Легендата вели дека во првите години по Втората светска војна висок политички комесар од Скопје отишол во Кавадарци, каде што пред политичкиот актив одржал предавање со тема: „Одумирање на државата“. По завршувањето на предавањето дошло време за поставување прашања, па еден од присутните се јавил за збор: „Ветивте патишта, болници, училишта, а ништо од тоа нема. Кога ќе бидат?“. Во тој момент домаќинот, главниот кавадаречки комунист, му се развикал на несреќниот љубопитник: „Како не ти е срам! Не гледаш државата ни умира, а ти тука прашуваш за некакви болници и патишта.“
Деновиве секое споменување на „продавање на државата“, „редефинирање“, „дефакторизација“, „кантонизација“ итн., едноставно мора да е потсети на оваа анегдота. Државата ни ја продаваат, а вие прашувате за некакви прислушувања, перења пари, белизеа…
Се разбира дека комунистичкиот, поточно марксистичкиот аспект на „одумирање на државата“ е спротивен од она што деновиве упорно се форсира во смисла дека „државата е сѐ што имаме“. Имено, според овој концепт државата е општествен производ, создаден врз база на (меѓу)класните односи, чиј репресивен апарат служи за заштита на владеачката класа. Во таа смисла, со развојот на фамозните производни сили и односи, класите се осудени на исчезнување, а со нив неминовно ќе исчезне и државата.
Да, навистина оваа држава треба во целост да се редифинира. Треба да стане една сосема нормална држава
Наспроти ова убедување, комунистичката држава растеше со геометриска прогресија. Заедно со единствената партија на власт. И заедно со администрацијата. И тогаш стоевме на браникот на државата. И тогаш имавме Водач за кого мислевме дека ни е пратен директно од Бога. И тогаш сѐ нешто се колневме: ту во Тито, ту во братство-единство; полагавме пионерски заклетви, извиднички заклетви, војнички заклетви… сите на верност на татковината.
Со други зборови, прашањето на внатрешна безбедносна криза секогаш е прашање на политичка одлука. На пример, најголемата и најкрвавата граѓанска војна на територијата на Европа не е југословенската војна од 90-тите години на минатиот век, туку југословенскиот судир од 1941 до 1945 (практично, во југословенскиот случај војната трае некаде до 1950 година, до кога се чистат остатоците од четничкото и усташкото движење). Се смета дека од официјално признаените 1.700.000 југословенски жртви во Втората светска војна, дури повеќе од 1.300.000 се загинати во меѓусебни судири и домашни логори. Но, набргу по војната и по овој невиден масакр, се носи политичка одлука за воведување на таканаречената политика на братство-единство (практично задоволување на националните права на народите и малцинствата) и во следните четири-пет децении владее стабилен мир. Сѐ до појавата на национализмот, односно разбивањето на прокламираната политичка одлука.
Погледнато од оваа перспектива, овдешните политички одлуки, особено на партијата која сѐ уште е на власт, не делуваат ниту мудро, ниту храбро. Напротив. Бескруполозната желба да се остане по секоја цена на власт може навистина да се плати со секоја цена. Реинкарнацијата на камата и револверот како наводни симболи на македонската самобитност, закани со немири, отворени повици за вооружена пресметка со неистомислениците… секако не се политички одлуки што ветуваат сигурност.
Симболичките елементи што треба да го засилат стравот во веќе исплашената држава, од типот на црниот дрескод на таканаречените „Тврдокорни“ мошне јасно говорат за природата на заканите кои деновиве се слушаат на сите страни. „Црнокошулашите“ не се новина во политичката орнаментика на XX век. Со црни униформи Мусолини вмаршира во Рим. Црната боја е боја на униформите на СА одредите (партиската полиција) на Адолф Хитлер.
Државата ни ја продаваат, а вие прашувате за некакви прислушувања, перења пари, белизеа…
На крајот на краиштата, црната воопшто и не боја. Таа е отсуство од секоја боја. Бојата е дел од светлината, што значи дека црната е отсуство на секоја светлина. Токму и затоа е избрана како препознатлив белег на таканаречените бранители од „разнебитувањето“ на Македонија. Наспроти црната белата е комбинација на сите бои. Таа е светлината. Значи, во оваа симболичка смисла може да се види и разликата меѓу актуелните „црни“ протести и Шарената револуција. Тоа е токму разликата меѓу темнината и светлината.
Впрочем и Никола Груевски се повикува го повикува народот на активна одбрана на неговата власт, бидејќи, нели, само тој ги гарантира сувереноста и унитарноста на земјата. За каков систем на размислување станува збор, можеби најдобро говори неговата изјава дека е подготвен да оди во затвор во замена за зачувување на Македонија. Оваа изјава може да значи само две работи – едната е дека владее целосен хаос во начинот на мислење на врвот на ВМРО-ДПМНЕ, а втората е дека можеби тоа бил модусот за спроведување на казнената политика во земјата – со ценкање. Од овој ракурс сосема легитимни изгледаат прашањата: што требаше во замена за затворската казна да понуди, на пример, Томислав Кежаровски; или што му беше барано на Велија Рамковски да не оди во затвор; или на Љубе Бошковски. Бидејќи, еве гледаме: Груевски ќе оди во затвор, само ако… Или нема да оди ако…
Да, навистина оваа држава треба во целост да се редифинира. Треба да стане една сосема нормална држава. Онаа каде што патиштата, болниците, училиштата, правото… ќе бидат приоритетни прашања пред таканареченото разнебитување или, ако сакате, одумирање. Онаа каде што прашањето: „Каде се парите?“ нема да биде перцепирано како велепредавство на националните интереси, туку како регуларен интерес на јавноста. А тоа, очигледно, не е можно со оние на кои власта им е единствената цел на постоењето.
Во меѓувреме, и покрај разно-разни трампови, мари ле пени, орбани, сирии, ердогани, путини… се доделија оскари. Некаде таму има и нормален свет.