Регион

Казна затвор заради силување извршено во војната во БиХ

Жарко Вуковиќ, поранешен припадник на Војската на Република Српска (ВРС), беше осуден на седум години затвор за силувања на жена во Фоча, извршено во повеќе наврати, во 1992 година.

Ламија Гребо, Сараево

Судот на БиХ.Фото: БИРН

Судот на Босна и Херцеговина, го прогласи Жарко Вуковиќ, за виновен за силување на жена во Фоча, БиХ.

Како што наведе претседателката на судскиот совет, Медиха Пашиќ, Вуковиќ ја силувал жртвата во визбата на неговата куќа, од април до август 1992 година.

„Советот утврди дека Вуковиќ дејствувал како член на ВРС, во рамките на сеопфатен и систематски напад на воените, паравоените и полициските структури, насочен против бошњачкото население, свесен дека неговите постапки се токму дел од тој напад, со што извршил злосторство против човештвото“, рече Пашиќ.

Таа наведе дека смртта на оштетената, идентификувана како сведок А-1, настапила по поднесувањето на обвинението, и истакна дека изјавите што таа ги дала во текот на истрагата се во согласност со изјавите на другите сведоци, што ги потврдува фактичките наводи во обвинението.

„Уверувањето на советот во вината на обвинетиот за силување на оштетената се базира на нејзиното сведочење, кое е детално, уверливо и поткрепено со исказите на другите сведоци“, рече Пашиќ.

При одредувањето на казната, судот, како олеснителна околност го зеде предвид тоа што Вуковиќ претходно не бил осудуван, а како отежнувачка, бескрупулозност во вршењето на кривичното дело

„Изречената седумгодишна казна е пропорционална на тежината на извршеното дело“, рече Пашиќ.

Вуковиќ не се појави на изрекувањето на првостепената пресуда.

Ослободен е од плаќање на трошоците за кривичната постапка поради лошата имотна состојба.

На оваа пресуда може да се поднесе жалба.