Кој коси, кој вода носи

Се случи тоа на денешен ден – шести август, пред пет години. Во вечерните часови, кога летната жега требаше да попушти, никој од граѓаните на скопско Стајковци и околните села не можеа да претпостават каков пекол ќе доживеат таа вечер.

Рекордни 100 литри дожд на квадратен метар за неколку часа го поплавија целото подрачје, однесоа 22 човечки животи, уништија домови, ниви, возила, земјоделска механизација…

Беше тоа ден кога научивме многу за силата на катастрофите, особено ако претходно не сме си ги завршиле домашните работи – од  неизградена атмосферска канализација, преку неисчистени, затнати канали, кои не можат да го апсорбираат вишокот од надојдената вода, до нестручни партиски кадри именувани за раководители на институции за справување со кризи, недостиг од координација меѓу нив, па сѐ до срамното немање ни гумени чизми.

Кога ќе изградиме институции што ќе функционираат навремено и беспрекорно, координирани превентивно и оперативно, без оглед дали е лето или зима, или кој е на власт, дури тогаш ќе биде небитно каде се премиерот и дел од министрите, додека земјата е во пламен

Научивме тогаш дека нема играње со водата, слушнавме ветувања дека ќе се извлече поука од грешките, дека не се опасност само поплавите, туку и пожарите, дека нема играње ни со огнот. Но, кратката меморија секогаш води кон долги последици.

Ние практично во ниту еден момент не престанавме да си играме со „огнот“. Да имаш Дирекција за заштита и спасување, да имаш Центар за управување со кризи, да имаш Национален координатор за имплементација на Националната платформа за намалување ризици од катастрофи, да имаш куп стратешки планови и оперативни проекти за подобрување на општинските капацитети за управување со кризи, а епилогот да е ист како да немаш ништо од тоа, значи дека единственото нешто со кое располагаш е ХРОНИЧЕН НЕДОСТИГ од институционална координација и соработка. Овие институции „функционираат“ како да постојат сами за себе.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, пролетва, во некаква верзија на „Тарзан во костум“ ни демонстрираше како со јаже преминува преку кањон (спасувачка акција „Мрежичко 2021“). Такво „јаже“, само уште подебело, треба да се оптегне меѓу сите институции што имаат надлежност во справувањето со кризи. Инаку, каква корист од нив, ако целиот мандат го поминуваат во објаснување кој за што бил (не)надлежен. Еднаш нека ги интегрираат, за јасно да се знае „кој коси, кој вода носи“ кога ќе се соочиме со катастрофи.

Ако не можат да го сторат тоа, зошто да ги плаќаме, сосе таа габаритна администрација вработена таму. Што корист имаат жителите на поплавени или опожарени места од тоа што некој фотокопира стратегии и оперативни планови, кога на терен главната оперативна активност му останува на месното население.

Од втори август, кога пламнаа пожарите во Кочанско, до денес, кога го пустошат пијанечко-малешевскиот регион, локалните жители беа и останаа „систем за рано предупредување“. Тие јавуваа каде гори, тие први влегуваа во битка со огнот, тие јавуваа дали пожарот го сменил правецот. Во исто време, домашните противпожарни ресурси се толкави колку што институциите се потрудија да ги стокмат во изминативе години. Недоволно, ни кадровски, ни технички.

И не зависи сѐ само од нив. Како е можно ЈП „Македонски шуми“ да менаџира со шумскиот фонд без да воспостави превентивни просеци на толку големо шумско подрачје, па сега жителите во Малешевијата сами ги сечат дрвјата за да обезбедат појас на кој ќе ги запрат пламените јазици.

Промена во функционирањето на споменатите институции мора да има, во спротивно излегува дека се согласуваме да се вртиме во истиот маѓепсан круг на самоуништување. Секогаш ли ќе се надеваме на помош од други земји? Добро е што ја има, но можеби еден ден не ќе може да пристигне.

Значењето на назависноста не државата не се мери според годините (30 во случајов), туку според резултатите. Независност значи градење и потпирање на сопствени капацитети. Независност значи желба за создавање, унапредување, зачувување, а не сумирање последици од уништувања од природни и од други катастрофи.

Што корист имаат жителите на поплавени или опожарени места од тоа што некој фотокопира стратегии и оперативни планови, кога на терен главната оперативна активност му останува на месното население

Кога ќе подвлечеме црта, што имаме во контекст на справување со кризите? Дебели стратегии со тенка реализација. Во таков случај, не само пожарите и поплавите, генерално сите можни непогоди ќе станат „идеални партнери“ за нашите недовршени „надлежни“ институции.

Кога ќе изградиме институции што ќе функционираат навремено и беспрекорно, координирани превентивно и оперативно, без оглед дали е лето или зима, или кој е на власт, дури тогаш ќе биде небитно каде се премиерот и дел од министрите, додека земјата е во пламен.

Но, сѐ додека бараме странска помош, сѐ додека не ги поставиме работите на здрави темели, ова прашање ќе биде многу битно. Зашто земјите што ја испраќаат помошта, најлегитимно можат да се прашаат: ако претставници на власта спокојно заминале на одмор, значи состојбата таму не е алармантна. Или во стилот „ме изеде туѓиот срам“, нема да го коментираат тоа, но ќе го запомнат – за следниот пат. А тој може брзо да се случи, доколку не ги коригираме грешките.

Не станува збор за потреба од мала „козметичка“ корекција, туку за поместување огромни тектонски плочи во начинот на нашето размислување и дејствување. Ако тоа не го разберат тие што носат одлуки, навистина нема суштинска разлика дали се на одмор или овде. Секако не вршат работа.