Одговорите се појасни за секој што се прашувал какво е значењето на тривијалната изрека „растурено како бугарска скупштина“, или за мотивите на една партија да се нарече „Има таков народ“.
Поуката од „братското поведение“ на Бугарија кон стартот на нашите преговори со ЕУ сега е пред финиш наречен „Нема таков народ…“, кој би прифатил бугарските услови да се вградат во преговарачка рамка на Македонија со Унијата.
Наивно е да се верува дека на француското претседателство не му било јасно дека процесот така не се европеизира, туку дека се бугаризира. Но, очигледно се труделе да го задоволат нивниот европски партнер – Бугарија. Впрочем, од 2019 година си додаваа топки – „прво јас со методологија, потоа ти со вето“.
Според упатените во документот, предлогот значи дека првата меѓувладина конференција би била само проформа, од симболичен карактер, а вистинската би се одржала дури кога Бугарите би биле впишани во Уставот.
Нашите политичари досега многу лесно изјавуваа дека барањето за впишување на Бугарите во Уставот за нив е прифатливо. Во основа би требало да биде. Но, само ако признавањето на тоа малцинство не значи и негирање на мнозинството во земјата. А бугарската Рамковна позиција пресликана во преговарачка рамка – води кон тоа.
Најдобро е комшиите да не го тргаат ветото, да си го негуваат и хранат тој монструм, сѐ додека не ѝ се удри од глава на ЕУ затоа што дозволува преседани и мижи пред инсталирањето „вредности“ спротивни од оние што Унијата ги прокламира
Во моментов не се знае што е полошо – дали тоа што македонските надлежни „не знаат“ што содржел францускиот предлог, што би значело дека биле тотално „аут“ од процесот на консултации при барањето решение. Или, дека знаат, но молчат – што би значело дека во текот на француското опипување на пулсот на двете страни, можеби оставиле впечаток дека немаат против бугарските услови да се преселат во преговарачката рамка, само „за да биде работата“.
И двете позиции се апсолутно неприфатливи. Првата сама по себе е понижувачка, а втората би значела дека не постои свест каква штета би донело билатерализирањето на преговарачкиот процес и во каква национална агонија би се претворил тој за нас.
Особено што тие предлози обично не паѓаат од небо, туку се резултат на бројни симултанки одиграни со двете страни, како што прават дипломатите кога бараат некоја средна прифатлива линија, околу која земјите конечно би можеле да се приближат и секој да проголта по некоја кнедла.
Но, досега основниот предуслов за сето тоа беше билатералните прашања двете земји да ги решаваат надвор од преговарачката рамка, бидејќи не им е местото таму. Тоа во изминатиот период беше македонска црвена линија, со која беа согласни голем број членки на ЕУ, бидејќи спротивното отсекогаш се сметало за преседан.
Но, ако бугарските барања, според францускиот предлог, се сместени во првиот кластер „Темели“, односно вградени во срцето на преговарачкиот процес, доколку ние го прифатиме тоа – тогаш сите бугарски барања би станале европски барања, со наша согласност. Сами би си пукале во нога.
Практично, колку што ќе биде важно да се бориме против корупцијата, исто толку ќе биде важно да ја спроведеме Рамковната позиција на Бугарија, бенигно опишана како решавање образовни, историски прашања, говор на омраза итн. Сите тие би добиле печат на европски барања, а Европската комисија ќе биде задолжена да известува дали ги исполнуваме.
Тоа би значело инсталирање повеќенаменска мина и за сите кандидати што имаат спор со соседи што веќе се членки на Унијата, затоа што рамката ќе стане гилотина и катализатор за еден нерамноправен и измачувачки процес.
Во таква ситуација, најдобро е комшиите да не го тргаат ветото, да си го негуваат и хранат тој монструм, сѐ додека не ѝ се удри од глава на ЕУ затоа што дозволува преседани и мижи пред инсталирањето „вредности“ спротивни од оние што Унијата ги прокламира.
Унијата не се заштити од бугарскиот антиевропеизам, кој влегува на голема и отворена врата и ќе стане модел за сите членки што имаат спорови со соседите кандидати
Но, дури и таков предлог скроен за потребите на Софија, очигледно не е „овошката“ посакувана од неа. Тоа може да се претпостави од изјавата на еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји.
„Она што ми е јасно, е дека сме целосно во ќор-сокак, во однос на Софија. Тоа не ме прави особено среќен, со оглед дека секој втор четврток го поминував во земјата. Изгледа дека домашната политика е способна да ја поткопа довербата во ЕУ. Затоа, во оваа фаза, не мислам дека воопшто може да се зборува за некаква преговарачка рамка“, изјави Вархеји.
Така е, тоа не може да биде преговарачка рамка, иако Вархеји е меѓу тие што не се спротивстави на креирањето токму таква.
И самата изјава за неговата „жртва“ (секој втор четврток бил во Софија), доволно говори колку многу е изгубен компасот, штом тоа би требало да е некаков силен аргумент, наспроти македонските 17 години поминати во кандидатски статус и еден огромен компромис – промена на името. Четири години потоа, „трофејот“ за таа жртва е рамка за бугаризирање на европскиот процес.
Ова што сега се нуди не е пат кон ЕУ, туку перспектива за живот под бугарска хегемонија. Ако кажеме „да“, стануваме вазали согласни на постепена еутаназија под бугарски услови, сѐ до крајниот чин – идентитетско самоукинување.
Со тоа, пораката на ЕУ до Македонија е јасна, конечна, децидна. Ако од Франција доаѓаат вакви предлози, тогаш Унијата е тргната на сигурен пат – не само што оди сѐ подалеку и од проширување и од продлабочување, туку и најдалеку од идејата врз која се темели.
Бугарија издејствува блиндирана врата за заштита од наплив на „македонизмот“, со кој Радев ја плашеше ЕУ. Но, Унијата не се заштити од бугарскиот антиевропеизам, кој влегува на голема и отворена врата и ќе стане модел за сите членки што имаат спорови со соседите кандидати. Да не зборуваме за бугарските партии, чија основна програма е ревизија на членството во ЕУ и во НАТО, партии кои токму врз повици за напуштање на ЕУ и за цементирање на ветото заработија политички дивиденди. Нивниот рејтинг вртоглаво расте. Тоа на ЕУ ќе ѝ се удри од глава многу бргу.
Но, уште побргу, во Македонија ќе биде спуштена завесата на претставата за европската приказна. И подобро е еднаш да се пресече таа илузија, отколку да се живее уште 17 години во иста магла пред „отворените врати“ на затворениот клуб. И за жал, тоа ќе биде единствената исправна одлука.