Пивтија што не се тресе

На еден од транспарентите на студентските протести во Србија што го видов на еден телевизиски прилог, пишуваше: „Пред вас ни пивтијата не се тресе.“ Како осведочен љубител на овој зимски желатин, создаден главно од бескорисните делови на свинското месо, морав да ја забележам оваа реченица.

И не толку поради нејзината несомнена духовитост, туку поради нејзината порака. Основната карактеристика на пивтијата е токму тоа – да се тресе. Но, ако постои доволно силна волја и доволно силно заедништво, ете, ниту пивтијата нема да се тресе.

Моќта на солидарноста

Да, и јас, онолку колку што можам (а мислам дека можам доста), ги следам состојбите во Србија и следам како се развива и како дејствува веројатно најголемото студентско движење во Европа, а можеби и во светот, по 1968 година. И, како и повеќето луѓе во регионот, а богами и во остатокот на планетата, чувствувам восхит кон решеноста на овие млади луѓе да издржат до крај, како и извесна доза трогнатост од начинот на кој дејствуваат.

Постојат многу елементи што стојат во темелите на овие мои чувства. Но, тука би се задржал само на еден – на солидарноста. Претпоставувам дека читателот веќе знае, но не е на одмет и да се повтори, дека студентскиот протест безмалку се претвори во општонароден бунт. Зад и со студентите застанаа земјоделците, просветните работници, медицинските лица, уметниците, вработените во културните институции, таксистите, пензионерите… Се протестира во над 240 градови и населени места во Србија.

Што ги предизвика сите овие луѓе речиси во исто време да се мобилизираат и на овој начин да го изразат своето незадоволство? Кој е тој заеднички содржател што ќе ги поврзе заедно студентите, таксистите, земјоделците… во една целина?

Едноставно е, барањата на студентите за функционален систем ќе ги реши и парцијалните проблеми

Поводот за овој граѓански отпор секако е трагичен, падот на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 15 луѓе (да не заборавиме, меѓу нив е и македонскиот државјанин, научниот работник Васко Саздовски). И, иако и ова не е ниту мал, а уште помалку бесмислен повод, сепак тешко е да се замисли дека поради тоа адвокатите би влегле во општ штрајк. Или земјоделците. Или возачите на белградскиот јавен сообраќај.

Значи, причините се многу подлабоки и наједноставно можат да се дефинираат во терминот „заробена држава“.

Студентите, по дефиниција партиски неконтаминирани и без амбиции за преземање власт, плус со кристално јасни барања за воспоставување правна држава, држава со минимум корупција и со институции што ќе ја извршуваат својата работа, се одличен катализатор што може да собере различни социјални групи и да ги канализира нивните фрустрации и нивните барања.

Во барањето за „функционирање на системот“, можат да се препознаат и егзистенцијално понижените просветни работници, оние што се против загадувањето на природната средина, незадоволните од ниските пензии или од земјоделските субвенции… конечно сите на кои им е намален стандардот. А тоа е голем дел од населението.

Едноставно е, барањата на студентите за функционален систем ќе ги реши и парцијалните проблеми.

Сакам да кажам дека праксата на протестите на овие простори покажува дека нивната поделеност, всушност, е резултат на владејачкиот неолиберализам. Што би се рекло, „подели, па владеј“. Ако своите права, преку протести, ги бараат припадниците на ЛГБТ заедницата, тогаш тоа е само нивни проблем и на уште неколкумина активисти. Ако ги бараат луѓето со попреченост или со ретки болести, тоа е нивни проблем и на уште неколку активисти.

Ако ги бараат оние против рударење во нивниот крај, тоа е нивни проблем и на уште неколку активисти. Така е и со земјоделците, просветарите, полицајците, војниците, административците, новинарите… И ниту еден протест или штрајк нема да успее. Без неопходната солидарност, се разбира.

Данокот на солидарноста

Знам дека на многумина од оние што стасале до овој дел од текстот ќе им се крене косата на глава од мојата констатација дека масовноста и успехот на овдешната таканаречена „шарена револуција“ се должеше токму на солидарноста. Зошто велам дека беше успешна? Затоа што, му се допаѓало тоа некому или не, таа успеа да урне цел еден режим. Нејзиниот слоган „Нема правда, нема мир“ беше доволно универзален да привлече најразлични социјални групи, кои успеаја да си ги препознаат своите проблеми во евидентниот недостиг од правда и правичност.

Тоа што следната власт разочара многумина токму поради компромисите со (не)правдата, разно-разните политички договори со оние што евидентно требаше да одговараат, разно-разните амнестии и со извесен арогантен однос во практикувањето на власта, тоа веќе не беше проблем на шарената револуција.

Разочарувањето од ефектите на граѓанскиот отпор, едноставно, не само што го анестезира секој обид за граѓански отпор, туку речиси во секоја иницијатива што оди во таа насока се бара некаква заднина

Без оглед колку јас ги почитувам и без оглед на нивната масовност, протестите од типот на оние за безбедност во сообраќајот или против загадувањето на воздухот, го немаат оној неопходен кохезионен потенцијал што би можел да здружи повеќе општествени и социјални интересовни групи. Нивниот рок на траење, едноставно, е ограничен. До оној момент кога дел од „народните маси“ ќе се „потресе“ од некоја друга трагедија или од некоја друга ситуација.

Но, проблемот дури не е ниту во тоа. Разочарувањето од ефектите на граѓанскиот отпор, едноставно, не само што го анестезира секој обид за граѓански отпор, туку речиси во секоја иницијатива што оди во таа насока се бара некаква заднина, која најчесто се поистоветува со личната полза на оние што го иницираат или што учествуваат во отпорот. Има безброј примери дека ваквиот (доминантен) начин на размислување ги претвора граѓаните во „пивтија што се тресе“ пред власта, а не обратно.

Ние тука ќе се задржиме само на најновиот, оној кога Уставниот суд го укина таканаречениот солидарен данок. Да се потсетиме „солидарниот данок“ беше воведен во 2023 година, како една од мерките за ублажување на последиците од кризата со корона-пандемијата. Оваа мерка опфати нешто над 150 фирми што во 2022 година оствариле вкупен приход од десет и повеќе милиони евра.

Простата математика ни вели дека кумулативно, нивниот приход бил минимум меѓу милијарда и пол и две милијарди евра, а многу веројатно и повеќе. Сега, затоа што биле ставени во „нерамноправна положба“ и законот не го почитувал „уставно загарантираното право на приватна сопственост“, според одлуката на Уставниот суд, државата на овие фирми мора да им врати речиси педесет милиони евра за кои наводно ги оштетила.

Одлуката на Уставниот суд подразбира дека засегнатите фирми имаат право да бараат затезна камата на „изгубените пари“ и/или материјална штета по основ на претпоставена, а неостварена добивка.

Леснотијата со која премиерот ја искажа решеноста државата да влезе во буџетот и да ги исплати овие средства е прилично силен знак дека државата не ја управуваат политичките носители на власта, односно „избраните од народот“, туку – олигарсите!

До ваков заклучок доаѓам најмногу поради фактот што во времето на општа пизма кон судовите и судиите и во времето на преиспитување на повеќето нивни одлуки, одлуката на Уставниот суд речиси не наиде на никаква посериозна реакција. Иако станува збор за наши пари, за пари што државата ги собрала од даноците на граѓаните и сега ќе ги префрли во џебовите на олигарсите. Ако сакаме да бидеме доследни, и оние пари што фирмите ги платиле на име на „солидарниот данок“, всушност, се „исцицани“ од џебовите на граѓаните.

Зошто немаше никакви реакции на оваа одлука? Затоа што некаде по пат ја загубивме солидарноста. Само за потсетување, една од дефинициите на солидарноста е „емпатичен круг.“ Најпросто речено, солидарен е оној што ја дели својата храна со оние што немаат храна.

Со други зборови, солидарност, меѓу другото, е и правична, односно праведна распределба на вишокот средства. Оние што имаат, да им дадат на оние што немаат. Впрочем, јас така и го разбрав духот на „солидарниот данок“. Но, не. Кај нас оној што нема, му дава на оној што има. Некоја превртена, аланфордовска логика – да ги направиме богатите побогати, а сиромашните посиромашни. Божем Доналд Трамп лично дошол за премиер на Македонија.

Граѓаните се веќе успешно анестезирани во безлична пивтиеста маса, која не е потентна ниту да се тресе, ниту да ја менува својата агрегатна состојба. Велам, ги следам настаните во Србија. Не знам, можеби и ние ќе научиме нешто од српските студенти!

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија