Уште додека го читав писмото на 200 „интелектуалци“ (терминот „интелектуалци“ е намерно ставен во наводи, а ако читателот има трпение, тоа ќе биде објаснето во подоцнежниот дел од текстот), од главата не можев да оттргнам една помалку или повеќе еретичка мисла – што ако потписниците се во право, што ако преговорите со Грција завршат токму онака како што стравуваат потписниците и што ако последиците бидат токму оние на кои тие предупредуваат?
Ќе ги снема ли во тој случај нашите „интелектуалци“, нема ли повеќе да постојат, нема да се викаат онака како што се потпишани на писмото, ќе го изгубат ли сопствениот идентитет, ќе бидат ли разнебитени, ќе немаат ли јазик на кој ќе можат да напишат и потпишат едно вакво писмо…? Па, што знам, во тој случај нивните стравови се можеби оправдани. Ако тоа е така, тогаш можеби и вреди да се ризикува со каков било компромис со Грција.
Убеден сум дека и во средината на XIX век, во времето на американската граѓанска војна, постоеле 200 вакви интелектуалци кои предупредувале дека укинувањето на ропството ќе ја разнебити нацијата и ќе биде фатално за американскиот идентитет. Познато е дека во Средниот век имало 200 вакви интелектуалци што пишувале писма против сфаќањата на Џордано Бруно и во полза на неговото спалување или кои го поддржувале ловот и спалувањето на вештерки.
Како што впрочем и тука имаше вакви 200 интелектуалци што ја поддржаа кандидатурата на сѐ уште актуелниот претседател Ѓорге Иванов (меѓу кои и извесен дел од потписниците на писмото), или интелектуалци кои ги поддржуваа катастрофалните образовни политики на власта (таканаречениот професорски контра-пленум, каде што беа и извесен број од потписниците на писмото), или интелектуалци што го поддржуваа затворањето на медиумите (меѓу кои и извесен број од потписниците на писмото).
Убеден сум дека и во средината на XIX век, во времето на американската граѓанска војна, постоеле 200 вакви интелектуалци кои предупредувале дека укинувањето на ропството ќе ја разнебити нацијата и ќе биде фатално за американскиот идентитет
Имено, во Македонија, од прогласувањето на нејзината сувереност до денес успешно се одвива процесот на разорување на општествената елита и уништување на средниот слој и интелектуалците. Уште од 1991 година, па до денес, преку разни форми на власта, едноставно се потрошени огромни „количества“ од интелектуалната елита.
Сепак, се чини дека најмногу „потроши“ ВМРО-ДПМНЕ, во двете фази на нивното владеење (се сеќавате на проектот за поделба и размена на територии, кој беше покриен преку Македонската академија на науките и уметностите), а особено во периодот на владеењето на Никола Груевски. Оние што беа вклучени како разно-разни аналитичари и експерти се бламираа со наводно аналитичката оправданост на опасно карикатуралните проекти од типот на „Скопје 2014“, а оние што успеваа да го избегнат овој тип ангажман беа избламирани со самото тоа што молчеа за актуелните процеси.
Од, не знам, неколку илјади професори, научни работници, истражувачи, уметници, новинари… останаа едвај стотина што сѐ уште активно го оддржуваат својот имиџ на „политички“ интелектуалци, односно на интелектуалци што имаат претензии да се вклучат или да останат вклучени во политичкиот (читај: партискиот) живот на земјата. Меѓу нив и извесен број од потписниците на писмото.
Она што е вистинскиот и креативниот ум на оваа држава (па ако сакате и на македонската нација) одамна е пасивизиран, токму од инстинктот на брзо политичко трошење и губење на било каков кредибилитет за натамошно дејствување.
Она што е вистинскиот и креативниот ум на оваа држава (па ако сакате и на македонската нација) одамна е пасивизиран, токму од инстинктот на брзо политичко трошење и губење на било каков кредибилитет за натамошно дејствување
Иако склони кон често менување на ставовите (про-НАТО/анти-НАТО; левичарско-десничарски лавирања; склоност на идеализирање на различни политички и партиски лидери итн.), оваа група „политички“ интелектуалци покажува дури и загрижувачко непрепознавање на историските тенденции, влечејќи ги преку своето влијание процесите назад во жабурникот на конзервативниот национализам.
Во таа смисла, и писмото на 200 „интелектуалци“ не е ништо друго туку збир на флоскули, натопени со популизам и национализам. „Името не го даваме“, „јазикот не го даваме“, „идентитетот не го даваме“, „црквата не ја даваме“, „корените не ги даваме“ итн. (како божем некој навистина ни ги бара), не е ништо друго туку прилично закопување во романтичниот национализам, карактеристичен за XIX век.
Фактот дека македонската нација не го преживеа овој век на начин на кој тоа го направија останатите нации и државите во регионот, сепак не мора да значи дека XIX век мораме да го живееме во XXI век. На крајот на краиштата, живи сведоци сме до какви злосторства, општествени, државни, национални лични трагедии доведе инсистирањето на концептот нација/држава во некогашна Југославија. Токму затоа делува прилично иритантно парафразирањето односно (зло)употребата на парадигматичниот наслов на есејот на Мисирков „Шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред?“. За однапред треба да останеме во XIX век?
Ако е за утеха, не сме саде тука и не сме саде ние (што би рекле потписниците на писмото повторно злоупотребувајќи го Кочо Рацин). Како што можеме да видиме и Грција има свои интелектуалци, длабоко закопани во своите XIX-вековни ровови. Или, што би рекол еден мој пријател, 200 интелектуалци и 300 Спартанци. Останува да видиме на кои Термопили ќе се води пресудната битка меѓу овие две супер-сили. И да се подготвиме за неа. Мислам да земеме нешто пуканки, семки, кикирики и да уживаме во призорот. А историските процеси и натаму ќе си течат.