Шалтер за рекламации

Зошто Македонија била коспонзор на резолуцијата на САД? Видете ги само забелешките што го придружуваат ова прашање и станува јасно каква шупливост се крие зад нив. Зар не можела да тактизира, зар не можела да изберe комфорна зона наместо да се изложува, не требало да привлекува внимание, требало да гласа за украинско-европската резолуција, да биде во единство со земјите од Европа и да покаже став кон агресорот…

Сè што требало да покаже – Македонија покажала досега стотици пати, без тактизирање. Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносна политика на ЕУ, Македонија ја осуди агресивната војна на Русија во Украина, Македонија е петта земја (по жител) според помошта што ѝ ја дава Украина.

Никој од актуелните власти во Македонија (а и претходно кога не биле на власт) не оспорувал дека Русија ја почна војната во Украина. Никој никогаш не барал олеснителни околности за крвавиот потег на Москва. И сега одеднаш – доаѓаат забелешки. Зар е грешка да коспонзорираш резолуција што отвора пат за мир? Руската војна во Украина влезе во четврта година. Секој ден гинат невини луѓе.

Тоа што одново би констатирале дека Русија е агресорот, не ја менува ситуацијата. Уште помалку ќе се смени со тоа што еднаш годишно, згради на министерства ширум Европа ќе светнат во боите на Украина. Тоа е симболика, но состојбата бара акција.

Стратешка двосмисленост

Во изминатите три години, токму клучната забелешка беше дека во современата светска елита нема дипломати од таков голем габарит (какви што имало некогаш) што би направиле пробив и би отвориле пат за преговори за мир. И кога САД презедоа таква иницијатива, Европа стана критична околу формулациите во американскиот предлог-текст. Но, може ли да отвори пат кон запирање на војната ако се користи речник со кој е жигосан агресорот? Нормално е дека и тоа подразбира одредена промена.

На крајот, резолуцијата на САД беше усвоена во Советот на безбедност на ОН и е обврзувачка. Чудно е што амбасадорот на Франција во Македонија, со голема леснотија, ја оквалификува одлуката на Македонија во однос на резолуциите како „неочекувана.“

„Постои навистина неопходност за излегување од конфликтот во Украина, но има и поважна тема, а тоа е вредноста што денес ја даваме во Европа на територијалниот интегритет, почитувањето на сувереноста, империјализмот на еден сосед во однос на друг сосед, до тој степен што се негира неговото постоење, идентитет и јазик. Тоа е тема што бара единствен европски одговор“, изјави францускиот амбасадор.

Во Македонија ли да најде да објаснува што значи некој да ти негира идентитет и јазик? Да е лицемерието уште поголемо, во исто време Франција гласаше „воздржано“ за резолуцијата на САД. Париз можеше да ја блокира или да биде против. Но, се реши за воздржаност. И да држи лекции на други.

Да не заборавиме, Макрон претходно изјавуваше дека „Трамп може да иницира корисен дијалог со рускиот претседател, но и дека истовремено создава стратешка двосмисленост, што му овозможува на Путин да ја искористи неизвесноста за вршење притисок.“

Дали воздржаноста на Франција при гласањето во СБ можеби претставува стратешка „недвосмисленост“? Уште потегобно е да се гледаат оние пиљарски пресметки пред камерите, за тоа кој колку дал за Украина и колку треба да си врати, додека Украинци гинат.

Интерес и само интерес

Каде се вклопуваат во тој муабет прокламираните вредности со кои нас ни го тријат носот, додека без задршка доминира интересот кој колкав простор ќе околчи за експлоатација на суровини во Украина?

И додека главниот наратив е дека таму „Трамп ќе копа“, дека САД се водат од својот интерес, треба ли да заборавиме зошто Шолц и Макрон лани дојдоа во Белград. Не дојдоа да зборуваат, на пример, за (не)усогласеноста на Србија со санкциите на ЕУ кон Русија, за фрагилноста на демократските стандарди во земјата, за сметката што Белград треба да ја положи за настаните во Бањска, за нормализација на односите со Приштина или за тешките зборови што од српски политичари беа упатени на адреса на Берлин по иницирањето на резолуцијата за Сребреница. За литиум дојдоа.

Макрон јасно кажа дека само ЕУ може да ѝ обезбеди на Србија независност и сувереност, додека таа поседува средства за својата стратешка автономија.

„Таа стратешка автономија ќе ја изградиме заедно, обезбедувајќи си средства за осигурување на нашата безбедност и зајакнување на нашата одбранбена соработка. Но, ќе ја изградиме и во областа на индустријата, во сите сектори каде што треба да се обединиме за да бидеме поотпорни на безмилосната меѓународна конкуренција, во областа на критичните суровини, лековите и вештачката интелигенција“, најави Макрон.

Приказните за „вредностите“ и за другите „критични суровини“, како што се владеење на правото, слободата на медиумите и независното судство, се наменети за одржување топол ходник со земји-кандидати и за длабоко асиметрична позиција со членките на ЕУ, што тие го злоупотребуваат за да си ги лечат своите фрустрации врз грбот на кандидатите.

На вистинска адреса

Во контекст на сето ова, СДСМ подобро е да молчи и да не се фали дека ним им се јавувале многу амбасадори зашто откриваат дека вториве ја „утнале“ адресата, ама не по грешка. Се јавиле кај страната што секогаш безрезервно прифаќа сè, па и вакви „рекламации.“

Не е лошо да се научи, макар и задоцнето, дека подрачјето на суверенитетот почнува во умот, а се зајакнува кога ќе направиш дисконтинуитет на создадената перцепција да те гледаат како некој што беспоговорно ќе се подредува во стројот, иако со децении е оставен да чмае на опашката.

Првпат таа перцепција сега е нарушена со македонското коспонзорирање на американска резолуција. Најглупавото прашање од тие што имаат Павлов рефлекс да трчаат по фрлена коска за да ја одржат стражата на крајот на опашката е – што добива Македонија од тоа, односно свесна ли е колку може да изгуби. Едно веќе е потврдено – со тапкање по рамо веќе изгуби две децении.

На тие што се при очи слепи, и да им нацрташ – нема да разберат. Ако сам не си обезбедиш почит, никој нема да ти ја даде.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонијa