Никола Груевски може да глуми дека е загрижен за притворите на осомничените за крвавиот четврток, за нивните професионални кариери, за нивните деца, но на сите во партијата им е јасно дека тој е за згрижен само за себе. Затоа и големата армија на негови поддржувачи се сведе на еден мал вод, во кој партиските функционери се бројат на прсти од едната рака. Ги снема. Освен неколку голобради момчиња кои наивно веруваат дека се некаков фактор во Извршниот комитет, старите кадри го третираат Груевски како лански снег, а неговите наредби како испрдок од развластен командант.
Груевски е очајно исплашен, што покрај доказите кои ги има обезбедено Обвинителството за тоа од каде доаѓале налозите за крвавиот пир во храмот на демократијата, дека тоа и лично може да го сведочат дел од приведените. На Груевски воопшто не му е важно како пеел Игор Дурловски во Миланска скала. Тој се плаши Дурловски да не пропее пред Судот. Оти по таков настап, завесата може да се спушти токму врз главата на Груевски.
И не му останува ништо друго освен да повикува на протести и блокада на раскрсници. Тоа го прави само за да испрати порака во Шутка – „видете, јас се борам за вас“. Со промовирање наводна грижа за притворените, тој се обидува кај нив да си купи индулгенции затоа што ги оставил на тенок мраз, затоа што на некои од нив можеби и не им кажал дека протестниот перформанс ќе биде злоупотребен како мобилизациска сценографија за обид за државен удар.
Освен неколку голобради момчиња кои наивно веруваат дека се некаков фактор во Извршниот комитет, старите кадри го третираат Груевски како лански снег, а неговите наредби како испрдок од развластен командант
И денес, кога ќерката Зорица Чавкова тврди дека нејзинот татко бил професионалец, треба да знае дека демантот за тоа стигна лично од Никола Груевски. Тој кажа дека Чавков не е професионалец, дека одговара пред партискиот лидер, но не и пред надлежниот министер, и тоа во време кога се загрозува уставниот поредок на државата. Но, тоа не е пречка денес да и кажува на Зорица Чавкова дека е загрижен за нејзиниот татко. Каква перверзија.
Груевски, по сите потези што ги направи (на 28 -ми април изјави дека секој ќе мора да одговара за тоа што го сторил) не му прилега да глуми загрижен сега кога дојде време да одговараат за насилството сите што ги мотивираше да не седат дома во влечки туку да ја земат судбината во свои раце. И еве до каде ги доведе -до лисици на рацете.
Тој е школски пример за себичен и кукавички манипулатор, кој ги блокираше сите патишта на Македонија додека беше на власт, ги манипулираше луѓето дека неговите потези се врвен патриотизам и дека народот стои зад него. Нека му каже на истиот тој народ што мисли денеска за него, и што ламентира во затворени кругови? Дека народот е неблагодарен. Да, да…
На Груевски воопшто не му е важно како пеел Игор Дурловски во Миланска скала. Тој се плаши Дурловски да не пропее пред Судот. Оти по таков настап, завесата може да се спушти токму врз главата на Груевски
А да беше Груевски навистина благодарен, благороден, храбар и искрен, (каков што никогаш не бил) би посегнал по единствената можност за да покаже дали и колку е навистина загрижен, кога тврди дека се притворени невини луѓе. Би излегол пред јавноста, и наместо да обвинува за политичка тортура за настаните што сите ги видоа во живо на 27-ми април, би признал јавно каква била неговата и улогата на некои други лица во тие настани. Да објасни зошто „храбро“ се дистанцираше во Виена во тие денови, со кого беше на линија, кој седел во штабот на операцијата „вонредна состојба“, додека други беа оставени да го јадат стапот ако не успее сценариото. Како што, за среќа, не успеа.
Нека ја раскаже целата шема. И не е лошо да знае дека во дел од семејствата на притворените неговото име денес се спомнува исклучиво во пакет со клетви. Тој си знае зошто. Веројатно е поврзано и со мотивацијата и со реализацијата. Оти и за протестите на „За заедничка Македонија“ требале пари. И за црвено-жолти ленти, и за исти такви шалчиња, и за озвучување, и за возила, а богами сведоци тврдат и за дебели хонорари за говорниците, за организаторите…
Но сета таа штедрост најверојатно била проследена без „упатство“ дека ако работата тргне наопаку – цехот на крајот ќе си го плаќаат сами. Обвинителството сигурно најдобро знае кој во таа авантура влегол свесно, а кој несвесно. Но, Груевски и тогаш знаел кој од избраните извршители има деца, домашна или светска кариера.
Сепак, не се грижел многу за тие „дребулии“ кога нивното скапо семејно и професионално време го ставил во погон за свои потреби по улици и барикади. Тогаш тие очајно му требале за да ги сокрие налудничавите планови преку нивниот професионален углед.
Ете тоа е Груевски. Никогаш прв во битка. Секогаш скриен зад „народот“, зад пејачи, глумци, режисери, чија наклоност ја купуваше и злоупотребуваше за нечесни цели. Откако ги насанка сите, излезе на улица со сто-двесте луѓе зад него и бессрамно порача: „Одиме до крај!“. До кој крај? Крајот е стигнат ама нема кој да го информира.
Па дури и Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ вчера му порача да си оди. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е ставена во незгодна ситуација. Очекувано – не гласаше за симнување на имунитетот на нивните колеги. Но, таму добро знаат дека 27-ми април е последниот датум од серијата катастрофални потези, кои станаа погубни за партијата.
Сто-двесте луѓе кои денес стојат зад лидерот, сами говорат каков е неговиот кредибилитет, а посредно и на партијата со таков лидер. Ова второво е тоа што му прави на Груевски грч во желудникот. Денес негови бивши функицонери иронично прашуваат „А, кој е тој“? Се смеат на прашањето „До каде е длабинската анализа?“. Зборуваат единствено за „длабока клоца“.
Нивна работа е на кој начин ќе ја одбранат и реформираат партијата. Но, државен приоритет е да профункционира правдата. Единствено таа не смее да биде исклоцана.