана, шо си имат со Томета, на онај свет да си расчистет, мене да не ме мешвет.

АЌИ: Ќе пренесам, одиме ние.

БАБА ДАЦА (радосно извикува): Еве го, к`ј било, цело време пред нос ми било, не сум го пуљела. Остаре баба Даца, синко. Не е та шо ја памтиш ти од времето ко си живееја Томе и Богдан.

СИМЕ: Мене ми рекоа најдоцна до еден да сум дома. До толку имам излез.

БАБА ДАЦА: За час ќе бидит, само пајнци да најдам.

АЌИ: Не бе, какви пајнци, дај од тегла ќе јадеме, брзаме ептен. (Тивко, на Симе) Дај дур е тивко надвор да ја спраштиме.

СИМЕ: Бабо, не јадам јас слатко од цреши.

БАБА ДАЦА: Не јајш?! Ам хамбургер од „Седмица“ неам да ти дам. Ах, мор деца, ич неубо се храните. И на фнуко му вељам, ама кој да слуша.

СИМЕ: На внукот? А тој сега дома е?

БАБА ДАЦА: Не, море, какво дома. (Кратка пауза.) На некој демострации ојде, да си крши глата, од преѓе го чекам да се врнит. (Надвор почнува пак од далеку да се слуша бучава од демонстрантите.) А, еве го кај иди, чек мош па тој го имат негде клаено кафето. Чек да го викнам од пенџер.

АЌИ (панично): Не, не, одиме ние…

СИМЕ: Не го викај детето, остај го нек си демонстрира…

БАБА ДАЦА (сега кон Симе): Виктор. Го знајш?

СИМЕ: Кој Виктор, па сеа?

БАБА ДАЦА: Фнуко, како кој. Корчагин имат учено, ти к`ј заврши ил уш си на чколија?

СИМЕ: Јас во… (мисли малку) Орце Николов. Не се знаеме. Него, ај одиме ние. (Извиците од демонстрантите стануваат малку погласни.)

БАБА ДАЦА: Ти Климе од слаткото нема да пробаш?

АЌИ: Не јадам благо навечер. (Надвор е сѐ погласно.) Ајде, Усаин Болт, спреми се за спринт.

СИМЕ: Ајде чичко Аќи. Климе…

АЌИ: Прееска куртули, ама сега не ти бега пливање преку реката!

БАБА ДАЦА: Каде бе деца сред зима ќе пливате… Ќе испонастините… А море Водици да не е денеска?

АЌИ (не може веќе да чека): Поздрави си по дома. Од Петревци.

БАБА ДАЦА: И ти кај Петревци. А на Богдана поарно нишо не му вељи за парине. (Вика по Аќи кој е веќе истрчан надвор.)

СИМЕ: И јас одам. (Ѝ пружа рака да се поздрават.)

БАБА ДАЦА (држејќи му ја раката): Немој синко да се к`пиш ноќе. Знајш шо луѓе се имет удавено така?

СИМЕ: Може ќе го фатам крстот.

БАБА ДАЦА: Не верви сѐ шо вељат попоите, здравје, бериќет, слушај баба Даца, еден од Варошон запалење плуќа имат добијано на твои години.

СИМЕ: Чао бабо! (Се истргнува некако. Истрчува надвор и тој. Толпата е веќе прилично гласна.)

(Баба Даца оди до ламбата и ја гаси. Потоа вклучува мобилен. Врти.)

БАБА ДАЦА: Цвето, да не пукниш, сѐ по план испадна. Ко шо се договоривме. До сеа сум ги држела двајцана… (Пауза.) Ем, како, ти шо мисљеше… (Пауза.) А мор, ќе се спасет, само ќе пливет малу по рекана… (Пауза.) Ем, ако мор, да се оладат малу, со ладна гла порно се мисљит. Сеа да јавам кај фнуко да ги чекет от та страна, па да ги подберет малу… (Пауза.) Не, мор не, елај ти к`ј мене, ја су повисоко, ќе ти сварам кафе и ќе си пуљиме от пенџер како пљивет… Лаваца имам.

КРАЈ

Рубриката Ракопис е скромен обид на Призма да им понуди на своите читатели можност за литературно бегство од баналностите на македонската реалност. Секоја сабота наизменично ви нудиме раскази и драми, мал артифициелен арт остров во океанот секојдневни проблеми.