На денешен ден (2 јуни), точно пред половина век, во 1975 година, група од нешто повеќе од сто проститутки (денес би рекле: сексуални работнички) ја зазеде катедралната црква „Сент Лизие“ во францускиот град Лион. Целта на протестот беше да се предизвика внимание за ужасните услови на нивната работа и зголеменото насилство врз нив. Зголемениот полициски притисок врз нив практично доведува до намалување на нивната заштита.
Протестот се случува по три убиства на проститутки и нивни масовни апсења. Барањата на протестантките се да се намали полициското злоставување, да се пуштат од затвор нивните колешки и конечно да се симне стигмата од нив. Интересно е да се каже дека протестот наидува на поддршка кај локалното население, кое им носи храна и облека на побунетите проститутки. Дури и одговорниот свештеник за Црквата, Антонин Бил одбива да викне полиција да ги отстрани проститутките.
Сепак, француската влада ѝ наредува на полицијата да интервенира, па на тој начин, по осум дена, на 10 јуни, окупацијата на „Сент Лизие“ е прекината. Протестот во Лион се смета за почеток на организираната борба на сексуалните работнички за нивните права, а 2 јуни е прогласен за Меѓународен ден на сексуалните работнички.
Професија или не?
Оттогаш досега, полека се развива свеста за дискриминацијата на најстариот занает на светот. Во 1987 година, под уредништво на Фредерика Делакоста и Присила Александер, излегува зборникот текстови „Сексуална работа: записи на жените во секс индустријата“ (Sex Work: Writings by Women in Sex Industry). Оваа книга, особено нејзиното дополнето издание од 1998 година, се смета за своевидна пресвртница во сфаќањето на проблемот со сексуалните работници.
Оттогаш се популаризира терминот „сексуална работа“, а под него се подразбира уличната проституција, ескортот, егзотичниот танц, еротската масажа, филмската и фотографската порнографија, секс преку телефон, видеоснимки на голи тела преку разни интернет-платформи (OnlyFans) и секаква друга секс-услуга што се наплаќа.
Непрепознавањето на проституцијата како регуларна професија создава сериозна дискриминација на луѓето (најчесто жените) што се занимаваат со неа. Како прво, овој тип сексуални работници не ги уживаат правата што ги имаат другите вработени, првенствено социјалното и здравственото осигурување. Што значи ова, можеби најдобро можеше да се види во времето на короната.
Во Шпанија, на пример, локалите што имаа лиценци и за бордели, добија помош од државата да ги исплатат своите вработени (келнери, шанкери, хигиеничари…), но не и проститутките, затоа што, иако проституцијата е декриминализирана во Шпанија, на проститутките не им е признаена професијата, односно не можат да се вработат во борделите каде што ги нудат своите услуги.
Вториот проблем е токму можноста за ширење разни заразни болести, меѓу кои и ХИВ, односно сида. Третиот е создавање сива зона во економските текови на земјата. Треба да се зема предвид дека, сепак, станува збор за цела индустрија што продуцира сериозни приходи.
Се проценува дека во споменатата Шпанија се регистрирани над 300.000 проститутки, а нивниот годишен приход што регуларно се пресметува во шпанскиот бруто домашен производ изнесува над четири милијарди долари. (Проценка е дека Шпанија е третата држава во светот по приходи од проституција, веднаш зад Тајланд и Порторико).
Сите овие фактори придонесоа за развивање на свеста за потребата од декриминализација и легализација на проституцијата. Низа земји во Европа и во светот, преку разни модалитети ја имаат легализирано проституцијата или барем ја декриминализирале. Што се однесува до Европа, во најголемиот дел од државите таа е легализирана.
Македонскиот дел од проституцијата
Најголемата концентрација на држави каде што проституцијата е забранета, всушност, е нашиот регион. Исклучок е Грција, каде што проституцијата е легална и регулирана (со задолжителни здравствени прегледи). Во Унгарија е дозволена во одредени зони, исто така со задолжителни здравствени прегледи.
Во Бугарија и во Словенија е дозволена индивидуална, но не и организирана проституција. Во другите земји: Македонија, Албанија, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска, таа е забранета.
И покрај обидите на некои организации (ХОПС, СТАР, Маргини…) да ја кренат свеста за проблемите на сексуалните работници, се чини дека во Македонија прашањето на проституцијата, што би се рекло, е девствено интактно.
Не постојат, а реално и тешко е да се направат проценки на бројот на проститутките во земјава, особено ако се земе предвид сивата бројка на имигрантки, без некакви легални документи што опслужуваат по некои опскурни и рурални угостителски објекти. Уште помалку, пак, може да се претпостави кои се финансиските импликации од овој бизнис.
Во Македонија, проституцијата се смета за прекршување на јавниот ред и мир и се казнува парично со 200 до 500 евра во денарска противвредност или со затвор од 30 дена. Прекршители се само давателите на услуги, а не и клиентите. (Во скандинавските земји е токму обратно – се казнуваат клиентите, а не и давателите на услуги). Значи, станува збор за таканаречената „улична“ проституција, односно за лица што доброволно, без присила се занимаваат со оваа дејност.
Од друга страна, поттикнувањето, наведувањето и овозможувањето, односно организирањето проституција е кривично дело, а за сторителот е предвидена затворска казна од шест месеци до пет години. Ако подведеното лице е малолетно, тогаш казната се зголемува. Во одделот „Трговија со луѓе“ во Кривичниот законик се наведува: „Ако некој врбува, превезува, пренесува, прифаќа или засолнува лице со цел сексуална експлоатација (вклучувајќи проституција), се казнува со најмалку 4 години затвор, а казната се зголемува ако жртвата е дете.“
Во тој случај, кривичните дела се неспорни (евентуално може да се дискутира за висината на казните), но затоа се спорни прекршочните дела, почнувајќи од формулацијата за прекршување на „јавниот ред и мир“, па сѐ до неказнивоста на клиентите.
На крајот на краиштата, легализацијата на доброволната проституција, не само што ќе ја укине општествената дискриминација врз одредена категорија луѓе, ќе го подобри општиот здравствен билтен, туку во голема мера ќе ги изрегулира и финансиските текови од оваа сива зона. Познато е, голем дел од сивата економија најефикасно се решава со нејзина легализација.
Се разбира дека постојат низа погледи на разрешувањето на овој проблем – од оној моралистичко-конзервативен, кој се залага за целосно истребување на проституцијата како драстично неморален чин, па сѐ до (радикално) феминистичкиот пристап за кого секое јавно изложување на женското тело, а уште повеќе продавањето сексуални услуги е понижување и злоупотреба на жената.
Либералниот концепт, пак, ги гледа проститутките како автономни субјекти, кои на пазарот на услуги стапуваат во деловни односи со клиентите. Овие односи би требало законски да се третираат, како што се третираат сите други деловни односи, со јасни санкции за прекршителите и со сигурни правила за заштита и гаранции за двете странки.
Без оглед на скрајнатоста на оваа тема во нашиот јавен дискурс, прашањето на проституцијата е пар екселанс прашање на човекови права. А човековите права се основата на секое здраво општество.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија