Добро, разбравме дека кој и да победи на овие локални избори, Македонија за четири години ќе изгледа како Амазонија и ќе извезува чист воздух во конзерви, но, за жал, еколошките теми едноставно се покажаа недоволни да ја возбудат масата и да ја поразат апатијата што го зафати македонскиот гласач.
Веќе не е важно дека ова се само локални избори, општинските надлежности едноставно се претесни за љубовта на македонските политичари кон своите граѓани. Особено љубовта на некои политичари на кои поразот им е бесплатен транвај за Шутка.
Стварно, штета што сте незаинтересирани за кампањава. Како се ближи молкот пред неделното гласање, така се вадат од ракав некои неверојатни џокери, кои сигурно ќе ве восхитат. А и ова со анкетите ги отвори „пет“ прста, особено оние на кои не им се баш многу наклонети. Не мора да ги следите истражувањата на јавното мислење воопшто за да видите кому (а и каде) му гори под нозете.
Еве, дури и ВМРО-ДПМНЕ, која убедливо води на анкетата на „Димитрија Чуповски“, се однесува како да не верува во ваквите резултати. Таман човек ќе си помисли дека сѐ што можеше да стане бесплатно во кампањава – веќе станало бесплатно, Никола Груевски распали со нова мерка за збогатување на граѓаните – бесплатна ужинка.
До петок на полноќ има сосема доволно време, ВМРО ДПМНЕ да се обврзе да ги преземе сите финансиски обврски од граѓаните, како би можеле тие своите плати да ги искористат за полесно да ги преживеат овие мрачни времиња под чизмата на СДСМ
До петок на полноќ има сосема доволно време, оваа некогаш владејачка партија да се обврзе да ги преземе сите финансиски обврски од граѓаните, како би можеле тие своите плати да ги искористат за полесно да ги преживеат овие мрачни времиња под чизмата на СДСМ.
Притоа, пресметките Груевски ги прави според методот на штедење во економската наука попознат како Рашковски метод. Имено, Груевски пресметал дека ако имате три деца од прво до петто одделение, вие како семејство сте заштедиле 17.000 денари на ужинка. Но, зошто да не заштедите и повеќе! Никогаш не е доцна да го зголемите семејството и да заштедите дополнителни 5.666 денари по дете. Направете и четврто дете и веќе сте заштедиле 22.666 денари на четирите деца само на ужинка, а каде е заштедата на бесплатни учебници, бесплатен јавен превоз, по селата и бесплатен интернет… Искористете ја оваа понуда веднаш и добијте гратис сендвич со шарска во „седмица“ за секој студент во семејството и гратис хамбургер-оброк во „Бургер кинг“ за секој средношколец.
Но, и тоа не е сѐ. Груевски ги презеде на свој грб и долговите за вода и ѓубре во општините каде што ќе победи. Е сега, за да не се осеќаме како наивни будали ние што си ги плаќавме сметките сиве овие години, како и за да не се наруши правната сигурност, веројатно нам што ни се платени сметките, до петок ќе ни вети дека ќе ни ги рефундира сите платени комуналии ретроактивно.
Некој, додуша, ќе рече дека и новопеченава власт одбива да поверува дека по долги години води на анкетите, па ветува работи што малку подзаличуваат на оној бројчаникот на Триумфалната порта, кој остана само пуста метафора. Еве, ова со мерцедесот што ќе го продавале, на прва топка некому ќе му заличи дека е предизборен маркетиншки трик, само затоа што шиткањето на грујовата мечка не беше ставено во планот 369, но не е така.
И така сега министерот за здравство Таравари е зафатен со локални избори во Гостивар, додека се продаде мерцедесот таман ќе имаме пак оперативен министер, па ќе може да се распише тендер за амбулантни возила
Ако случајно сте помислиле, онака, ептен случајно, дека е популизам што на Заев му текна да го шитка груевиот мерцедесот баш сега, на крајот од кампањата, морам да ви откријам една тајна. Не станува збор за никаков популизам, предизборен трик или нешто слично, тоа беше направено на барање на граѓаните.
Имено, на почетокот од мандатот на новата влада, животот само што беше дојден, па многу граѓани не беа сѐ уште при пари, па го замолија премиерот да ги почека некој месец, да присоберат некој денар. Кога е човек домаќин, не е тешко, ќе скрати од ова-она и ќе присобере пари. Но, не е доволно само да се има желба и домаќински став, треба да се има и продавач од збор од другата страна.
– Ептен сум сериозен купец, да оставам и капар ако треба – му рече еден граѓанин на премиерот.
– Каков капар, нема потреба, зборот е збор – му одговори премеирот.
Во меѓувреме, се роди и супер идеја. Со парите од мерцедесот – да се купат амбулантни возила. И така сега министерот за здравство Таравари е зафатен со локални избори во Гостивар, додека се продаде мерцедесот таман ќе имаме пак оперативен министер, па ќе може да се распише тендер за амбулантни возила.
Зошто да не биде и така распишан огласот: Се продава половен мерцедес, може и замена за амбалантно возило со ваша доплата.
Ако сакате да возите мерцедес со масажери на седиштата, а имате амбулантно возило што така ви седи во гаража, ова е идеална прилика за вас.
Па, и ако немате доволно пари. Може да си го земете мерцедесот, а потоа со министерот Сугаревски и вицепремиерот Анѓушев да се договорите за одложено плаќање. Не мора ни да стои тоа во првичниот договор, да ѝ се позлати раката на Бети Канчевска-Милевска, тоа анексот што го воведе во државната практика, се покажува како извонредно корисна алатка за решавање на разни проблеми со рокови и плаќања.
Ако сте потенцијален купец на мерцедесот, побрзајте додека судијата не го развил бизнисот со неовластено снимање. Засега снима само предистражни постапки низ дома, но наскоро ќе прошири и на неовластено снимање венчавки, крштевки, погреби, прва брачна ноќ…
Во меѓувреме, и други работи им одат во прилог на граѓаните заинтересирани за мерцедесот. Најголемата опасност да им го купи пред нос доаѓаше од судијата Владимир Панчевски. Едноставно, човек кој со државна плата може да заштеди за девет стана и за по некоја дивоградба што на своја сметка си ја урива ко од шега, без мака ќе заштеди и за мерцедес. Освен тоа, кога човек има недвижнини, особено во Скопје, секогаш може да продаде некое станче и да дојде до капитал…
Добро, за среќа на заинтересираните купци за мерцедесот, не секогаш. Треба да имаш клуч од станот за да го продадеш, а Панчевски самиот се пожали дека имал некој проблем со клучевите, а тоа се гледа и од промотивното клипче за станот што го беше снимил за свои потреби.
Затоа, ако сте потенцијален купец на мерцедесот, побрзајте додека судијата не го развил бизнисот со неовластено снимање. Засега снима само предистражни постапки низ дома, но наскоро ќе прошири и на неовластено снимање венчавки, крштевки, погреби, прва брачна ноќ…
И дајте што подобра понуда. Зашто ако сите излезете со иста понуда, можеби мерцедесот мора да ќе биде доделен електронски, софтверски, преку АКМИС, а таму веќе Панчевски е цар.