Платформа е секако збор што ќе го одбележи овој период на македонската политичка историја. Платформа, барем според францускиот изворник, значи рамна површина (plate-forme), а во интернационалниот јазик главно се употребува за рамен вештачки или природен простор (спореди со платó). Има секакви платформи: во автобус, во воз, во трамбај; натаму софтверски, односно компјутерски, нафтени, морски, бродски платформи… Секако, има и политички платформи (во смисла на основни принципи, политички програми, појдовни основи на политичките партии, движења, организации, групи…
Македонскиот придонес во лексичкото значење на овој збор се состои во тоа што кај нас платформите се – градски. Веднаш штом запре цунамито со таканаречената Тиранска платформа (чија разорна моќ по македонскиот јавен простор се чини уште не е исцрпена и реално може да се очекува нејзин камбек на овдешната политичка сцена), се појави Софиската платформа со, би рекле, уште поминуциозен девастирачки ефект по здраворазумското политичко расудување. Ако, на пример, не беше баш најјасно како тоа службената (па и приватната) употреба на македонскиот јазик ќе го урниса македонскиот идентитет, овојпат станува збор за директен атак врз него – потпишување добрососедски договор со државата која не ви го признава јазикот, бришење на терминот „фашистички“ како придавка за карактеризирање на бугарските окупатори од времето на Втората светска војна, попуштања пред туѓи историографски доктрини итн. Добро, како и кај Тиранската платформа и кај Софиската станува збор за непроверени шпекулации, ама тоа е прилично небитно за медиумската и политичката кампања која жестоко и „десперадоски“ нѐ предупредува дека само што не сме се изгубиле од историската сцена. Ако не утре, тогаш сигурно задутре. Само да поминат празниците.
Основното прашање е зошто македонската патриотско-предавничката коалиција направи ваков упад во Грција? Кога тие се, нели, главните кочничари на македонскиот сеопшт економски, општествен, културен, цивилизациски прогрес. Одговорот, се разбира, е едноставен – затоа што се нормални луѓе!
Ете, еден државен празник, па макар тој се викал и Рамазан Бајрам, може сешто да направи и да измести во историската егзистенција на загрозениот милениумски македонски идентитет. На пример, не само да го одложи дејството на двете гореспоменати платформи туку и да воведе нова, која за потребите на овој текст ќе ја наречеме Атинска платформа.
Основното прашање е зошто македонската патриотско-предавничката коалиција направи ваков упад во Грција? Кога тие се, нели, главните кочничари на македонскиот сеопшт економски, општествен, културен, цивилизациски прогрес. Одговорот, се разбира, е едноставен – затоа што се нормални луѓе! Затоа што морето е многу попријатно од скопските горештини и локалните идентитетско-платформски будалаштини. Но, зошто токму во Грција, а не, на пример во Албанија, каде што морето исто така не е предалечно. И тука одговорот е прилично едноставен – затоа што и покрај сите балкански болештини од кои и Грција не е поштедена (напротив!), таа сепак е релативно нормална земја. Зошто? Затоа што е во Европската унија. Затоа што и покрај должничката криза и балканските небулози некои европски стандарди упорно опстојуваат во оваа земја. А ние сме жедни за стандардизација на нашите животи. И за да ја изгаснеме таа жед, подготвени сме со часови да чекаме на Богородица за да поминеме таму еден продолжен викенд. Плус и морето е тука, секако.
Време е да се елиминира таа дискрепанција помеѓу народот и државата која се дави во сопствената историја. Еве ви еден актуелен пример на државното хранење со задршка, односно со минатото свршено време. Како што јавуваат медиумите, Уставниот суд на својата наредна седница ќе се произнесел за уставноста на екстерното оценување. Кое е укинато! Еве и мој предлог што евентуално би можел да ги релаксира овдешните односи: да ја испита уставноста на завршетокот на Втората светска војна во Македонија. Или да го испита уставниот карактер на задушувањето на Карпошовото востание. А може, зошто да не, да ги прошири своите овластувања на меѓународен план, па да ја испита уставноста на укинувањето на робовладетелството во САД или на палењето на вештерките во Салем.
За разлика од претходните платформи, Атинската, главно обележана со масовна инвазија на македонските државјани на „непријателската“ грчка територија, носи одредени позитивни ефекти
На Черчил му се припишува дека рекол оти Балканот произведува повеќе историја отколку што може да ја свари. Ако се суди по македонскиот случај, се чини дека тој Черчил немал врска за што зборува. Балканот (поточно Македонија) не само што не произведува историја туку уште се наоѓа длабоко во XIX век. Можам да замислам какво ќе биде изненадувањето кај нашите елити кога ќе разберат дека Ленин победи во царска Русија уште пред Черноземски да го убие кралот Александар. Каква ли платформа за македонскиот идентитет ќе излезе од овој факт.
Не можам да предвидам што ќе се случи кога ќе сфатат дека дури ни Андон Ќосето не е веќе меѓу живите. Можеби тогаш ќе им текне да го досредат Градскиот стадион за супер-финалето на УЕФА. Или тогаш можеби ќе научат како се поставува траса на автопат и каде се ставаат клучки. Или кои лекови е неопходно да бидат ставени на позитивната листа. За човековите права, месецот на гордоста, родовата еднаквост… веројатно ќе почнат да мислат кога ќе влеземе во XX век.
Ете, затоа е добра оваа Атинска платформа. За многумина единствена шанса одблизу да видат барем дел од европските вредности. И единствена шанса да поминат неколку дена на море. Барем како мала пауза меѓу две битки за одбрана на македонската историја и македонскиот идентитет. Или како пауза меѓу две платформи.