Јазикот и неговото право

Судот во Лерин (Грција), со две посебни одлуки ги одбил барањата за забрана (поништување на регистрацијата) на невладината организација Центар за македонски јазик од истиот град.

Можам да се сложам со оние што оваа одлука на грчкиот суд ја сметаат за историска, особено во однос на историското и не толку историското бреме што ја оптоваруваше и сѐ уште ја оптоварува употребата на малцинскиот македонски јазик кај нашиот јужен сосед.

Меѓутоа, можам да се сложам и со оние што тврдат дека нема ништо посебно, ниту историско во оваа одлука, затоа што грчкиот суд само ги следеше одредбите на грчките закони и европските директиви.

Оваа одлука, сепак, е важна од неколку причини. Ќе ги избегнеме тука големите национални и идентитетски наративи од типот „јазикот е нашата единствена татковина“, затоа што одлуката на судот не ги допира и не се базира на тие прашања (во спротивно судот би донел сосема спротивна одлука).

Одлуката на леринскиот суд, всушност, ги побива тезите за државотворноста на одредена нација и нејзината супремација во една државна заедница. Конечно, во време на глобализација, кога светот забрзано станува билингвален, па и трилингвален, давањето некаков сакрален ореол на кој било јазик, па макар тој бил и „мајчин“, едноставно е – депласирано. Европската Унија одамна ја има заменето фразата „почитување на етникумите“ со „почитување на различностите“.

Оваа одлука на судот сѐ уште е прв чекор, ама чекор што ги отвора портите кон ползување на сите права што би требало да им припаѓаат на сите луѓе во светот

Малцинските етнички групи, по дефиниција, се ранливи категории, како што се тоа, на пример, припадниците на ЛГБТ заедницата или лицата со инвалидитет. Впрочем, сите малцински групи, во суштина, се ранливи, токму затоа дека се малцински. Со други зборови, леринскиот суд им дозволи на Македонците од Егејска Македонија да уживаат дел од правата што ги има мнозинската грчка заедница, односно да го изучуваат сопствениот јазик и сопствената култура.

Грција е членка на Европската Унија, Македонија е земја-кандидат за влез во истата организација и се обидува да чекори по европскиот пат.

Европската Унија, како некаква пара-федерација на суверени држави („самоопределување до отцепување“), има заедничка и усогласена надворешна политика, а богами има поставено и внатрешни правни и општествени стандарди што земјите-членки се должни да ги почитуваат (феномен познат кај нас како „усогласување со европското законодавство“). Грција, како и Македонија, е членка на атлантско-европскиот одбранбен систем (НАТО), а ЕУ се подготвува да воведе сопствени воени сили.

Ако се такви состојбите, а такви се, тогаш големите национални митови („цела да е“, „Македонија вечна“, „едно име имаме“…), всушност, не се ништо друго, туку празни зборови што само им нанесуваат штета на оние што се колнат во нив, но и на оние што живеат околу нив. Затоа се сосема депласирани и поделбите на „предавници“ и на „патриоти“.

Кои се „патриотите“, а кои се „предавниците“, кога сите политички фактори во земјава се колнат во Европската Унија. А таа има свои правила што сите ветуваат дека ќе ги следат.

Важна е одлуката на леринскиот суд и затоа што вакво нешто не можеше да биде ни сонувано до пред потпишувањето на Преспанскиот договор. Оваа одлука директно ја потврди исправноста на политиката на компромис. Или, ако сакам да бидам саркастичен, ќе кажам дека ова е голема победа на „северџаните“.

Ако сме искрени во следењето на она што се нарекува „европски вредности“, тогаш славната реченица на Кенеди: „Не прашувај што може државата да направи за тебе. Прашај што можеш ти да направиш за државата“, конечно треба да доживее инверзија. Клучното прашање е што прави и што може да направи државата за граѓаните, а не граѓаните за државата.

Љубовта, на крајот на краиштата, е двострана. Од преголема љубов, илјадници македонски граѓани зедоа бугарски државјанства и се иселија по западниот свет.

Оваа одлука на леринскиот суд секако е најважна за Македонците од Егејска Македонија. Сѐ уште е тоа прв чекор, ама чекор што ги отвора портите кон ползување на сите права што би требало да им припаѓаат на сите луѓе во светот.

Ако сакаме да го следиме европскиот пат, тогаш ајде да го ставиме бугарскиот етникум во Уставот. Не затоа што е тоа резултат на уцена, туку затоа што е тоа европска вредност

Во својата Повелба за темелните човекови права, усвоена 2000 година, Европската Унија набројува педесет темелни човекови права. Под реден број 22 е запишано правото на верска, културна и јазична различност. Под 21 стои правото на недискриминација, а под број 14 се наведува правото на образование, кое вклучува можност за бесплатно задолжително школување, слобода за формирање образовни установи, како и право на родителите на своите деца да им осигурат образование и подучување во согласност со своите верски, филозофски и педагошки убедувања.

Со други зборови, ако доследно се толкува Повелбата за темелните човекови права, тогаш одлуката на леринскиот суд е прв, но неопходен чекор да се овозможи изучување на македонскиот јазик, но и на македонската култура. Во согласност со нововоспоставената судска пракса, не гледам никаква пречка да се формираат приватни училишта на македонски јазик, а потоа тие и да се институционализираат.

Впрочем, една од целите на Центарот за македонски јазик е токму тоа: воведување на македонскиот јазик како изборен предмет во сите степени на образование (основно, средно и високо). Се разбира, онаму каде што има интерес и потреба од тоа.

Како што и самите сведочиме, Преспанскиот договор прилично ги релаксираше односите меѓу двете земји, а оваа одлука само ќе ги зацврсти. Особено ако работите се одвиваат во посакуван правец за добронамерните граѓани на двете земји. Сега е моментот за интензивирање на културната соработка меѓу земјите, која, за волја на вистината, срамежливо и започна. Можеби е момент Владата и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ да размислат и да побараат отворање лекторат на македонски јазик во Грција. Зошто не?

Сепак, најважната порака за нас што ја праќа леринскиот суд е – дека не боли! Ако сакаме да го следиме европскиот пат, тогаш ајде да го ставиме бугарскиот етникум во Уставот. Не затоа што е тоа резултат на уцена, туку затоа што е тоа европска вредност. А и нема да боли.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија