Чавките одлетаа на југ

Колумна на Сашо Кокаланов

Како што ѝ доликува на една скопска есен, македонското облачно небо остана без чавки. Го направија тоа бучно, со многу чавкање и гракање, и така го почнаа долгиот пат до некои потопли места.

Сепак, согласно песната со епохални естетски вредности „Неке птице никад не полете“ од Саша Матиќ, има птици кои никогаш нема да полетаат за југ, има кои секогаш доцнат и нема да го фатат првото јато, а има и такви кои ќе бидат приземјени во првото село на тој долг пат, познато меѓу народот како Идризово, за да се топлат на државна сметка.

Веќе доволно „историски“ обраќања до нацијата сме чуле од гавранот на Едгар Алан По (тој не е птица преселница, а и да сака не може да биде – нема пасош), та без поголема мака можевме да го претпоставиме и ова последново гракање. Се разбира, очекувано, отстрелот на чавки го прогласи за крај на македонизмот (очигледно изедначувајќи го со поимот груевизам) и за (внимавајте!) крај на слободата на говорот, за оние што сега доаѓаа во Македонија – една од бројните слободи што царуваа низ земјава во негово време.

Значи, да разјасниме, ако не сте разбрале од претходните негови драматични гракања до нацијата, правото да влезеш во Собрание со толпа вооружени бандити и да убиеш пратеник по сопствен избор е слобода на говор, а македонизам е потоа да не одговараш за тоа.

Ако има правда, ќе биде лошо за тие што ќе одат во затвор, ама ќе биде добро за општеството. Зашто сите следни полудени гаврани, чавки, чавчиња и тазе испилени гавранчиња ќе се плашат да ги повторат неделата на јатото на злото што го закалеши небото над Македонија

Нацијата, се разбира, одговори на неговиот повик како што треба, патриотски, и на гавранот пред судот му испрати сто свои најпретставителни припадници, симболично, колку да знае дека сите сме со него во овие историски моменти, иако повеќемина тоа го правиме во влечки пред телевизор. Или што би рекол другарот По, гавранот грак што срони, макар тажен, в смев ме гони, па на столот седнав сонлив, со втренчен в него взор.

Тоа што, сепак, го прави овој „грак“ малку поразличен од другите негови претходни „гракања“ (не помалку историски и помалку драматични) е тезата дека ако ги стасала правдата, тоа ќе било „посипување зла крв во целото општество“.

Се чини дека крвта што течеше од главите на пратениците на кобниот 27 април беше фина, благородничка, не зла. Или, пак, крвта што ја „посипаа“ од Села влечејќи го полумртов не се важи, зашто е „посипана“ по собраниски ходници, не во целото општество?

Можеби сите етички вертикали ни се испоместија изминатава декада и се поднавикнавме ненормалното да го прифаќаме како нормално, ама малку е too much цинизам главниот  инспиратор на крвавиот четврток да зборува за каква било крв, а особено не за зла крв. Авторот на многу детски плач од децата на неговите еднодецениски жртви, кои не можат веќе ни да се добројат, да зборува за плачот на децата на неговите пратеници!?

Не, не е ова време за фаќање сеир и за ситење на маката на луѓе, макар биле и нелуѓе. Од сечија уста да дојдеа тие зборови ќе предизвикаа само чиста емпатија, зашто нема нормален човек кој е рамнодушен на детски плач, но од неговата уста звучат како пилот на еден од авионите од 11 септември да жали дека скршил ваза на 67 кат на една од њујоршките кули близначки.

Чавките што сега ќе најдат топол дом на југ, во Идризово, биле толку убедени во својата семоќ што, како што разбравме неодамна, си направиле и вибер група преку која си разменувале инструкции за крвавиот четврток. Познавачите велат дека и полуталентиран хакер може да ти „влезе“ во виберот, а нашиве бандити, како чавки да им го испиле мозокот, ем тврдат дека ја бранат Македонија од најмоќните странски служби во светот, а си договарале пуч на вибер. Срцки наивни.

Не е тешко да се погоди и која била хиерархијата на издавање на командите, особено ако се знае дека ги пренесувал Миле Ј., познат лик од сапуницата „Миле ми текна“.

А тоа дека тркалото се врти, тоа треба да ти текне тогаш кога си на врвот и кога мислиш дека засекогаш ќе бидеш таму. Треба да ти текне дека тркалото се врти кога нарачуваш насилства, апсења, кога политички ликвидираш, замолчуваш, заплашуваш, мастурбираш на стравот од твојата моќ и се кикотиш ѕверски кога тече низ ногавици, кога инспирираш или прикриваш убиства… Тогаш ако не ти текне дека сѐ се враќа и сѐ се плаќа, џабе сега кукаш, плачеш и се закануваш јавно со крвна одмазда.

Со големиот процес во кој фашизоидната номенклатура од чавки и гаврани ќе заврши пред суд, во Скопје практично почнува Нирнбершкиот процес за Македонија. Скопје и Нирнберг, ете, како збратимени градови, ќе споделат уште нешто заедничко во историјата

Спиралата на злото нема да запре ако никој не одговара. Напротив. Токму ако гавраните бидат оставени да мршојадат слободно по телата на своите жртви, злата крв ќе зоврие, нема да запре. Ако има правда, ќе биде лошо за тие што ќе одат во затвор, ама ќе биде добро за општеството. Зашто сите следни полудени гаврани, чавки, чавчиња и тазе испилени гавранчиња ќе се плашат да ги повторат неделата на јатото на злото што го закалеши небото над Македонија.

Впрочем, и гавранот на По постојано повторува еден збор – Nevermore! Никогаш повеќе!

Не ми е жал за чавките, а не сум ни радосен. Тажен сум (ко син на Солза) што живеев во време кога гаврани царуваа по земјата, среќен сум што на тоа конечно му се наѕира крајот. Крај каков што доликува на еден таков организиран и систематски злостор.

Со големиот процес во кој фашизоидната номенклатура од чавки и гаврани ќе заврши пред суд, во Скопје практично почнува Нирнбершкиот процес за Македонија. Скопје и Нирнберг, ете, како збратимени градови, ќе споделат уште нешто заедничко во историјата.

Се знае како оваа хорор-поема со груевизмот треба да заврши. Не треба да измислуваме топла вода, По веќе го напиша крајот на поемата.

И врз подот сенка дрочи, без да гракне ниту збор; и врз таа сенка – темна, душава, знам, веќе нема да се крене. Nevermore!