Теферич, името кое своевремено го добила струшката населба во чие срце се наоѓа „славниот“ затвор од отворен тип, слободно може да стане синоним и за македонското правосудство. Зборот значи излет во природа, на отворено, а кај нас се употребува и со значење за место од кое се пружа убав панорамски поглед, ама и отворен простор каде што пирка ветер, а може да има и поголем провев, на пример таков што ќе ги разнесе сите стандарди од кои треба да се раководи правосудството.
Со вчерашното неспроведување на Мијалков од струшкиот затвор на рочиште за Титаник 2, се покажа дека не само населбата, туку и затворот можеби бил еден огромен теферич, каде што не се знае ни кој јаде, ни кој пие, ни дали некој од најпознатите осуденици воопшто таму спие, освен „на хартија“.
Додека јавноста со месеци дебатира за нужноста од интегритет на судиите и обвинителите, за чест, личен и професионален морал, излегува дека темата била тотално промашена. Како да зборуваме за вакви доблести, кога и судот, и казнената установа, ја сведоа темата на ниво на елементарна неписменост – едните не напишале точен датум, а и другите, наводно не знаеле каде да го прочитаат вистинскиот датум за спроведување осуденик.
Не е во прашање ни достава, ни повратница, туку една сеопшта повраќаница, која повторно треба да ги замагли трагите како некои предмети лека полека се возат кон сигурно застарување
Од струшкиот затвор покажаа доказ дека во барањето за спроведување како датум е наведен 12 декември, а не 22 декември. Овие од Судот, кои во барањето го утнале точниот датум, се правдаат дека на Повратницата од доставената наредба, тој бил точно наведен.
Навистина ли мислат дека некој ќе поверува во оваа вербална гимнастика? И едните тврдат дека се во право, и другите, а рочиштето одложено. Изгледа шашаво, ама функционира, со години. Не е во прашање ни достава, ни повратница, туку една сеопшта повраќаница, која повторно треба да ги замагли трагите како некои предмети лека полека се возат кон сигурно застарување.
И сега, Управата за извршување санкции ќе правела вонреден инспекциски надзор во затворот. Барем нека најави точно кој ден ќе биде тоа за да се приберат славните затвореници од „онаму“ каде што божем работат, ама кога ќе се преработат, си остануваат таму и да преспијат. Ноќе ли да возат, ако на пример, од „работно место“ во Охрид треба да се враќаат до затворот во Струга?
Притоа мора да се мисли и на човековите права, особено на тие што се „поеднакви“ од другите. Не можеш исто да се однесуваш со сиромашен човек и со богат.
На пример, ако некој е сиромашен и на картонска кутија продава 15 коприви и 20 марули за да си спечали за леб, ќе биде експресно казнет со 150 евра, како што тоа му се случи во 2016 година на сиромашниот скопјанец Милорад Георгиевски, па граѓани донираа за да му ја платат казната.
Ама ако си богат, ако си калапел милиони евра преку злоупотреба на службената позиција, сметај дека сѐ ќе ти биде дозволено. На пример, може да станеш недостапен за полицијата откако судот ти изрекол решение за притвор поради сомнеж за бегство. Ама потоа може да се премислиш и да се појавиш пред Обвинителството. Можеш да тврдиш дека не си знаел оти те бараат бидејќи си бил во изолација, со висока температура и симптоми на корона, ама кога си разбрал – веднаш си дошол да го земеш решението за притвор.
Кога си богат, решението на судот воопшто не мораш да го земаш од судот. Можеш да го земеш и од Обвинителството, каде што од судот послушно ќе претрчаат да ти го донесат на тацна.
Се разбира, откако претходно си се испазарил со обвинителот да се „предадеш“, ама под услов да си бидеш притворен дома. И тоа откако, според изјава на премиер, институциите не те нашле, ама ти го „нападнале имотот, сѐ што имаш“, па потоа дошле адвокатите на преговори, и на крајот -дошол и имотно богатиот осуденик.
Тоа е простото и вечно правило – да сe повикуваш на право и процедури кога се во твоја корист, а да ги игнорираш кога не се
На пример, на тој адвокатски тим тогаш не му пречел ни притисок врз имотот, ни преговори, ни изјави на политичари, ниту, пак, имале порив да го информираат за тоа судот во Стразбур. Ама откако Апелација ја укина првостепената осудителна пресуда на нивниот клиент, тогаш многу се насекираа дека со политички критики на одлуката се уривал интегритетот на судството.
Тоа е простото и вечно правило – да сe повикуваш на право и процедури кога се во твоја корист, а да ги игнорираш кога не се.
Taка се спасуваат од казни армија од луѓе што доминирале со јавниот живот, имале власт и ја злоупотребиле за лична корист, кои инвестирале во градењето атмосфера на неказнивост за богатата каста, па денес многу млади им се восхитуваат на криминално збогатените дека „никој ништо не им може“ и ги сметаат за модел што треба да се следи.
Тие што не се согласуваат со ваквата перцепција и сомнителните аршини на судството – си заминуваат. Помеѓу останува провалија, неатрактивно место, далеку од сликата за теферич, резервирано за последните берачи на марули и коприви, осудени да живеат во троскотот на правната држава.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија