Една од најстарите вистини за вистината отприлика вели дека вистината е она што ќе се договориме. А не она што навистина се случило. Познати се случаи кога сосема независни сведоци на сообраќајна несреќа даваат сосема различни верзии за случајот. Или еден личен банален пример: кога во гимназија мојата генерација одеше на екскурзија низ Југославија, јас не отидов. Многу, многу години подоцна на една од оние средби на годишнини на матура слушнав десетици анегдоти од екскурзијата во кои и јас сум учествувал. Бадијала беа моите убедувања дека воопшто не бев со нив тогаш. Едноставно, не ми веруваа. Тие ја знаеа вистината!
Да се разбереме, не е ова обид да се релативизира бугарската улога во фашистичката окупација на земјава, ниту да се прави обид за некаква ревизија на историјата. Конечно, веројатно е јасно дека единствената премиса (или барем најголемата) врз која Македонија се дефинира како држава е нејзиното учество во антифашистичката коалиција, односно вклучувањето на нејзиното население во антифашистичка борба.
Не знам што мисли Заев под редефинирање на бугарскиот фашизам, меѓутоа факт е дека бугарската држава (владата и царот) во тој историски миг ја избра погрешната страна. Тука ни јас, а богами ни Заев, не можеме повеќе ништо да сториме. Јас навистина не знам што пишува во бугарските учебници по историја (додуша повеќе не знам ни што пишува и во овдешните историски учебници), меѓутоа отстранувањето на терминот „фашизам“ од овој период на бугарската историја не е проблем на македонската историографија, туку на бугарската.
Ако, на пример, препознававме траги на фашизам во режимот на Груевски, дали би требало македонскиот народ да го квалификуваме како фашистички?
Можам јас да се сложам, како што се сложувам, со ставот на колегата Бранко Тричковски дека не постоела бугарска окупација на Македонија, затоа што не постоела ниту Македонија, но факт е дека постоела окупација на територијата на која е формирана Република Македонија и факт е дека таа окупација е искористена за конечното национално осознавање на македонскиот народ.
Лично, мене ми се чини прилично комично истите гласови кои упорно тврдат дека Македонија во првата половина на минатиот век била под српска и бугарска окупација, уште поупорно стојат на ставот дека Македонија не треба да им се извинува на Албанците за наводниот геноцид, затоа што тогаш – не постоела.
Претпоставувам дека веќе е ноторен факт дека кој било народ, па макар тоа бил и бугарскиот, не може да се нарече фашистички, како што ниту еден народ не може да биде геноциден, па ни демократски. Како ќе го дефинирате, на пример, германскиот народ: фашистички, геноциден, демократски…? Дури би рекол дека ни државите не се тоа туку системите. Ако, на пример, препознававме траги на фашизам во режимот на Груевски, дали би требало македонскиот народ да го квалификуваме како фашистички?
Конечно, историјата е приказна и зависи од раскажувачот. Ете, во бугарскиот јазик, на пример „история “ има значење и на историја и на приказна. Слично е и во хрватскиот: „povijest“, односно повест е во значење и на историја и на повест. Во англискиот јазик зборот „story“, што означува приказна доаѓа од „history“ итн. А приказната може да биде таква каква што ќе се договориме. Важно е иднината да ни биде таква каква што треба.
Кога сме веќе кај македонско-бугарските историски односи, некаде и некогаш ќе влезе во аналите и молбата на Македонската православна црква да биде посвоена од нивните бугарски колеги. Еве, да ја ставиме на страна историската улога на бугарската Егзархија на овие простори (која ние ја толкуваме како исклучително негативна), навистина ме замисли прашањето на еден мој пријател, чија поента отприлика е: кои се бенефитите за овдешниот верник, ако МПЦ биде признаена и за кој црн ѓавол мораме да се „мољакаме“ по комшиите да нѐ посвојат.
Мугабе стана лидер на неговата партија отприлика на годините кога Никола Груевски стана лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Денес Мугабе има 93 години. Има уште време за Никола Груевски!
Јас, како некрст, сум лаик по овие прашања и во принцип многу малку ме интересираат, меѓутоа, навистина – кој е бенефитот на македонскиот верник, ако неговата матична црква биде признаена од другите? Колку што знам Црквата е Телото Исусово, односно единството меѓу Творецот и неговата творба. Во неа спаѓаат сите индивидуи кои го прифатиле учењето на Исус и спасот го гледаат во него. Во таа смисла, сосема е небитно дали некој или некои ја признава/ат вашата вера и верба или не ја признава/ат. Впрочем и МПЦ, без оглед на нејзиниот меѓународен статус, врши служби на сите континенти, каде што има свои верници.
Ајде да кажеме дека можам да ја разберам фрустрацијата на МПЦ од непризнавањето (иако не можам), ама сепак не можам да се ослободам од впечатокот дека барањето за канонско единство со Бугарската православна црква е политички чекор кој, парадоксално, му удира нож во грб токму на сѐ уште нератификуваниот Договор за добрососедски односи со Бугарија.
Токму ова барање на македонското свештенство треба да ја потенцира нашата наводна подредена улога кон Мајка Бугарија. Тука, секако, е и одлуката на Судот за човековите права во Стразбур, кој досуди во полза на владиката Јован Вранишковски, чија Православна Охридска Архиепископија (ПОА) е и формално врзана за Српската православна црква, па ова барање на МПЦ до БПЦ може да се гледа и низ оваа призма.
Како и да е, останува прашањето на пријателот: што навистина добива овдешниот верник, ако нѐ посвои бугарската црква? И, воопшто, ако нѐ признаат сите цркви на овој свет? Претпоставувам, ништо. Но, она високо свештенство, она што е единствено од Бога дадено да ги толкува неговите зборови, тоа веројатно ќе добие уште некој џип.
И на крајот вести од светот: долгодеценискиот диктатор на Зимбабве Роберт Мугабе е срушен. Мугабе стана лидер на неговата партија отприлика на годините кога Никола Груевски стана лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Денес Мугабе има 93 години. Има уште време за Никола Груевски!