Инаугурацијата на новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, беше засенета од нејзината одлука да каже „Македонија“ при положувањето заклетва наместо новото уставно име „Република Северна Македонија“, кое произлегува од Договорот од Преспа, од 2018 година, со кој се реши долгорочниот спор меѓу двете земји.
Ако се земе предвид дека првпат по независноста од 1991 година, земјата доби претседателка во патријархално општество, кое не е познато по промовирањето на учеството на жените во политичкиот живот, жално беше што на ваквиот историски настан не му се посвети поголемо внимание. Тоа особено отсуствуваше во реакциите од соседните земји, од ЕУ и од меѓународните медиуми.
Сè уште не се случило ништо што сугерира дека новоизбраната претседателка и идната влада нема да го почитуваат Договорот од Преспа, меѓународно обврзувачки документ во кој има обврски за двете страни, кои треба целосно да се исполнат.
Во сите изјави со кои се критикува новата претседателка, не се споменуваше доцнењето на Грција во исполнувањето на сопствените обврски – ова е уште еден несреќен пример за двојните стандарди на ЕУ
Многу од овие обврски, од кои некои се исклучително чувствителни, како што е промената на Уставот и личните документи, за да се интегрира новото име на државата, веќе се спроведени од владата во заминување.
Во меѓувреме, грчката влада допрва треба да ги исполни своите обврски од Договорот, односно да ги ратификува трите протоколи, кои сѐ уште не се усвоени во грчкиот парламент.
Сепак, мора да се напомене дека во сите изјави со кои се критикува новата претседателка, не се споменуваше доцнењето на Грција во исполнувањето на сопствените обврски.
Ова е уште еден несреќен пример за двојните стандарди на Европската Унија и нејзините земји-членки, кои забораваат дека токму ветото на Франција во 2019 година го спречи официјалното отворање на пристапните преговори со ЕУ таа година, и покрај посветеноста содржана во Преспанскиот договор.
За работите да станат полоши, Бугарија во 2020 година го наметна сопственото вето на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија. Ова вето немаше врска со копенхашките критериуми, туку многу повеќе имаше врска со бугарската внатрешна политика.
Тоа што оваа бугарска позиција подоцна беше поддржана од ЕУ, не само што целосно ги прекрши правилата од политиките за проширување на Унијата, туку создаде и најлош преседан во надворешната политика на ЕУ кон нејзиното најблиско соседство.
Резултатот од овој несреќен преседан е тоа што за да почнат преговорите за пристапување кон ЕУ, македонскиот Устав ќе треба да се смени и да има референца за постоење бугарско малцинство во земјата.
Унијата и нејзините земји-членки не успеаја да ја разберат и продолжија да ја потценуваат комплексноста на регионот на Западен Балкан
Иако ова само по себе не треба да претставува голема пречка, начинот на кој овој услов беше наметнат, без никаков реципроцитет за бугарската страна, предизвика раздор во македонското општество.
Како минимум, Софија би требало, за возврат, да прифати да ги спроведе многуте пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, со кои се повикува бугарската влада да го признае постоењето на македонско малцинство во Бугарија.
Бугарските барања, исто така, ги влошуваат меѓуетничките тензии во земјата. Етничката албанска заедница (која претставува над 25 отсто од населението според пописот од 2021 година) ги прифаќа бугарските барања бидејќи тие не влијаат врз албанскиот идентитет.
Мнозинската македонска заедница, пак, разбирливо се чувствува огорчено што повторно нивниот идентитет, јазик и историја се поткопани, овојпат од Бугарија, но и со прифаќање на бугарската позиција од страна на ЕУ.
Стари грешки или позитивни промени?
Неспорно е дека последователните барања наметнати на Северна Македонија од ЕУ и нејзините земји-членки, во изминатите години направија поголема штета на кредибилитетот на ЕУ во нејзините политики за проширување отколку во кое било друго време по последното големо проширување во 2004 година.
Тоа покажува како Унијата и нејзините земји-членки не успеаја да ја разберат и продолжија да ја потценуваат комплексноста на регионот на Западен Балкан, неговата историја и длабоките вкоренети општествени поделби, каде што помирувањето по конфликтите од 1990-тите години останува далечен сон.
Наместо да промовира политики кои поттикнуваат меѓуетничка хармонија, Европската Унија поддржува предлози, кои, како во бугарско-македонскиот случај, дополнително ги поттикнуваат меѓуетничките тензии.
Претстојната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ носи тежок товар од провокации со преименување аеродроми и автопатишта, како и злоупотреба на власта и корупција за време на владеењето на партијата од 2006-2017 година.
Сепак, македонската страна не е невина. Претстојната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ носи тежок товар од провокации со преименување аеродроми и автопатишта, како и злоупотреба на власта и корупција за време на владеењето на партијата од 2006-2017 година. Тогаш владата беше предводена од Никола Груевски, кој е осуден и живее во Будимпешта под заштита на неговиот пријател, унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Идниот премиер Христијан Мицкоски вети дека ќе ја искорени, како што тој ја нарекува, неконтролираната корупција на коалициската влада предводена од СДСМ, која ја презеде власта во 2017 година. Таа влада, овој месец изгуби на парламентарните избори и го доби најлошиот резултат од независноста на државата до сега.
Мицкоски, исто така, вети дека нема да има преименување на автопатиштата или изградба на споменици што Грција ги смета за провокативни.
Сепак, тој со своите постапки ќе треба да да покаже дека условите од Договорот од Преспа ќе бидат целосно имплементирани од неговата влада и на тој начин ќе избегне да дава какви било изговори на грчката влада да не ги исполнува сопствените обврски од договорот.
Иако преговарачката рамка поставена од ЕУ која овозможува започнување на преговорите за пристап е горчливо апче за голтање, колку побрзо ја надмине таа пречка, толку подобро ќе може да ги отфрли сите нови потенцијални барања што му ги фрла Бугарија.
Времето ќе покаже дали новата влада само купува време и дали ќе ги повтори грешките од минатото, или, пак, ќе направи вистинска промена на подобро. Македонските граѓани разбирливо се огорчени од македонските политичари и се очајни за промени.
Во меѓувреме, новата претседателка, без сомнение, ќе продолжи да го користи „М“ зборот во дневниот дискурс. Како реномирана професорка по уставно право и која целиот свој живот е застапничка за женските права и родовата еднаквост, Сиљановска-Давкова е вешт оратор со широко познавање на македонската литература и е позната по вклучувањето на поетските референци во нејзините говори.
Иако преговарачката рамка поставена од ЕУ која овозможува започнување на преговорите за пристап е горчливо апче за голтање, колку побрзо ја надмине таа пречка, толку подобро ќе може да ги отфрли сите нови потенцијални барања што му ги фрла Бугарија.
Зошто би морала таа да го користи целото уставно име секогаш кога ќе проговори? Колку политички лидери го користат целосното име на својата земја кога држат говори (Америка – Соединетите Американски Држави? Британија – Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска…?).
Иако официјалната заклетва што ја потпиша новата претседателка го содржи официјалното уставно име на државата, грчката влада, сепак, тврди дека користење на уставното име во формалната комуникација, но не и во јавните настапи е неприфатливо.
Ако ја следиме таа строга логика, зошто не се противи грчката влада секојпат кога некој политички лидер од која било земја ја нарекува земјата „Грција“, наместо да го користи нејзиното уставно име „Хеленска Република Грција“?
Клучниот тест за Гордана Сиљановска-Давкова ќе биде да покаже, не само дека ќе дејствува како независен актер, ослободена од какво било влијание на политичката партија, туку и дека со своите постапки и зборови ќе ја обедини целата земја, вклучително и сите етнички заедници, за да промовира владеење на правото, целосно почитување на меѓународните обврски и сите реформи потребни за пристапување кон ЕУ.
Ерван Фуере е поранешен амбасадор на ЕУ во Северна Македонија.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија