Санкција или едноумие?

Можеби некому ќе му се чини неважно или не многу битно дека американската филмска компанија HBO, под влијание на украинските власти, го исфрли српскиот актер Милош Биковиќ од третата сезона на телевизиската хит-серија „Белиот лотос“ (The White Lotus) поради неговите наводни проруски ставови.

Или дека неодамна, австриските литературни организации „Literaturfest Sulzburg“ и „Literaturhaus NO“ ѝ ги откажаа закажаните книжевна резиденција и литературно читање на босанско-херцеговската авторка Лана Басташиќ поради нејзините наводни пропалестински ставови. Или дека Франкфуртскиот саем на книгата ја откажа свечeноста по повод врачувањето на книжевната награда „LiBeratupreis“ на палестинската авторка Аданија Шилби, затоа што е – Палестинка? 

Или дека претставници на германскиот политички естаблишмент демонстративно го напуштија предавањето на словенечкиот филозоф Славој Жижек на тој ист Франкфуртски саем, кога овој се обиде да го критикува „гушењето на пропалестинските гласови“.

Овие примери на таканаречената „култура на откажување“ (cancel culture), како и на нешто постарата појава на говорот на политичка коректност, го отвораат прашањето дали овие релативно нови општествени феномени се, всушност, само оружје во рацете на центрите на општествената моќ за воведување софистицирана, но, сепак, бескруполозна цензура. 

Или, уште полошо, за воведување автоцензура.

Казна или цензура?

Авторот на овие редови и самиот се нашол пред вакви дилеми во пишувањето на своите текстови. На пример, дали политички коректно е да се напише „црнец“ за припадник на црната раса од африканскиот континент? Ќе признаете дека не сите Африканци по правило се црни, а дека е прилично ступидно да се напише дека се Афроамериканци, кога не се од САД.

Или дали е во ред да се напише „секс-симбол“ како карактеристика на некоја филмска ѕвезда од типот на Мерилин Монро?

Можеби овие примери ви изгледаат бенигни, но тие се почетокот на отворањето на Пандорината кутија за контрола на мислењето. Од друга страна, политичката коректност и културата на откажување, самите по себе, не мора по дефиниција да се гледаат како негативни појави. Ако станува збор за ширење на говор на омраза, навредување на малцински и ранливи категории, сексуално предаторство од позиција на моќ…, тогаш брзото и ефикасно „канселирање“ од некаква општествена заедница на поединци или групи луѓе или нивно „набивање“ на столбот на општествениот срам се веројатно оправдани санкции за вакво однесување.

Културата на откажување и политички коректниот говор стануваат моќно оружје за наметнување унисоно и унифицирано мислење. Нежен начин на воведување своевидно „едноумие“ и исфрлање на секаква критичка промисла од јавниот говор

По природата на работите, „жртви“ на културата на откажување се јавните, односно познатите личности. Првенствено станува збор за уметниците, потоа луѓето од естрадата, а најмалку или најтешко на овој начин се жигосуваат – политичарите! Оваа перцепција веќе ја проблематизира улогата на културата на откажување, како некаква „револуција одоздола“ (кога една општествена заедница екскомуницира поради непримерено однесување) и воопшто како некаков општествен коректив.

Проблемот е во тоа кога предмет на општествената инквизиција ќе станат политичките ставови што се некурентни за времето во кое живееме. За разлика од споменатата Басташиќ, писателите Едуард Лимонов и Петер Хандке, кои се фотографираа како пукаат од Пале врз Сараево и јадат вол на ражен со воените злосторници од југословенските војни, не само што не беа „канселирани“, туку овој вториот доби и Нобелова награда за литература.

Тоа може да значи само едно: дека некои ставови што кокетираат со конзервативизмот во неговиот најлош облик, со етноцентризмот, политичкиот национализам и слични политички ретроградни процеси, денес, не само што не се општествено осудени, туку се чини дека се дури и општествено пожелни. Ете, отворено неонацистичката германска политичка партија Нова алтернатива, не само што не е презрена, туку е трета партија по сила во Германија.

Наспроти ова, ако својата филмска кариера сте ја граделе во Русија или ако го кренете својот глас против убивањето деца, жени и, воопшто цивили, во Газа, вие ќе бидете неподобни за „политички коректниот“ културен естаблишмент во западниот наводно демократски свет.

Значи, за разлика од десничарските идеи, ако сакате и фашистичките идеали, левичарските идеи, особено вклучувајќи ги тука комунистичките идеали, се проскрибирани и општествено презрени. Или што би рекла самата Лана Басташиќ: „Видов како изгледа фашизмот кога нема да се измени од корен, кога ќе се пресоблече во финиот испеглан костум на демократијата, а нема да ги промени своите посрани гаќи“.

На овој начин, културата на откажување и политички коректниот говор стануваат моќно оружје за наметнување унисоно и унифицирано мислење. Нежен начин на воведување своевидно „едноумие“ и исфрлање на секаква критичка промисла од јавниот говор. А познато е: јавност без критичка промисла е манипулирана и манипулативна аморфна маса што може да се обликува по нечија волја.

Или поточно, според нечија идеологија. Десничарска идеологија.

Македонската култура на откажување

Како стои Македонија во поглед на културата на откажување? Навидум никако. Формално нема екскомуницирани личности, нема одземени награди, нема откажани литературни читања, нема забранети уметнички творби…

Една од причините за ваквиот заклучок е и констатацијата дека во Македонија уметноста и културата воопшто одамна немаат никакво значење. Тие служат само како реторичко средство во скудните политички говори за зачувување на фамозниот „идентитет“. Или за одбележување на годишнините на раѓањето или смртта на Гоце Делчев, кога редовно ќе се спомене неговото разбирање на светот како поле за културен натпревар меѓу народите. (Еве, сега следат избори, па ќе видиме како партиите го разбираат нивниот меѓусебен културен натпревар.)

Битната разлика меѓу нас и западниот свет е во тоа што кај нас културата на откажување не е „револуција одоздола“, туку е „револуција одозгора“. И таа се спроведува во согласност со идеологијата, па и гарнитурата што е власт

Овдешните уметници не се јавни личности од типот на оние на Запад. Нивниот медиумски простор на дејствување е максимално стеснет. Дистрибутивната мрежа на ширење на културата се насетува само во траги. Со други зборови, уметниците тука никој не ги прашува за каков било став по некои битни општествени прашања и теми. А и ако некој се обиде да ги праша малку пошироко од нивниот опсег на работа (како што сум се обидувал јас), најчесто ќе го добие одговорот: „Еј, немој за политика, те молам“. 

Небаре не е сѐ околу нас политика.

Всушност, ваквото однесување и на државата, а богами и на уметниците, не доведува до заклучокот дека, наспроти врежаното мислење, во Македонија и тоа како владее културата на откажување. Битната разлика меѓу нас и западниот свет е во тоа што кај нас културата на откажување не е „револуција одоздола“, туку е „револуција одозгора“. И таа се спроведува во согласност со идеологијата, па и гарнитурата што е власт.

Како поинаку да се објасни минимализирањето на партизанските традиции и придобивките од социјалистичкиот период, како да се објасни смената на имињата на улиците, училиштата и установите, како да се објасни онаа несреќна лустрација што зафати најголем дел уметници, како да се објасни проектот „Скопје 2014“… Никако, освен како култура на откажување. Кога малку подобро ќе размислам, целата наша понова историја, всушност, не е ништо друго, туку историја на културата на откажување.

Еден мој професор ме учеше дека сите мислења се дозволени, освен тресење глупости. Ми се чини дека нема посоодветен заклучок за овој текст.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија