Ставот дека: „Ако на мнозинството му пречи нешто, тогаш тоа треба да се забрани“ – е шарена лага. Опасна манипулација, која отвора можност за мобилизација против основните права и потреби на малцинските групи и дава искривена слика за демократијата. Колку и да изгледа непопуларно, политичкиот зрел одговор на оваа шарена лага е: мнозинството не смее да биде послушано за сѐ.
Со други зборови, освен на избори (во согласност со различните изборни модели во демократиите), мнозинството не треба ниту да се прашува, ниту да се слуша за прашања што а) ги задираат правата на малцинствата и б) не ги задираат правата на мнозинството. Па така, доколку одредена политика, пракса или одлука придонесува за подобрување на животот на малцинствата, а притоа не ускратува ресурси или права на мнозинството, тогаш ставот или мислењето за таа политика на мнозинството е неважен.
Месецов се одржа Европрајд во Белград. Како некој што отпатува во Србија за да им даде поддршка на ЛГБТИ луѓето во соседството, имав тажна можност на „своја кожа“ да ја почувствувам таа тензија меѓу „увреѓеното мнозинство“ и уплашеното малцинство. За тие што не ги следеа хорор-глетките на медиумите, таа сабота во Белград се случуваше „тиранија на мнозинството“.
Напротив, „народот“ или „мнозинството“ не претставува однапред постоечка конституенца, туку конструкција што се појавува во политичкиот процес
Во еден дел од градот течеше Парадата на гордоста со скратена рута и тешко полициско обезбедување, а во друг дел од градот противниците напаѓаа, удираа со шишиња и предмети по учесниците на парадата, полицијата и новинарите, палеа, се закануваа на жени со групно силување додека скандираа молитви и мавтаа со икони во рацете. И покрај тоа што никогаш во животот не сум била поисплашена за својот и за животот на другарите од таа сабота, сепак она што ме дотолчи беше рефлексијата на случувањата во нашиот локален јавен дискурс.
Читајќи статуси и написи за Европрајдот, забележав дека најголемиот дел од нив користат неколку аргументи: мнозинството не сака парада и затоа таа не би требало да се случи, ЛГБТИ заедницата го провоцира мнозинството и одредени визуелни прикази на пребројување, кои докажуваат дека групата против е далеку побројна од групата што излегла на парада. Па, да се обидам да одговорам на овие рефлексии.
За почеток, да се обидеме да го дефинираме самиот поим „мнозинство“ онака како што се употребува во споменатите реторики. Политичката употреба на терминот, најчесто исчитана во флоскулите од типот „мнозинството народ“, „99 отсто од народот“, „тивкото мнозинство“ „нормалниот народ“ и слично, според политичката филозофија и теорија, претставува популизам.
Најистакнатите теоретичари на популизмот, како Лакло, Муде, Муф, Милер даваат различни дефиниции на популизмот, но сите се согласуваат дека „мнозинството“ не претставува некаква стабилна, кохерентна група луѓе. Напротив, „народот“ или „мнозинството“ не претставува однапред постоечка конституенца, туку конструкција што се појавува во политичкиот процес. Со други зборови, мнозинството е општествен и политички конструкт, кој варира во различни епохи и во различни географски контексти.
Правата и пристапот до добра и услуги на малцинството, и тогаш кога се оспорени од мнозинството, се неприкосновени
Најголем доказ за тоа се исходите од изборите, односно промените на властите на одреден временски интервал. Мнозинството избрало една политичка опција, а по неколку години избрало друга политичка опција. Токму затоа ние не можеме да зборуваме за мнозинство луѓе како еднаш засекогаш зададена конкретна група, но можеме да зборуваме за доминантни ставови и вредности.
Одредени општествени и политички позиции, за дадени прашања ги застапува најголемиот број луѓе во даден момент, споредено со различните позиции за истите прашања што ги застапуваат помал број луѓе. Она што е факт е дека тоа што одреден став денес е застапуван од најголемиот број луѓе не значи априори дека е најисправен. Напротив, во многу случаи низ историјата се докажало дека овие ставови биле неисправни.
Оттука, лоши политичари и лоши политички одлуки се тие што се засноваат на ставовите на мнозинството. Властите мора да го разберат своето владеење и управување далеку посериозно од реагирањето на пораките на „мнозинството“ од типот „Хеј Сири“. Затоа и разликуваме стилови на владеење: демократија, мајорикратија, охлократија и слично. И Сократ и Платон и многумина политички филозофи по нив биле свесни за опасноста што лежи во срцевината на демократијата: тиранијата на мнозинството. Токму затоа современите демократии се потпираат на поинакви принципи.
Апсолутното владеење на мнозинството е дозволено единствено во организација на власта (изборни резултати), но тоа никако не смее да претставува уште една форма на опресија врз малцинството. Правата и пристапот до добра и услуги на малцинството, и тогаш кога се оспорени од мнозинството, се неприкосновени. Со други зборови, ако литијашите можат да излезат на протест против парада, тогаш истото право мора да го уживаат и ЛГБТИ луѓето, без разлика дали на мнозинството тоа му се допаѓа или не.
Во спротивно (како што покажа одлуката на претседателот Вучиќ официјално да го забрани Европрајдот), ние не зборуваме за демократија, туку за охлократија. Охлократија е дегенеративна форма на демократијата и наједноставно може да се опише како систем на „владеење на толпата“. Во таквите системи, масите стануваат плен и инструмент на популистичките лидери и демагози. Па затоа, кога следен пат некој ќе ви рече дека одредени права или практики на малцинските групи го нервираат мнозинството, сосема спокојно одговорете: кој го врти мнозинството!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија