Чувар на процесот

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, мора да внимава како се однесува кон медиумите по прашањето за нивниот интерес околу разговорите за спорот за името. Никој не оспорува дека во оваа фаза сѐ уште не е издестилиран предлог околу кој би можела да биде постигната взаемна согласност меѓу двете земји, и дека во такви околности – дискрецијата сѐ уште е нужна.

Но, медиумите и не истретираа ништо повеќе од она што стигна во форма на јавни, официјални изјави и известувања на грчките медиуми.

Па, кога Османи ќе рече дека „нема да преговараме пред камери“, и дека „оваа дебата треба да ја држиме во рамките на преговарачките тимови“, критиката најпрвин ќе мора да си ја упати себеси и на неговиот партиски колега Артан Груби. Ни тој ни Груби не се во преговарачкиот тим, па си дозволија бројни излети надвор од рамката.

Но, Бујар немаше зборови на критика кога пратеникот на ДУИ, Артан Груби, соопшти дека ќе се сретне со Нимиц за „да му понуди дополнителни идеи, кои произлегуваат од неговите средби во Вашингтон и од средби со грчки авторитети“. Сето ова, откако претходно изјави дека „спорот за името е веќе решен, и дека во наредните недели треба само да се договорат деталите“.

Прв Османи фрли коска во јавноста со изјавата дека „ДУИ смета оти не е потребно граѓаните да се изјаснат на референдум за промена на името“, а самиот го опиша прашањето за референдум како „чекор број два“.

Тогаш, зошто го соопшти тоа во стартот на процесот, уште пред Македонија да влезе во посуштински разговори за „чекорот број еден“ – решавање на спорот? Веројатно, за СДСМ да одговори дека референдум треба да има, а тој да спакува „порака во шише“ пуштена низ Вардар до Грција, дека има разлики во владината коалиција.

Како и помага тоа разногласие на македонската позиција, Бујаре Османи? Ја прави посилна или послаба во очите на грчката страна?

Но, Бујар немаше зборови на критика кога пратеникот на ДУИ, Артан Груби, соопшти дека ќе се сретне со Нимиц за „да му понуди дополнителни идеи, кои произлегуваат од неговите средби во Вашингтон и од средби со грчки авторитети“. Сето ова, откако претходно изјави дека „спорот за името е веќе решен, и дека во наредните недели треба само да се договорат деталите“.

Зарем тоа не беше еклатантен пример за изнесување на дебатата надвор од рамката на преговарачките тимови? Се разбира, нема штета од повеќе сугестии и идеи, но тие треба да се концентрираат на македонската маса, а не да служат за солирање, промовирање и за сомнеж за паралелни преговарачки игри.  

И ако кон ова додадеме и некои изјави на Османи во ТВ-настапи, кои мирисаат на суптилна рецензија на ставовите на министерот Никола Димитров, тогаш навистина има причина за загриженост по прашањето чие однесување може да биде модел за неуспех – медиумскиот или нечиј друг?

На крајот, кога Османи потврдува дека од седум точки во преговорите три се полесни, а четири потешки, но со забелешка „да не почнуваме да лицитираме бидејќи тоа е модел за неуспех“, дали Османи упатува критика до медиумите или директно кон премиерот Заев, кој лично го соопшти соодносот на тешки и лесни прашања? 

Кога вицепремиерот за европски прашања би немал друга работа, можеби и некако ќе ја прифатевме неговата загриженост како форма на добронамерно стражарење над преговорите, а него лично – како најбуден чувар на дискрецијата на процесот. Но, пред ресорот со кој раководи тој, има толку многу предизвици и работа, што  претходно споменатите слаломи надвор од матичните обврски, за жал, повеќе може да го легитимираат како приврзаник на „работни активности“ од типот „Трла баба лан, да јој проѓе дан“.

Тоа не е ни одговорно ни мудро, особено по презентирањето на Стратегијата на ЕУ за земјите од Западен Балкан, која покажа дека колку што може да имаме причини за оптимизам, толку и причини за загриженост. Наместо да им држи предавања на медиумите, Османи треба да укаже на можните последици од нерамноправната, асиметрична позиција која доаѓа до израз од ставот на ЕУ дека билатералните спорови мора да се решат пред зачленување во ЕУ.

Видовме во Букурешт во 2008 година како заврши поседувањето асиметрична моќ преку консензус и солидарност на членките на ЕУ, а на повидок нема нова ЕУ-политика која ќе ги нивелира таквите разлики со оние што се надвор од клубот.

Таа политика навистина ги мотивира земјите да ги решат проблемите, но условите и пречките се многу различни кога едната од нив е членка на ЕУ, а другата не е. Како во нашиот случај. Со принципот на меѓусебна солидарност и одлучување со консензус во ЕУ, оној што е внатре во Унијата е „поеднаков“, дури и кога другиот има во џеб добиена пресуда во своја корист од Меѓународниот суд на правдата.

Со самиот факт што ЕУ не се вмешува во решавањето на тие проблеми заради непристрасност, всушност станува најдиректно пристрасна, бидејќи ги прави земјите надвор од ЕУ нееднакви во „оружјата“ со оние што се во ЕУ.   

Видовме во Букурешт во 2008 година како заврши поседувањето асиметрична моќ преку консензус и солидарност на членките на ЕУ, а на повидок нема нова ЕУ-политика која ќе ги нивелира таквите разлики со оние што се надвор од клубот.

Впрочем, дел од земјите на ЕУ во обидите за решавање на билатерните спорови користат погонско гориво токму од таа асиметрична моќ, што кај другата страна создава и стартни фрустрации, а во крајна линија може да резултира со зголемување на проблемот, а не со негово намалување, уште помалку со решавање. Таквите епилози вообичаено водат кон нов круг на тензии. Гледано од споменатиот аспект пред таков тест сега се Македонија и Грција, но и ЕУ.

Ако разговорите не завршат со договор, тоа повторно ќе го одложи членството на Македонија во НАТО. Напорите и добрата волја на македонската влада ќе се сметаат за залудни, разочарувањето ќе биде големо, а во такви услови не е тешко да се предвиди дека  реформскиот курс ќе ја изгуби неопходната динамика и мотивација.

Значи, ЕУ мора да има јасна антиципација дека нејзината Стратегија нема да има никакво значење, односно ќе се покаже како контрапродуктивна, ако реформатормската власт во Македонија биде поразена во споменатите услови. Не е тешко да се предвиди колку драматично ќе спласне тогаш вербата во принципите на ЕУ. Ако некој мисли дека сето ова е помалку важно од занимавање со медиумите, тогаш навистина не е јасно на што се темели оптимзмот.

Добрата волја е важен предуслов, но не значи и гаранција за договор. И Јункер лани зборуваше дека Советот за надворешна политика на ЕУ во иднина треба да носи одлуки со квалификувано мнозинство наместо едногласно, ама досега нема ништо од тоа.

Останува самите да се квалификуваме како земја која преку своите резултати ќе му ги покаже на Брисел слабите точки во „отворените врати“ за влез во европското семејство. Но, не ќе може да се квалификуваме за таква мисија, ако внатрешно се дискалификуваме и не си ги завршуваме обврските. На крајот, медиумите сигурно нема да бидат виновни за тоа.